Официјална селекција на филмови на „КинеНова“ #6

Многу се радувам што оваа година прикажувањето на официјалната селекција на филмови се враќа онаму каде што ѝ е местото – на големиот екран во затемнетата кино сала. Единствено таму публиката може да ја доживее моќта на подвижните слики на дебитантите од различни кинематографии, кои во светот полн со илузии ги создаваат можеби најсилните остварувања во седмата уметност во денешно време. КинеНова и оваа година им отстапува простор на осум моќни, нови гласови чии филмови ќе се борат за престижните фестивалски награди.

Откако пред две години, во силна конкуренција, прекрасниот „Љубовен автомобил“ на Елке Леренкраус стана фестивалски лауреат, а лани македонскиот „Медена земја“ ги освои публиката и критичарите ширум светот, годинава решивме да им отстапиме простор на две документарни остварувања кои обработуваат исклучително интересни теми. КинеНова е благонаклонета и кон помалите кинематографии, па имаме и еден филмски претставник од соседно Косово, кој е вистински прирачник за реализација на мал, но силен филм. Полската и грчката кинематографија се во наш редовен фокус, додека португалскиот филм ни приреди вистинско позитивно изненадување. Особено задоволство изразувам што во официјалната програма го имаме и минатогодишниот победник на фестивалот во Сан Себастијан, а фестивалот ќе го отвориме со актуелниот победник на престижниот фестивал во Карлови Вари, на задоволство на многумина љубители на седмата уметност.

27.10. ФИЛМ НА ОТВОРАЊЕ, Кино Милениум, 20ч30м (реприза 28.10. 22ч)

Србија/2021/92’

Страхиња Бановиќ (Strahinja Banovic/As far as I can walk)

Режија: Стефан Арсенијевиќ

Сценарио: Стефан Арсенијевиќ, Бојан Вулетиќ, Никола Дикрај

Улоги: Ибрахим Кома, Ненси Менса-Офеи, Максим Калил, Рами Фарах

Синопсис

Страхиња и неговата сопруга Абабуо, двајцата 28-годишни, ја напуштиле Гана на почетокот од мигрантската криза. Успеале да стигнат до Германија, но биле депортирани назад во Белград. Србија можеби не е Германија, но Страхиња дава сè од себе за да започне нов живот. Ова е филмско реобмислување на средновековната српска епска поема за Страхиња Бановиќ во која современите африкански мигранти го заземаат местото на српските национални херои. Современа и безвременска во исто време, оваа адаптација ги поставува прашањата за идентитетот, традицијата, расата и љубовта. Апсолутен победник на последното издание на фестивалот во Карлови Вари.

Фестивали и награди

– Karlovy Vary International Film Festival 2021 – Grand Prix (Crystal Globe), Best actor, Special Jury mention for Cinematography, Ecumenical Jury Prize

Биографија

Стефан Арсенијевиќ (1977), писател и режисер, дипломирал филмска и ТВ режија на Факултетот за драмски уметности во Белград, каде денес предава режија на магистерско ниво. Неговиот краток филм „(А)торзија“ (2003) освои над 30 национални и меѓународни награди, вклучувајќи ги и „Златната мечка“ на Берлиналето, наградата на Европската филмска академија, како и номинација за Оскар. Со режисерот Бојан Вулетиќ го напишаа „Практичниот водич за Белград со пеење и плачење“ (МФФ Карлови Вари 2011). Тој е програмски менаџер на програмата за професионална обука на Гете институтот за режисери од Југоисточна Европа „FIRST FILMS FIRST“ од 2015 година. Член е на Европската филмска академија.

