„Илина и тајните на Бабин заб“ од Хана Корнети

Како втор дел од најавената трилогија, денес од печат излезе „Илина и тајните на Бабин заб“ од Хана Корнети, во едицијата за деца и млади „И ете приказна“ на издавачката куќа „ИЛИ-ИЛИ“. Авантурите на шармантната Илина и во овој дел продолжуваат да се развиваат во различни насоки, носејќи возбуда и неизвесност за читателите.

„Илина е една година постара – ама дали е и помудра? Учи да стане вештерка, ама не сака да слуша. Прави бенд со татко и’, ама нивната музика звучи како расипан тостер. И сака да им помогне на шумските тролови да ги вратат боите во градот – ама нема поим како!

А насред сето тоа, се шушка легендата за стариот Бабин заб, село кое го проголтала природата, село кое ако слушаш внимателно, можеш да го чуеш…“

Илина и тајните на Бабин Заб е втората книга за чудни, умни, вакви, такви, големи и мали деца и е продолжение на „Илина и шумските тролови“.
Ако ти се допаѓаат книгите за Илина, погоди што? Наскоро ќе има и трета! Следниот роман за Илина и нејзината банда ќе биде нашето последно ѕиркање во нејзиниот волшебен свет. Но магијата, знаеш, никогаш не исчезнува. Таа едноставно се сели на друго место – во твојот свет“, се вели во најавата за излегувањето на книгата.

Хана Корнети (Скопје, 1992) сака да пишува, да гали кучиња, да јаде палачинки и да се жали – особено кога ќе снема палачинки. Досега има објавено две збирки раскази за возрасни – „Млечни заби“ (2021, Или-Или) и „Каде леташ, Јулија?“. Исто така, заедно со Ивана Чалоска и Димитар Самарџиев, е коавторка на книгата-нефикција: Croprising: Good Weeds & Bad Gardeners – A Guide.