Седум фантастични деби филмови во трка за наградите на „КинеНова“

Драги љубители на седмата уметност,

четвртото издание на Интернационалниот фестивал на дебитантски филм „КинеНова“ ја има можеби најсилната програма досега. Ова особено важи за филмовите во официјалната конкуренција, кои се свет за себе. Со својот ангажиран став кон многу социјално-општествено-политички теми кои во моментов го тангираат светот, тие ќе ве воодушеват со својата брилијантност од секој аспект.

Еве ги сите седум филмови претставени на едно место, низ синопсис и трејлер, одлучете што ќе погледнете во Кинотека од 05 до 08 октомври, кога токму овие прекрасни остварувања на новите гласови во светскиот филм ќе бидат на фестивалската програма.

Сабота, 05 октомври, 20 часот, Кинотека

Грција/2018/97’

СОЖАЛУВАЊЕ (Pity)

режија: Бабис Макридис (Babis Makridis)

сценарио: Ефтимис Филипу (Efthymis Filippou), Бабис Макридис (Babis Makridis)

улоги: Јанис Дракопулос (Yannis Drakopoulos), Еви Саулиду (Evi Saoulidou), Павлос Макридис (Pavlos Makridis)

Синопсис

Ова е симпатична приказна за еден човек кој е среќен единствено кога не е среќен, човек зависен од тагата и страдањето, кој има болна потреба од сожалување, па затоа е подготвен истото да го добие од луѓето на секаков можен начин. Секако, истата ќе почне да ви се одмотува во главата дури по гледањето на филмот. „Ова е приказна за човек во свет кој не е доволно суров кон него“ со право гласи слоганот на филмот кој е уште еден бисер во надоаѓачкиот „чуден бран“ на грчката кинематографија, сценаристички потпишан од Ефтимис Филипу, авторот на „лудите“ филмови на Јоргос Лантимос, кои постигнаа завиден интернационален успех во изминатиот период.

Фестивали и награди

–           Hellenic Film Academy Awards 2019 – Најдобар филм и звук

–           Luxembourg City Film Festival 2018 – Награда од критиката

–           Odessa International Film Festival 2018 – Најдобар филм и режисер

–           Torino Film Festival 2018 – Најдобар филм од ФИПРЕСЦИ

Биографија

Бабис Макридис (Babis Makridis, 1970) својот филмски занает го печеше како асистент режисер во многу грчки кратки и целовечерни остварувања, за последниве години да сними два значајни филма со кои ја збогати домашната кинематографија. Со „Л“ од 2012 го навести својот талент и склоност кон црниот хумор, учествувајќи на многу угледни светски фестивали како Санденс, Ротердам, Бомбај… за со неколкуте награди за „Сожалување“ веќе да се етаблира како филмски автор.

Сабота, 05 октомври, 22 часот, Кинотека

Русија/2018/105’

ЧОВЕКОЈ КОЈ ГИ ИЗНЕНАДИ СИТЕ (The man who surprised everyone)

сценарио и режија: Алексеј Чупов (Aleksey Chupov), Наталија Меркулова (Natalya Merkulova)

улоги: Евгениј Циганов (Evgeniy Tsyganov), Наталија Кудрашова (Natalya Kudryashova), Јуриј Кузнецов (Yuriy Kuznetsov)

Синопсис

Егор е бестрашен човек на сибирската тајга. Тој е семеен човек почитуван од заедницата, кој очекува второ дете со саканата сопруга. Откако ќе му биде дијагностициран рак, тој ќе се обиде да ја измами смртта земајќи сосема нов идентитет. Околината со тешкотии го прифаќа новиот Егор. Ова е уште едно моќно дело од новото руско кино, кое на суптилен начин си поигрува со темата „идентитет“, подарувајќи и’ на публиката неверојатни изненадувања, поради што досега собра дури 19 фестивалски награди низ светот.

Фестивали и награди

–           Russian guild of film critics 2019 – Најдобар актер

–           Crossing Europe film festival 2019 – Најдобар филм

–             Honfleur film of Russian cinema 2018 – Најдобар филм, актер и актерка

–           Venice film festival 2018 – Најдобрa актерка (Horizon award)

Биографија

Наталија Меркулова (1979) и Алексеј Чупов (1973) се сопружници кои со години работат заедно и претставуваат неверојатен креативен филмски двоец. Нивните кратки и документарни остварувања со широки раце се пречекувани од фестиваслките селектори, а нивниот прв целовечерен филм, „Интимни делови“ (Inimate parts, 2013) доби триесетина награди на фестивалите во Русија и низ светот. На истиот пат се тргнати и со новиот филм, премиерно прикажан на Венециската Мостра.

