Секој нов филм на Квентин Тарантино претставува вистински празник за филмофилите низ светот. На секој негов нареден проект се чека по неколку години, но така тензијата повеќе расте, за на крајот да добиеме уште едно незаборавно патување врежано на целулоидната лента за век и веков.
Омилената дестинација на „лошото дете“ на Холивуд е Канскиoт филмски фестивал. Таму ги доби првите почести во својата филмска кариера за првенецот „Касапски кучиња“ и затоа филмаџијата секогаш со драго срце се враќа во малото гратче на југот од Франција, каде и годинава беше главен фраер со својата филмска банда. Башка, дејствието на „Неславни копилиња“ се случува токму во (окупираната) Франција (за време на Втората светска војна), и спектаклот можеше да почне. И не само што почна, туку тој се’ уште трае. Овие денови новиот филм на Тарантино ги доживува своите блескави моменти во кино-салите насекаде низ светот, како врв на уште една одлична филмска кампања која режисерот го враќа на заслужениот врв на филмскиот пиедестал.
Кога се пишува за филмовите на автор од ваков калибар, неизбежно е да се наведат разни референци поврзани со неговата естетика и да се споредат одредени моменти во новиот филм со слични од претходните. Овој пат падна одлука тоа да биде низ прима на петте поглавја кои го сочинуваат „Неславни копилиња“, а бројот пет си носи и друга тежина во филмографијата на Тарантино, бидејќи токму „копилињата“ се неговото петто самостојно долгометражно остварување, можеби најзрелото досега.
„Беше еднаш… во наци-окупираната Франција“ е прекрасен вовед во филмот. Планинско село во кое едно семејство ги крие пријателите-Евреи под подот. Маестрално решена морничава сцена проследена со музика која е микс од Бетовеновата „За Елиза“ и препознатливите шпагети-теми на Енио Мориконе. Бум!
„Неславни копилиња“ е претставување на специјалниот одред составен од Евреи кои треба да ги ликвидираат главните СС-офицери во Франција, Апачи-тактика која бара по сто германски скалпови од секој протагонист. Алдо Рејн (Бред Пит) е умен, Хуго Штиглиц (Тил Швајгер) е безмилосен, Дони Доновиц (Илај Рот) е мајстор со бејзбол-палката… А Хитлер станува нервозен. Се плаши да не добие Свастика на челото. Мајко мила!
„Германска вечер во Париз“ е голема посвета на хероите на предвоениот француски и германски филм. Малото париско кино кое го раководи преживеаната Еврејка од воведната сцена, и покрај воената состојба, организира ревии на германскиот експресионистички филм од 20-те години на 20 век. Макс Линдер, Г.В. Пабст, и секако, љубимицата на Фирерот, Лени фон Рифенштал. „Ние сме Французи и ги почитуваме режисерите“, вели Шошана Драјфус, како да мисли на самиот Тарантино. Од твоја уста во Божји уши. Мајсторот се врати во колевката на седмата уметност, онаму кадешто браќата Лимиер во 1895 година ја започнаа филмската историја.
Киното е храм над храмовите, а во поглавјето „Операција кино“ министерот за пропаганда, Гебелс, ја сфаќа моќта на филмот и затоа сака да го смени текот на историјата снимајќи херојски филм за еден германски војник, за кој самиот Хитлер му вели дека е неговото најдобро дело дотогаш. Но, нитратната целулоидна лента лесно гори. Се подготвува одмазда која може да ја смени историјата. По масовното убиство во кафулето, каде одредот „копилиња“ требаше да се собере, следи модерна CSI-истрага од страна на фантастичниот офицер Ханс Ланда (Криштоф Валц), која во преден план го истакнува фетишот на Квентин, стапалата. Foot massage. Се сеќавате на „Pulp fiction“, нели!?
Петтото поглавје „Одмаздата на џиновското лице“ започнува со тема од Дејвид Боуви, додека фаталната дама во црвено (Мелани Лорен) се подготвува за големото финале. Препознатлива наци-естетика за време на филмската премиера. Додека Хитлер бара гума за џвакање за да го освежи здивот, големото лице од платното вели: „Сите ќе умрете!“ Со експлозијата на киното, симболично се означува смртта на филмот, но и зората на новото читање на подвижните слики. Прекрасно!
Или, кога Квентин Тарантино ќе се „навлече“ на одредена тема која треба да ја филмува, тогаш држете ги гаќите. Неговите истражувања се длабоки, а неговиот израз – луциден и супериорен. Но она што најмногу радува е што овој филмски автор и понатаму е свеж и возбудлив во идеите, и по никоја цена не сака да избега од своето славно филмофилско минато. Рециклирањето на веќе видените работи и нивното реинтерпретирање низ сопствена, модерна визура, е веќе апсолвиран рецепт кој и понатаму одлично функционира. Непобитен доказ за тоа е токму овој одличен филм. Ви останува само да се опуштите и да уживате во патувањето 😉
@Текстот е објавен во неделникот „Глобус“ на 29 декември 2009 година.