Интервју со Вардан Тозија, режисер
– Помина долго време откако на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки”, во рамките на активностите на „Сценаристичкото катче”, ја добивте наградата за развој на сценарио токму за филмот „Безимени“. Каков во меѓувреме беше животот на овој текст, дали можеби учествувате на некои слични настани пред да дојде до моментот на негова финална реализација во оваа, 2015 година?
Вардан Тозија: Сценариото за филмот „Безимени“ (сè уште под работен наслов) имаше долг и напорен, но „школски“ развој. Иницијалниот импулс го доби со учеството на EAVE, каде уште во рана фаза беше ставено „под лупа“ на голема група на интернационални филмски професионалци, пред сè консултанти за сценарио и продуценти. Следуваа уште неколку меѓународни работилници за развој, по што пристигна и валоризација за сработеното преку освоените награди на SEE Cinema Network и споменатото „Сценаристичко катче” во Битола.
– Зошто македонските режисери претежно истовремено се и автори на сценаријата според кои ги реализираат своите филмови? Тоа е прекрасно, бидејќи на тој начин си комплетен автор на делото, меѓутоа, толку ли нема добри сценаристи во државава?
– Пишувањето на сценарио е порив за секој млад режисер, меѓутоа, со оглед на околностите, тоа кај нас се јавува како нужност. Болната вистина е дека пишувањето на сценарио ни е убедливо најслабата алка во филмската дејност, со децении наназад. Да, сметам дека нема добри сценаристи, или ги има премалку. Дури и кога режисерот има визија и рамка за приказната која сака да ја раскаже, потребно е сценаристичко јадро, занаетски потковани, филмски образовани професионалци кои таа приказна ќе ја изведат на вистински пат. Тоа е специфична професија, во која, поради нашиот хроничен недостаток на критичка мисла и недефинираната мерливост на вредностите, наоѓаат прибежиште заскитани, „несфатени“ писатели без никаква теоретско, ниту практично познавање на занаетот. Не е никаков изговор недостатокот на материјални средства за да се изградат добри, потентни сценаристи и приказни. Вистината е дека нема посветеност, рутина, страст за пишување. Секој смета дека станува непризнаен гениј после дваесеттата напишана страна во животот.
– Освен за своите кратки и еве, првиот долгометражен филм, претходно заедно со Даријан Пејовски работевте на сценариото на филмот „Панкот не е мртов” на Владимир Блажевски. Дали таа практика ќе продолжи и во иднина, и колку е тешко наменски да се пишува за друг автор?
– Воопшто не е тешко да се пишува за друг автор доколку самиот процес се базира на искреност, посветеност и меѓусебно разбирање. Соработката со Владимир Блажевски течеше беспрекорно, беше потребен само краток период за да се надмине бариерата во односот професор-студент. Секако, се надевам дака таа практика ќе продолжи. Работата на сценарио е предизвик, но и задоволство, а дистанцата од понатамошната режисерска визуелизација е во многу случаи придобивка, а не хендикеп.
– Кога веќе ги споменавме кратките филмови, кои во изминатиот период освојуваа и награди на фестивалите, особено симпатичниот “Човекот кој имаше навика да ме удира со чадор по главата”, колку кратки филмови досега имате зад себе, и дали по снимањето на првиот целовечерен филм, имате намера да продолжите да снимате кратки форми?
– Заедно со студентските краткометражни филмови, кои подеднакво ги вреднувам како и оние „професионалните“ – вкупно се пет на број. Не верувам дека постои режисер на кој му згаснал поривот за кратката форма, дури и во подоцнежните етапи на својата кариера. Иако целовечерниот филм е главниот двигател и основен стремеж како врв на професијата, краткометражниот филм засекогаш притаено останува да гребе однатре, од утробата.
– Конечно, „Безимени”. Ме интересира појдовната иницијација за овој проект. Кога започна да се распостила на хартија приказната која веќе е во пост-продукција?
– Пред нешто повеќе од пет години, со поголеми паузи во текот на пишувањето и потрагата по дополнителни финансирања. Доколку се прашувам јас, тоа е недозволиво долг период за реализација на еден филм. Меѓутоа, таа инертност настанува како резултат на повеќе фактори, за кои е потребно време и желба да се надминат.
– Дали се работи за лична, доживеана приказна, или е само филмски коментар на времето во кое живееме?
– И двете. Не е тоа толку лична приказна, колку мозаик склопен од животни фрагменти и долгогодишна опсервација насобрани надвор од битисувањето во „стакленото ѕвоно“. Маргиналците во репресивниот апарат се неисцрпна, можеби доминантна тема на овие простори, но нивната борба против системот не е. Мојот фокус во коментарот на денешнината се позиционираше токму на таа борба.
– Накратко, која е приказната и клучните нешта за кои треба да се фати публиката при гледањето на овој филм?
