Македонскиот режисер со чешко педигре, Иво Трајков, беше еден од првите кој го откри филмскиот потенцијал на Хамзи-пашините конаци во Бардовци за снимање на поголемиот дел од сцените во филмот „Големата вода“. За таа цел беа ангажирани многу локални натуршчици, особено од помладата генерација, поради потребата за снимање масовни сцени, кои во рамките на стариот турски конак и тоа како добија на автентичност.
Филмот на Трајков ја доживеа македонската претпремиера во април, за есента 2004 година филмот да се прикажува претежно во киносали во другите градови од Македонија за да се задоволи критериумот за учество во селекцијата за Оскарите, чиј претставник од Македонија беше токму „Големата вода“. Филмот го отвори и новото издание на фестивалот „Браќа Манаки“ во октомври истата година, за да финишира со светска премиера на фестивалот на Американската филмска академија во ЛА во ноември, каде што екипата многу лобирала кај членовите, но на крајот – за бадијала. Интересно е да се потенцира дека, бидејќи станува збор за многу сличен период на снимање и реализација на филмовите „Илузија“ на Ристовски и „Големата вода“ на Иво Трајков, два проекта во кои децата се носители на главните ролји, фигурира името на одличниот кастинг-директор за деца, Украинецот Микола Хејко, кој, за жал, потоа прерано го напушти овој свет. На крајот од овој вовед да споменеме и дека лудилото на бардовската идила по снимањето на филмот ја зафати и продукцијата на овој филм, кој долго време ѝ должеше пари на дел од филмската екипа, за што понекогаш срамежливо, а понекогаш гласно се зборуваше меѓу фелата.
– На почетокот би сакал да ни претставите една мала лична карта за себе, особено поради фактот што бевте и сте дел од легендарната Прашка филмска школа, која во минатото даде плејада филмски автори што го дефинираа европскиот филм, особено оној што доаѓаше од оваа страна на железната завеса. Нè интересира што сè сработивте до актуелниот филм, „Големата вода“?
Иво Трајков: Се запишав во 1986 година, во Прага се студира пет години, завршив некаде 1991/2, малку ми беше прекинат престојот зашто кога бев четврта година, добив професионална понуда да го снимам својот прв филм, кој и ден-денес се води како телевизиски филм, иако беше сниман на лента, затоа што единствениот продуцент беше државната чешка телевизија. Тоа беше предизвик, а на крајот филмот беше одлично примен во Европа, па дури и ден-денес се врти на некои телевизиски канали. Исто, филмот доби и еден куп награди на филмските фестивали, така што сето тоа ми помогна да се етаблирам како талент. Почнав да добивам не баш интересни понуди, подготвував и свои работи, и во 1993 година почнав да снимам филм со доста голем буџет за тоа време. Се работи за „Канарска врска“. Во меѓувреме се занимавав со снимање документарци и кратки играни филмови.
– Како ги избиравте проектите, колку од нив беа авторски, ваши, а колку снимени според приказни на други сценаристи?
И.Т. Јас имам интересна филозофија, одлучив да прифатам сè што ќе ми биде понудено, ама само по еднаш. И многу бргу сфатив дека искуствата се најважна работа. Во 1998 година го снимив филмот „Минато“, кој е специфичен и експериментален, без дијалог, приказната е раскажана преку слики. Филмот беше дел од педесетина фестивали низ светот. А поради „Големата вода“ не завршив еден филм кој, парадоксално, снимен е пред него, а ќе излезе по него.
– Дали често истражувате во книжевноста приказни што би ве испровоцирале подоцна и да ги снимите? Колку безвременската приказна на Чинго беше пресудна при изборот да се реализира на големото платно?
И.Т. Ми причинуваше задоволство работата на „Големата вода“, зашто предизвик беше да се екранизира специфичната приказна на Чинго. Предизвикот лежеше во фактот што сепак романот беше многу далеку од филм. Долго време работевме врз сценариото, се изменија многу сценаристи, процесот беше тежок, но најмногу ме интересираше да се задржи универзалноста на темата, зашто приказната зборува за најосновните човечки работи – пријателството, предавството, љубовта, религијата, изневерувањето… Тие работи биле присутни и тогаш и денес, некои големи промени нема. И уште од самиот почеток на работата си дадовме една цел – сакаме да направиме филм од светски рамки, затоа што тоа ѝ е потребно на Македонија.
– Колку во претходните филмови имавте искуство во работата со деца? Ми се чини дека тоа е најспецифичниот дел од работата во овој проект.
И.Т. Работата со деца е многу тешка, затоа што децата не се актери. Пристапот кон работата е сосема поинаков. За тоа ви требаат луѓе што се професионалци. Јас мислам дека го имав најдобриот во Европа, мојот добар пријател Микола Хејко. Тој го презема тој дел од одговорноста, за кој ти треба вроден талент. Вториот аспект е што некогаш детските актери, ако добро ги одберете и добро ги водите, тие ќе се оддолжат на најдобар начин. Тоа што тие можат да го направат е нешто што ретко кој актер може така да го направи, зашто професионалниот актер секогаш знае дека е сниман. Нашиот филм исто така е специфичен по тоа што во една сцена се појавуваат 250-300 деца, што ретко кој во историјата на кинематографијата го направил, бидејќи е исклучително тешко.
– На Кирил Џајковски му тргна со компонирањето на филмска музика. По „Прашина“ на Манчевски, еве го и под ваша закрила.
И.Т. Соработката со Кирил беше интересна бидејќи имавме релативно доста време, и на крајот тоа и се гледа… односно, извинете, се слуша. Кирил за филмска музика е неверојатно талентиран човек, со чувство за вистинските работи. За овој филм тој беше вистинскиот избор.
– Бидејќи ова интервју го правиме далеку од предвечерјето на фестивалскиот и кино-живот на филмот, како течат подготовките во моментов и какви се плановите за неговата идна реализација?
И.Т. Во моментов се работи на сабтајтл на копијата, направивме и постер, и во овој период ќе се потрудиме да направиме прес-материјал, но имаме доволно време и да лобираме филмот да го пробиеме секаде каде што можеме. Особено би сакале филмот да влезе во официјална конкуренција во Венеција. Ние во меѓувреме им го прикажавме филмот и на некои познајници, членови на Американската филмска академија, кои преку писмо ни соопштија дека филмот им се допаднал, па што ќе биде понатаму, останува да видиме. Што се однесува до неговата кинопремиера, мислам дека реално е филмот да доживее премиера наесен, зашто тоа е добар период за започнување на неговиот живот пред македонската публика.
(Интервјуто е направено во филмскиот магазин „Филмополис“ бр. 27, а транскриптот и воведниот текст е објавен во книгата „ФИЛМ.МКД“)