27.10. Кино Милениум, 22ч30м

Полска/2020/95’

АМАТЕРИ (Amatorzy)

Сценарио и режија: Ивона Сикержинска

Улоги: Војчех Соларц, Рома Гасиоровска, Марцена Гајевска, Ана Кујавска

Синопсис

Група на актери со Даунов синдром се подготвуваат да го постават Шекспир на сцената, откако ќе ја добијат првата награда од еден професионален театар. Очекувањата се големи, но ако сакаат да играат на големата сцена, ќе мора да ги почитуваат зацртаните правила и конвенции. Откако во игра ќе влезе и славната Викторија, нештата добиваат сосема неочекуван тек, а премиерата е сè поблиску. „Аматери“ на младата Ивона Сикержинска е прекрасен пример за ангажиран филм, во кој блескаат натуршчиците со сета своја непретенциозност и природност, со сиот свој потенцијал и сјај. Овој филм е прослава на самиот живот.

Фестивали и награди

– Polish Film Festival 2020 – Best Film, Don Kichot Award

– Koszalinski Festiwal Debiutow Filmowych Mlodzi i Film 2021 – Best Screenplay, Best Debut Actor Ensemble

– Shanghai International Film Festival 2021 – Best Actress

Биографија

Ивона Сикержинска (1967) дипломирала психологија на Универзитетот во Гдањск во 1993 година и режија на Филмската школа во Лоѓ, три години подоцна. Во 1996 година номинирана е за студентскиот Оскар за нејзиниот краток филм „Дама“, реализиран под супервизија на Кшиштоф Кишловски. Во 2000 година ја добива стипендијата „Синефондасион“ на Канскиот филмски фестивал. Таа е ко-автор и на сценариото за животот и делото на Катарина Кобро, за кое ја доби првата награда на „Скрипт Про контест“.

28.10. Кинотека, 20ч.

Косово/2019/80’

Галаксијата „Андромеда“ (Galaktika e Andromedës)

Сценарио и режија: Море Рача

Улоги: Сунај Рача, Елда Јашари, Јули Емири, Авни Далипи

Синопсис

Косово 2019 година, корупцијата и невработеноста го оневозможуваат Шпетим да најде работа. Нештата состануваат посложени кога сиропиталиштето ќе ја испрати неговата  ќерка да живее со него, а тој нема соодветно место за престој. По многу обиди и измами што ги доживеал, Шпетим одлучува да го продаде својот бубрег и со парите да го плати бегството во Германија, во потрага по подобар живот. Одличен првенец на Море Рача, ефектно реализиран низ камерата на дебитантот Дарио Секуловски, кој ја зацврстува позицијата на новата косовска кинематографија на европската филмска карта.

Фестивали и награди

– San Sebastián International Film Festival 2019 – Glocal in Progress Award

– Sarajevo Film Festival 2020 – Official competition

– Trieste Film Festival 2021 – Official competition

Биографија

Море Рача е писателка, режисерка и активистка за човекови права родена во Косово во 1992 година. Море завршила додипломски и постдипломски студии по филмска режија на Универзитетот во Приштина, а во моментов е запишана на докторски студии во Бугарија. Нејзините кратки филмови учествувале на многу меѓународни фестивали низ светот. Рача беше дел од инсталацијата на Ауди во Холивуд, #driveprogress, која ги слави жените кои „поттикнуваат напредок“ и ја менуваат филмската индустрија. Како режисерка Море беше дел и од талентите на Берлиналето во 2019 година.

28.10. Кинотека, 22ч.

Германија/2021/92’

Другата страна на реката (The other side of the river)

Режија: Антонија Килијан

Сценарио: Антонија Килијан, Гевара Намер, Араш Асади

Галвни ликови: Хала и Сосан Мустафа

Синопсис

19-годишната Хала ја преминува реката Еуфрат за да избега од принудниот брак и од нејзиното семејство кое го поддржува ИСИС. Таа наоѓа засолниште во Воената академија каде што ја обучуваат како со оружје да ослободи други жени од опасност. Откако курдската војска го презема нејзиниот град од ИСИС, таа се враќа за да ги ослободи своите сестри од куќата на нејзините родители. Неверојатна приказна каква ретко гледаме на големиот екран благодарение на храбрата Антонија Килијан, која низ вистинска сторија ни ги доловува животот и искушенијата на жените, кои ги надминуваат границите на нормалноста.