Недела, 06 октомври, 18 часот, Кинотека

Хрватска/2018/90’

АЛЕКСИ (Aleksi)

сценарио и режија: Барбара Векариќ (Barbara Vekaric)

улоги: Тихана Лазовиќ (Tihana Lazovic), Горан марковиќ (Andrea Zahariev), Леон Лучев (Leon Lucev), Себастијан Каваца (Sebastian Cavazza)

Синопсис

Алекси е 28-годишна девојка која ги игнорира своите обврски и се впушта во различни животни експерименти. Штотуку вратена од Берлин на имотот на нејзините родители во Далмација, таа се бара себеси низ познатата животна максима „секс, дрога и рокенрол“. Низ прекрасна фотографија и одлични сценаристички решенија, филмот на Векариќ ни ја прикажува новата хрватска кинематографија во поинакво светло, feel good приказна за една „шминкерка“ која растргната меѓу три интересни мажи на различни возрасти, само навидум не знае што сака.

Фестивали и награди

–           Pula film festival 2018 – Филм на отворање

–           FEST Belgrade 2019 – Најдобар дебитантски филм

Биографија

Барбара Векариќ (Barbara Vekaric, 1987) го сврте вниманието кон себе уште со првата краткометражна хип-хоп комедија „Првата дама на Дубрава“ (Prva dama Dubrave) во 2011 година, со што на голема врата влезе во новиот бран на авторки во хрватската кинематографија. Последниот нејзин краток филм „Никој не е совршен“ (Nitko nije savrsen) премиерно е прикажан заедно со „Алекси“, кој го отвори минатогодишниот Пулски филмски фестивал, а годинава на легендарниот ФЕСТ во Белград беше прогласен за најдобар дебитантски филм. Блескавата иднина е пред неа.

Недела, 06 октомври, 22 часот, Кинотека

Германија/2019/106’

ЉУБОВЕН АВТОМОБИЛ (Lovemobil)

сценарио и режија: Елкe Маргарете Леренкраус (Elke Margarete Lehrenkrauss)

кинематографер: Криштоф Роршајд (Christoph Rohrscheidt)

Синопсис

Додека се враќала со автомобил кон дома некаде на северот на рурална Германија, авторката на филмов крај патот ги гледала старите каравани украсени со кичести светла во кои се практикува најстариот занает на светот тука, крај автопатот. Гротескната слика авторката не можела никако да ја извади од главата, и решила да им даде глас на жените кои усреќиле многумина во ноќите исполнети со блуд и разврат. Проститутки од Источна Европа и Африка се обидуваат да преживеат во суровиот свет во кој секоја од нив има своја причина и приказна, се’ додека една од нив не биде брутално убиена. Ова е филм за микрокосмосот кој го опишува општеството пред самиот завршеток на глобализираниот капитализам.

Фестивали и награди

–           Locarno film festival 2018 – Во компетиција

–           DOK.fest Munchen 2019  – Во компетиција

Биографија

Елкe Маргарете Леренкраус (1979) е филмаџика и визуелен уметник од Берлин. Во 2002 година дипломирала на Академијата за уметности во Келн, а веќе следната година добива и диплома за Видео арт на Универзитетот за уметност и дизајн во Луцерн. Нејзините филмови и уметнички дела се прикажувани на многу фестивали и изложувани во музеи ширум светот и неретко се наградувани. „Љубовен автомобил“ е нејзино дебитантско целовечерно остварување.

https://www.youtube.com/watch?v=or_ZwJBLXRA

Понеделник, 07 октомври, 22 часот, Кинотека

Бразил/2018/81′

СОКРАТЕС (Socrates)

режија: Алешандре Морато (Alexandre Moratto)

сценарио: Тајна Мантесо (Thayna Mantesso) и Алешандре Морато (Alexandre Moratto)

улоги: Кристијан Маљерош (Christian Malheiros), Талеш Ордажи (Tales Ordakji), Чао Мартинез Пачехо (Ciao Martinez Pacheco)

Синопсис

По ненадејната смрт на неговата мајка, 15-годишниот Сократес се обидува да се снајде на маргините на Сао Паоло, избегнувајќи ја службата за малолетни лица и прифаќајќи разни работи за да може да преживее. Во оваа наградувана драма на режисерот Алешандре Морато ќе се сретнете со темната страна на велеградот и тајните катчиња кои кријат стапици што треба да се избегнат по секоја цена. Во тие моменти на сцена стапува и потиснуваното либидо, кое сака да вреска и да се ослободи од прангите!