– Приказната гравитира околу група на млади луѓе згрижени во прифатна институција. Тие во еден момент го разбираат безизлезот и понижувањето кои се составен дел од нивното секојдневие, и тргнуваат во остварување на сопствена правда. Насилството, манифестирано во секаква форма, може да роди само насилство. Но прашањето на филмот не е ДАЛИ насилството раѓа насилство, туку ДАЛИ ТРЕБА насилството да роди насилство. Авторскиот коментар по ова прашање можеби малку ќе ги изненади “конвенционалните“ гледачи.
– Колку во “Безимени” имаше простор за документаризам? Колку приказната дозволуваше таков пристап при креирањето на сликата за безимените кои се насекаде околу нас?
– Во филмот постои само привиден документаризам, доколку се земат предвид одредени режиски постапки или инсистирањето на уверливост во актерската игра. Но во најголем дел филмот ги содржи основните фундаменти на играната форма.
– Работевте со млада актерска екипа, со натуршчици, во комбинација со поискусни актери, како Никола Ристановски. Како течеше соработката за време на снимањето, имаше ли некоја анегдота вредна за споменување?
– Искрено, до финалната фаза на подготовките постоеше мал сомнеж и несигурност околу комбинирањето на професионалните актери и младите натуршчици. Во пракса, се покажа дека сомнежот е неоснован, повеќе имагинарен, поради недостатокот на искуство и претераното теоретизирање. Презадоволен сум од комплетната актерска екипа, начинот на кој тие два света се надополнуваа. Спојот на млада и искусна филмска екипа и мноштвото актери – професионални и натуршчици, недостатокот на средства и комплексноста на снимањето низ бројните локации, изродија многу анегдоти, дури премногу за мој вкус. Некои беа со горчлив вкус, но на повеќето, во оваа фаза, се присетуваме со насмевка. Тешко ми е да издвојам некоја, верувам дека и просторот на овие страници е лимитиран.
– Дали со „Безимени” Вардан се обидува да биде политички ангажиран автор, давајќи коментар преку својот филм на општествениот хаос во кој се наоѓаме во последниве 20 години на транзиција, и колку еден филмски автор треба или не треба да биде ангажиран со своето филмско дело?
– Транзицијата трае предолго и носи безбројни жртви, и секое отстапување од критичкото согледување на реалноста, посебно кај автор на некакво уметничко дело, е недозволиво. Ние сме деца на таа транзиција, и сосема разбирливо е нејзините белези да се рефлектираат и во нашите дела. Но ако под политички ангажиран автор се подразбира само создавање на критички пресек на моменталната состојба, без референци на минатото, тогаш сметам дека не сум, и не се обидувам да бидам. Мојата ангажираност ќе продолжи да опстојува до крајот на мојата кариера, без разлика на контекстот или жанрот во кој се раскажува приказната. За мене е бедно да се насочам кон задоволување на туѓ интерес, со навлегување во креативен и тематски конформизам за придобивање брз профит и нечија наклонетост. Сметам дека секој автор треба на одреден начин да е ангажиран. Или, детски кажано, да се обиде да го направи светот подобар. Ако тој ангажман и остра општествена критика галопираат и во кинематографиите на најразвиените скаднинавски земји, зар не е срамота и кукавичлук да се лишиш од коментар во овие колевки на хаосот и неправдата?
– Каков е првичниот план за промоција на „Безимени”? Има ли шанса да го видиме во 2015 година, или сепак неговиот живот комплетно ќе се случува во следната, 2016 година?
– Од стратешки и организациски причини, тоа ќе биде почетокот на 2016 година. Ова е нискобуџетен филм од земја која не котира високо на светските филмски мапи, а нашата цел е да има богат фестивалски живот. Затоа, не можеме да си го дозволиме луксузот да се поткопа една цела фестивалска сезона поради префиксот „2015“ во графата release date.
– И на крајот, дали сметаш дека навреме добиваш шанса за снимање на својот првенец, и колку тоа ги отвора вратите на еден млад човек од држава како нашата, чија животна определба се токму подвижните слики?
– Сметам дека шансата за снимање на првенец е малку задоцнета, но сепак е далеку од предоцна. Последниве години Филмскиот фонд, односно Агенцијата за Филм на Република Македонија успеа да издејствува завидни финансиски средства за овие простори, што ми дава надеж за поприфатлива динамика во создавањето филмови во иднина. Ако се најде начин тие средства да се распределуваат промислено, а не стихијно, со конципирана стратегија за тоа што сака да гледа домашната и меѓународната модерна публика и фестивалите, ако нема надворешни притисоци во финансирањето и задоволување на сечии апетити, ако трошка критичка и објективна мисла излезе надвор од границите на овој вакуум каде сите се „Оскаровци“… ако барем дел од овие „ако“ се остварат, сметам дека вратите ќе бидат отворени и за искрените филмски професионалци чија животна определба е филмот, а не чаламот и парите. Воедно, сметам дека тоа конечно ќе значи и достојна промоција за нашата земја и етаблирање на нашата кинематографија како релевантна, препознатлива сила во светските филмски текови.
– Ви посакувам успех!
– Ви благодарам, и се гледаме на премиера.
(Интервјуто е објавено во книгата „ФИЛМ.МКД“)