На најубавата сплитска плажа Бене, има една фина летна сцена под сенката на дрвјата, каде по цел ден пеат штурците, и каде во вечерните часови се одржува дел од програмата на 69 издание на „Сплитско лито“. Таму се одигра и претставата на ХНК (Хрватскиот народен театар од Сплит) според антологиското дело на американскиот писател Френсис Скот Фицџералд, „Големиот Гетсби“.
Фино беше да се присуствува на таков спектакл додека дувкаше пријатно ветренце од морето зад сцената, под соѕвездието „Голема мечка“ на небото, каде на секои 10-15 минути се гледаа авионите кои слетуваа и одлетуваа од сплитскиот аеродром.
Меѓународно признатиот кореограф Лео Мујиќ одлично ги доловил поентите на класикот, како негативните аспекти на американскиот сон и ригидноста на високите општествени кругови на Њујорк помеѓу двете светски војни, кои не дозволувале премин од една во друга класа.
Духот на 20-те години на минатиот век, добата на џезот, одлично е доловен преку делата на американските композитори Филип Глас, Леонард Бернштајн, Џорџ Гершвин, Глен Милер…
„Таквата музичка слика креира совршена звучна и емотивна подлога на танчерската приказна за светот на гламурот, амбициите, денгубата и моралната празнотија на високите американски слоеви од тоа време“, се вели во освртот кон претставата.