Маестралната визуелна урбана бајка „Град на гревот“ на холивудскиот вундеркинд Роберт Родригез и одличната улога на Мики Рурк беа причина малку да се навратиме на сјајните моменти од кариерата на славниот боксер-актер.
По „срамежливите“ улоги во филмовите како „1941“, „Телесна жештина“, „Папата од Гринич вилиџ“ и уште неколку други наслови, Рурки својата вистинска промоција ја доживеа во улогата на њујоршкиот полицаец Стенли Вајт во филмот „Година на змејот“ во средината на 80-те години од минатиот век. По тој успех, следеа улоги во филмовите полни со еротски набој како „9 1/2 недели“ и „Дива орхидеја“, откачената трансформација во ликот на Чарлс Буковски (алијас Хенри Кинаски) во „Барска мушичка“, и улогата која по вредност е рамо до рамо со онаа од филмот на Чимино, ликот на Хари Ејнџел во прекрасниот „Ангелско срце“ (1987) на Алан Паркер.
рака на срце, актерот не е единствената причина за ова ретро кон овој значаен филм. Вториот интересен момент е потписникот на сценариото Оливер Стоун. Во годините кога се’ уште не можеше да се одлучи дали да продолжи како режисер, со три долгометражни полу-успешни остварувања зад себе, тој упорно го трасираше својот пат во филмската индустрија пишувајќи или адаптирајќи сценарија кои, и тоа како, добро поминуваа кај публиката и критичарите. Доказ за тоа се насловите „Полноќен експрес“ (1978) на Алан Паркер, „Конан Варваринот“ (1982) на Џон Милиус и „Лице со лузна“ (1983) на Брајан де Палма.
Судбината сакаше со адаптација на истоимениот бестселер на Роберт Дејли неговата сценаристичка приказна да го спои со режисерската приказна на Мајкл Чимино, човекот кој зад себе го имаше култното остварување, Оскаровецот „Ловец на елени“ (1978), но и едно од најголемите промашувања во историјата на филмот, „Небесна порта“ (1980), филм со ѕвездена екипа, но за жал без приказна.
„Змејот“ беше одлична можност за сите три горенаведедни имиња (Рурк-Стоун-Чимино) да испливаат на површина и да им покажат на злобниците дека се работи за значајни фигури кои знаат да снимат култно остварување за кое, еве, и по 20 години, ќе се раскажува на долго и широко.
По сета оваа фактографија и референци, конечно збор-два и за самото остварување. Сенките од виетнамската војна, блиската тематика и за Стоун и за Чимино, се’ уште надвиснуваа врз американското општество и десет години по завршувањето на војната. „Година на змејот“, на некој начин, е префрлање на таа војна на улиците на Њујорк, поточно во Чајнатаун, кадешто полицаецот Стенли Вајт, виетнамсиот ветеран, не сакајќи да направи компромис со кинеската мафија, низ улиците на Големото јаболко гони се’ што ќе му застане на патот, претворајќи ја војната во личен мазохизам. Корупцијата, криминалот, политиканството и хистеријата без правила на улиците на велеградот не е нов момент во филмската историја, меѓутоа, Чимино, потпомогнат од одличниот кастинг, ја отсликува бескомпромисно: со бркотници што ве оставаат без здив, десетици мали безнадежни линови кои ја креираат големата приказна за животот во криминалниот кварт, и пред се’, дуализмот меѓу закрвениот полицаец, кој на моменти ја губи главата, и неговиот опонент, главата на мафијата Џо Таи, успешно одигран од Џон Лоун. Оваа приказна не би била толку успешна доколку во неа нема и заводлив женски лик, еден вид „фам-фатал“, која во случајов ја игра расниот модел со холандско-јапонски шмек, Аријана, како ТВ-хероината Трејси Цу, која мудро игра на линијата помеѓу двете зла: љубовта кон белиот наку.чен полицаец и кодексот на честа кон ќолтиот зае.ан шеф на мафијашкиот клан.
„Година на змејот“ ве обзема со сличен интензитет како и неговиот легендарен брат-претходник „Ловец на елени“, и токму затоа и ден-денес претставува филм што вреди да се погледне уште еднаш.
@Текстот е објавен во декемврискиот број на магазинот „Филтер“ 2005 година.