Фестивали и награди
– Film Independent Spirit Awards 2019 – најдобар филм
– Festival Mix Brasil 2018 – Најдобар филм, режисер и актер
– Woodstock Film Festival 2018 – Најдобар филм
– Rio de Janeiro International Film Festival 2018 – Најдобар филм
– Thessaloniki Film Festival 2018 – Најдобар филм (награда „Mermaid“), Специјално признание во интернационалната компетиција

Биографија

Алешандре Морато (Alexandre Moratto, 1990) е бразилски филмаџија со американско педигре, бидејќи неговото школување и поимање на филмот се случиле токму низ високите школи за филмска уметност низ САД. Кариерата ја започнува со три кратки филма (Nowhere to be Found, The Parting, и The Other Side) кои жнеат награди на светските фестивали. „Сократес“ е негово дебитантско целовечерно остварување снимено за само 20 илјади долари под патронажа на извршниот продуцент Фернандо Меирејеш (Fernando Meirelles), авторот на номинираниот за четири Оскари „Божји град“ (City of God). Живее на релација Сао Паоло – Калифорнија.

Вторник, 08 октомври, 18 часот, Кинотека

Србија/2019/105’

 ШЕВОВИ (Stitches)

режија:  Мирослав Терзиќ (Miroslav Terzic)

сценарио: Елма Татарагиќ (Elma Tataragic)

улоги: Снежана Богдановиќ (Snezana Bogdanovic), Марко Баковиќ (Marko Bacovic), Јована Стојиљковиќ (Jovana Stojiljkovic)

Синопсис

Уште во поранешна Југославија, но и во денешна Србија, јавна тајна е дека одредена бројка новороденчиња добива нови адреси на живеење, а на родителите им се соопштува дека бебето, за жал, само што се родило, веќе заминало на оној свет. Ана и по 20 години не може да се помири со приказната која и’ била сервирана, и на секаков начин се обидува да ја дознае вистината. Комбинирајќи ги жанровите „трилер“ и „драма“, овој српски филм влегува длабоко во сензибилната тема чија емотивна нишка нема да ве остави рамнодушни.

Фестивали и награди
– Beijing International Film Festival 2019 – Најдобро сценарио
– Las Palmas Film Festival 2019 – Најдобра актерка и сценарио
– FEST International Film Festival 2019 – Најдобра катерка, српски филм и награда од критиката „Небојша Ѓукелиќ“
– Festival del Cinema Europeo 2019 – Најдобро сценарио

Биографија

Мирослав Терзиќ има долга кариера зад себе, во која бил и клапер, актер, режисер на втората филмска екипа… но највеќе работи како режисер на музички видео спотови. Својот прв целовечерен филм „Устаничка улица“ го снима во 2012 година и на Беким Фехмиу му го носи „Срцето на Сараево“ за најдобар актер на фестивалот. Со „Шавови“, Терзиќ потврдува дека се работи за талентиран филмаџија, иако заслугата за реализација на овој филм оди и на адреса на сценаристката Елма Татарагиќ, која напишала врвни дијалози, кои Терзиќ совршено ги надополнува со филмската атмосфера.

Вторник, 08 октомври, 20 часот, Кинотека

Бугарија, Романија/2018/96’

ПРАСЕТО (The Pig)

режија: Драгомир Шолев (Dragomir Sholev)

сценарио: Мартин Илиев (Martin Iliev), Драгомир Шолев (Dragomir Sholev)

улоги: Румен Георгиев (Rumen Georgiev), Андреа Захариев (Andrea Zahariev), Христофор Недков (Hristofor Nedkov)

Синопсис

13-годишниот Румен секојдневно е малтретиран од соучениците во училиштето. Аутсајдер, осаменик и интровертен, тој никогаш не се осмелува да возврати. Но, еден ден црвената линија е надмината и следи фаталниот напад чиј краен резултат е сосема неизвесен. Снимен претежно со камера од рака, филмот на Шолев на неверојатно уверлив начин влегува во интимата на еден тинејџер чиј свет може комплетно да се сруши доколку не погледне длабоко во себе и не пронајде сила да излезе на површина, онаму каде дневните демони ништо не му можат.

Фестивали и награди

–           23th Sofia film festival 2019 – Најдобар бугарски филм, Специјална награда од жирито, ФИПРЕСЦИ награда за најдобар филм

Биографија

Драгомир Шолев (Dragomir Sholev, 1977) дипломирал на Националната академија за театарска и филмска уметност во Софија. Кариерата ја започнува со неколку анимирани и кратки филмови, по што следи документарецот „Сега и засекогаш„ (Now and forever, 2009), а потоа и дебитантскиот долгометражен филм „Засолниште“ (Shelter, 2010) премиерно прикажан на фестивалот во Сан Себастијан, кој потоа беше прикажан уште на 70 фестивали ширум светот и доби 21 награда. „Прасето“ е негов второ филм кој штотуку треба да ја освои фестивалската публика низ светот, откако брилјираше на домашно тло, на Софискиот филсмки фестивал.

 

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *