По официјалната светска премиера на фестивалот во Монтреал во 2003 година и едногодишната одисеја по другите светски фестивали, „Како лош сон“ на Митриќески конечно есента 2004 година ја доживеа и својата скопска кинопремиера, по што следуваше и интервју во магазинот. И за да нема забуни, токму поради времето во кое е правено интервјуто, филмот во оваа книга влезе во поглавјето „2004“, иако официјалниот продукциски датум на реализација е 2003 година.
Интересно, поради технички проблеми, по премиерата во Скопје филмот накратко престана да игра, и беше најавено дека ќе продолжи со проекции откако тие ќе се отстранат, што подоцна и се случи, меѓутоа остана горчливото чувство на дисконтинуитет во однос на промоцијата на делото. По македонската премиера мислењата останаа поделени, од тоа дека станува збор за уште еден филм што зборува за залудната војна на Балканот, до тоа дека режисерот одредени сцени решил на одличен визуелен начин, што е неспорен квалитет уште од првенецот „Преку езерото“, пред сè благодарение на соработката на режисерот со квалитетни сниматели, во случајов со полскиот мајстор Јарослав Шода. Дел од реакциите се однесуваат и на лошата глума кај одредени актери, особено кај Роберт Енглунд, чија величина само на моменти блеснува на платното, можеби поради фактот што жанрот не му беше погоден!? Сепак, тука дефинитивно лежеше една од причините за бледоста на овој проект, односно, неконзистентноста на сценариото и недоволната работа со актерите му одземаат здив за тој да биде комплетно дело, онака како што посакува авторот. За сето ова, и нешто плус, од разговорот со Антонио Митриќески во емисијата со реден број 46, некаде на почетокот од втората сезона на емитување на магазинот.
– Професор сте на Факултетот за драмски уметности во Скопје, а студиските денови ги поминавте во познатата школа за филм во Лоѓ, Полска. Колку таа изврши влијание врз вашето подоцнежно авторско кредо?
Антонио Митриќески: Во Полска направив неколку кратки играни и документарни филмови. Во тој период кога студирав таму, тоа остави голема трага во мене, особено професорот по документарен филм, и дури сега гледам колку тоа било важно. Сите мои филмови што ги снимив во Полска се без дијалог, и мислам дека опсервацијата е многу важна за режисерот, да знае да гледа и да бара во секој момент.
– Во сега веќе далечната 1991 година го снимивте документарецот „Љубовта на Кочо Топенчаров“, кој стана еден вид предлошка за вашиот дебитантски целовечерен филм, „Преку езерото“ во 1997 година? Дали однапред имавте таква намера, или тоа, едноставно, така требало се случи?
А.М. „Љубовта на Кочо Топенчаров“ е прв филм што го снимив во Македонија. Се подготвував за трилогија од три документарни љубовни филмови. Со овој стартував и требаше да снимам уште два, но ете така се случи тоа да заврши, филмот зема награда во Белград, и тука заврши приказната. Потоа како негово филмско надоврзување следеше „Преку езерото“.
– Колку современите приказни се ваша инспирација? Колку ги пронаоѓате кај вашите идоли од филмската фела?
А.М. Се трудам да бидам современ. Го сакам Параџанов, особено неговиот филм „Сенките на заборавените предци“, кој многу влијаеше врз мене. Би го споменал и Тарковски, за време на студиите многу ги гледав неговите филмови. Е сега, зошто тие? Тие се обидуваат преку нивните филмови да се доближат до потсвеста на гледачот преку метафори и нешта кои во денешниот филм ретко се гледаат. Преплавени сме со банални и едноставни приказни, кои мене не ми лежат. Сакам да направам филм каков што јас сакам да гледам. Затоа „Како лош сон“ има една мозаична, тешка структура, поделена на три дела, која внатре е искршена, за разлика од „Преку езерото“, каде што структурата е линеарна.
– Колку „Како лош сон“ е транспарентен во однос на гледачите? Колку публиката од различна провиниенција ќе може да го следи овој филм, да се соживее со ликовите и пораката што тие ја носат?
А.М. Ова е тежок, арт филм. Филм кој е жесток, кој според критичарите од Монтреал може да те фати и да те тресне, но истовремено може да те остави и рамнодушен. Филмот патуваше на разни фестивали, од Торонто преку Рим до Лос Анџелес, потоа Лече, Берлин, и многу ми е важно што беше дел и од репертоарот на балканските земји. Ова, меѓу другото, е филм и за лошата комуникација што моментно постои не само на Балканот туку и на Запад.
– Колку популарната драма на Дејан Дуковски, „Маме му ебам кој прв почна“ (ММЕ) е дел од овој филм, и како во неа уфрливте лик кој на крајот го одигра, ни помалку ни повеќе, туку легендарниот Фреди од „Кошмар во улицата на брестовите“, актерот Роберт Енглунд?
А.М. Од драмата на Дуковски се земени две приказни, сите ликови се балкански, и на крај ми требаше силен лик што ќе го симболизира Западот. Преку ликот на професорот сакавме да го прикажеме Западот со сите негови проблеми. Многу сум задоволен што Роберт Енглунд се нафати да го игра ликот, тој е прекрасен соработник, прекрасен човек и професионалец.
– Како сте задоволни од реакциите на публиката, критичарите и пријателите по неговата скопска премиера, ако знаеме дека тие реакции се можеби и најмеродавните?
А.М. Ова е многу македонски и балкански филм, со европски шмек, за да може да дојде полесно до пошироката публика. Затоа бев среќен што скопската публика го фати филмот. Добив реакции дека ова е антологиски филм, дека имам особено чувство за прикажување на убавината итн. Јас со голема храброст влегов во овој филм и задоволен сум што на крајот успеав да го направам.
– Каков е понатамошниот живот на „Како лош сон“? Му престои ли добар сон за фестивалска и дистрибутерска иднина? И какви се вашите понатамошни планови во однос на вашето можно следно остварување?
А.М. Филмот е откупен од унгарски дистрибутер. По проекцијата во Милано, од француската „Мандала продакшн“ се заинтересираа за соработка со мене на трет филм. Пратив синопсис, тритмент и работно сценарио. Добив позитивен одговор, станува збор за љубовна приказна насловена „Траги на патот“, еве и една тајна да отвориме, размислуваме да биде и мјузикл. Ќе биде полесен филм, во наводници „комерцијален“, така што полека почнува да живее и таа приказна.
(Интервјуто е направено во филмскиот магазин „Филмополис“ бр. 46, а транскриптот и воведниот текст е објавен во книгата „ФИЛМ.МКД“)