Фестивали и награди

– Dokfest Munchen 2021 – Best documentary

– Chicago International Film Festival 2021 – Official selection

– Millennium Docs Against Gravity 2021 – Official selection

Биографија

Антонија Килијан е режисерка, кинематограферка и продуцентка. Студирала визуелна комуникација, како и уметност и медиуми на Берлинскиот универзитет за уметност, на Универзитетот за филм во Потсдам Бабелсберг и на ISA во Хавана, Куба. Во моментов  работи како директор на фотографија на неколку филмови кои се пријавени за учество  на бројни меѓународни фестивали. Таа ја креираше видео инсталацијата „Пепел во пепел“ за историјата на горењето на тела, која беше изложена во „Куќата на културите на светот“ во Берлин, и го режираше краткиот документарец „Тивка ноќ“ за расистичките напади против мигрантите во Германија, кој ја освои наградата „Вили -Минзенберг“ за радикална солидарност. За да го реализира нејзиното режисерско деби „Од другата страна на реката“, таа живееше повеќе од една година во Североисточна Сирија.

29.10. Кинотека, 20ч.

Србија/2020/53’

Сонченцето заоѓа (Solčence zahaja)

Режија: Стефан Красиќ

Сценарио: Стефан Красиќ, Ана Хофман

Синопсис

Музикологот Ана Хофман се обидува да ги открие корените на старата словенечка народна песна, а која децата во Србија (Југославија) учеле да ја пејат на училиште. Кога Ана заедно со колегите ќе открие дека не се работи за народна песна, а која пак не е ниту словенечка, луѓето почнуваат да мислат дека станува збор за некаков Титов експеримент кој е дел од поширок заговор. Симпатичниот документарен филм на Стефан Красиќ предизвикува прекрасни емоции за едно време кое никогаш нема да се повтори, но кое сè уште е свежо и со здрави корени во сеќавањата на неговите сопатници. И секако, по проекцијата уште долго ќе си ја потпевнувате песната која е исклучително „заразна“.

Фестивали и награди

– International KinoForum Moscow 2021 – Award for preservation of folk tradition

– 67. Martovski festival Beograd – Official selection

Биографија

Стефан Красиќ (1992) е дипломиран режисер на Академијата за уметност во Белград во класата на познатиот документарист, професорот Драгољуб Елчиќ. Тој е еден е од тројцата режисери избрани за снимање на филм на меѓународниот филмски камп „Интеракција“ во 2015 година. Основач е на независната продукција „Принчеви патрони“ која од 2009 година сними преку 100 филмски и телевизиски дела, кои учествуваа на многу национални и меѓународни фестивали, освојувајќи многу награди.

29.10. Кинотека, 21ч30м

Грузија/2020/125’

ОТПОЧНУВАЊЕ (BEGINNING)

Режија: Деа Кулумбегашвили

Сценариo: Деа Кулумбегашвили, Рати Онели

Улоги: Ија Сукиташвили, Рати Онели, Кака Кинцурашвили

Синопсис

Во зачмаениот провинциски град, заедницата на Јеховините сведоци е нападната од екстремистичка група. Среде овој конфликт, познатиот свет на Јана, сопругата на водачот на заедницата, полека почнува да се распаѓа. Внатрешното незадоволство на Јана расте додека се бори со себе за да ги сфати своите желби. Овој филм е едно од најпријатните изненадувања во последнава година, и токму затоа влезе во најтесниот круг за годишната награда на ФИПРЕСЦИ за „Европско откритие за 2021 г.“.

Фестивали и награди

– San Sebastián Inter. Film Festival 2020 – Best Film, Screenplay, Director, Actress

– Toronto International Film Festival 2020 – FIPRESCI prize „Discovery“

– Singapore International Film Festival 2020 – Best Director

Биографија

Деа Кулумбегашвили е родена во Русија, меѓутоа е израсната во Грузија, и затоа се смета за грузиска режисерка. Деа студирала филмска режија на Факултетот за уметност на Универзитетот Колумбија и медиумски студии на Универзитет во Њујорк. Нејзиниот дебитантски краток филм „Невидливи простори“ беше номиниран за Златна палма на Филмскиот фестивал во Кан во 2014 година. Филмот беше првиот од независна Грузија што велзе во официјалната конкуренција на престижниот филмски фестивал во Кан. „Почеток“ е нејзино дебитантско остварување.

