„Јод“ од Снежана Младеновска Анѓелков

Денеска од печат излегува новиот роман од Снежана Младеновска Анѓелков насловен „Јод“, како 231 издание во популарната едиција „ПРОаЗА“ на издавачката куќа ИЛИ-ИЛИ. Лауреатката која за својата прва книжевна објава „Единаесет жени“ ја доби престижната награда „Роман на годината “ на „Утрински весник“ за 2011 година, и овој пат со нејзиниот бескомпромисен и директен стил на пишување, ни раскажува за светот околу нас и она во што тој се претвори. Иако нејзините романи се куси, по нивното читање се чини како да содржат многу повеќе страници од онолку колку што тие навистина се. Тоа упатува на густината на текстот и пораките што истиот сака да ни ги пренесе.

Романот што започнува како потрага по личните приказни на сезонските работници во Сплит, Република Хрватска, неочекувано го менува правецот во вивисекција на човештвото и соочување со болката од исчезнатите морални вредности. Во ослабена физичка, и дискутабилна ментална состојба, протагонистката низ едно деноноќие се соочува со неморалното и срамно однесување на поединците за кои вели дека се производ на разнишаните општествени столбови и се директна закана за опстанокот на човекот како разумно суштество. Романот е критика на современото општество, а истовремено и моќен глас во копнежот по чесност, вистинољубивост и праведност. Дејството е базирано на вистински настани кои се случуваат во август 2023 и настани од последната декада во истиот град.

По „Молчи со отворена уста“ и „Луѓето, а не градот“, Младеновска Анѓелков со новата книга продолжува да ја чекори книжевната патека која веќе десетина години успешно ја трасира до нејзините верни читатели. „Јод“ дефинитивно ќе отвори нови прозорци за промислување и дебатирање за актуелни теми, што е и целта на добрата литература.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *