Во моментов во Австралија температурите се движат меѓу 15 и 20 степени. Користејќи го ова „студено“ време во овој дел од годината, тие истражувале и наишле на еден многу добар проект токму од овие простори, решавајќи да го применат и на нивно тло. Со оглед на се’ поголемите суши и пожарите кои во минатите години му се случија на овој контиент, тие одлучија да го инаугурираат „Денот на дрвото“, кампања која на големо се рекламира под мотото „Засади ја својата иднина“. На местото на Борис Трајанов решија да го повикаат нивниот славен музичар, кој во последниве декади живее на британска адреса, но тој сепак е нативен Австралијанец и добар избор за главно лице на еко-проектот.
Ник Кејв сесрдно ја прифати улогата и со првиот авион замина во родната грутка. За почеток на австралискиот „Ден на дрвото“ беше избрана локација крај едно мало езеро, каде музичарот облечен во негов стил, со жолти чевли како врв на суптилниот вкус, и покрај малите проблеми со ашовот, успеа да засади дрво кое, додека расте, ќе го носи неговото име. По свеченоста тој одржа мини концерт на акустична гитара пеејќи ги своите најголеми хитови, одвреме-навреме влегувајќи во религијски дијалог со демонот во себе.
На прес конференцијата, запрашан дали смета дека „Денот на дрвото“ ќе биде успешен проект за неговата татковина, како во некои европски земји во минатото, тој кратко, и во негов стил, одговори: „Се надевам дека конечно засадив добро семе“, алудирајќи на неговиот бенд „The Bad seeds“, со кој го помина поголемиот дел од кариерата.
„По ова, иднината не само на континентот, туку и нашата планета, дефинитивно е загарантирана“, заклучи Ник, запали цигара и отиде да ги нахрани кенгурите.