30.10. Кинотека, 20ч.

Португалија/2020/95’

Последното капење (O Último Banho)

Режија: Давид Боневил

Сценарио: Давид Боневил, Диего Роша

Улоги: Анабела Мореира, Мартим Канаваро, Маргарида Мореира

Синопсис

Жозефина е 40-годишна калуѓерка која треба да ги положи вечните завети. Таа треба да замине во нејзино родно село, за да присуствува на погребот на нејзиниот татко. Таму ќе се сретне со нејзиниот 15-годишен внук кој е напуштен од неговата мајка. Изолирани во старата семејна куќа, калуѓерката и нејзиниот внук се чувствуваат збунети какошто верата, семејството и љубовта ја усложнуваат нивната врска. „Последното капење“ го руши стереотипот за тоа дека филмската уметност одамна ја загубила својата еротичност на филмското платно, и претставува вистинско освежување.

Фестивали и награди

– Tokyo International Film Festival 2020 – Official selection

– Cyprus Film Days Inter. Festival 2021 – Special Jury Award, Honorary Distinction Award

– Festival de Cinema Luso-Brasileiro de Santa Maria 2021 – Best Film, Best Actress

Биографија

Давид Боневил (1978) е сценарист и режисер. Тој ја започнал својата кариера како асистент на добитникот на „Златната палма“ Маноел де Оливеира, како и на добитникот на наградата „Тарнер“, Даглас Гордон. Давид исто така работел и во Би-Би-Си. Тој редовно подучува и предава на Универзитетот во Вестминстер, во Центарот за актери и во разни други национални и меѓународни проекти. Неговите кратки филмови освоија неколку награди за најдобар филм, сценарио, режија, глума, кинематографија и награди од публиката на меѓународни филмски фестивали. „Последното капење“ е негов прв долгометражен филм.

30.10. Кинотека, 22ч.

Грција/2020/101’

Пари (Pari)

Сценарио и режија: Сијамак Етемади

Улоги: Мелика Форутан, Шабаз Ношир, Софија Кокали, Аргирис Пандазарас

Синопсис

Бабак, ирански студент во Грција, не се појавува за да ги пречека своите родители на атинскиот аеродром. Пари и нејзиниот постар сопруг, двајцата побожни муслимани, кои за првпат се во странска земја, подготвени се да го бараат својот син во застрашувачката и непозната средина. Следејќи ги чекорите на нејзиниот бунтовен син во најмрачните краеви на градот, Пари ќе пронајде внатрешна сила која е својствена само за мајките. „Пари“ на Сијамак Етемади е филм кој обработува актуелни теми за светот кој веќе е отиден во неповрат.    

Фестивали и награди

– Les Rimbaud du Cinéma 2020 – Best Film, Best Actress

– Sakhalin International Film Festival 2020 – Audience award Best Film

– Hellenic Film Academy Awards 2021 – Best Actress, Best Editing

Биографија

Сијамак Етемади е роден во Техеран, Иран. Во 1995 година се преселил во Атина, Грција, каде живее и денес, при тоа има двојно државјанство, иранско и грчко. Сијамак студирал филм во Атина и работел како помошник режисер на повеќе играни филмови, ТВ серии и документарни филмови. Тој исто така има повремени искуства како актер во театар и на филм. Неговиот краток филм „Cavo d’oro“ беше премиерно прикажан на Меѓународниот филмски фестивал во Локарно во 2012 година и беше номиниран за најдобар краток филм за наградата на Грчката филмска академија. Филмот беше дистрибуиран низ киносалите во Грција и имаше успешно меѓународно фестивалско претставување. „ПАРИ“ е негов прв игран филм.

Ви посакувам пријатни кино проекции 😉

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *