На штотуку завршеното 15-то издание на „Македокс“, наградата „млад кромид“ за најдобар дебитантски документарен филм ја доби „Баломанија“ на Сисел Морел Даргис. Филмот на данската режисерка се издвои од останатите со својот квалитет, и беше единствен наслов кој фигурираше во мојата и во листите на Маел Генгес и Воутер Јансен, како членови на жирито кое одлучуваше за оваа престижна награда. Се разбира, со колегите на долго и на широко дискутиравме за сите филмови во одличната селекција составена од девет први или втори остварувања на младите режисери, но „Баломанија“ со својата позитивна енергија ни ги освои срцата.
„Решивме наградата „Млад кромид“ да ја доделиме на филмот кој ни дава увид во подземниот свет во Бразил за кој досега не сме слушнале, а преку уникатниот пристап на режисерот добивме привилегија да влеземе во животот на протагонистите. „Баломанија“ е портрет за тоа како обичните луѓе ја гледаат и ценат уметноста и ја слават радоста на животот со сите борби со кои тој е исполнет. Филмот содржи силен внатрешен ритам и тек на раскажувањето, а наративот ве држи залепени за екранот, чекајќи да полета последниот „балон-џин“, гласи нашето образложение, кое ги сублимира нештата што ги содржи филмот на Сисел Морел Даргис.
Токму храбрата Даргис е главниот „виновник“ што една ваква „андерграунд“ приказна преку филмскиот медиум ја добива заслужената фестивалска афирмација ширум светот. На фестивалските „прашања и одговори“ по проекцијата на филмот, таа рече дека на 19-годишна возраст морала да замине од своето маало поради проблеми (?!?), и одеднаш се нашла во Јужна Америка, во прекрасниот Бразил. Поради страста кон пишувањето графити врз урбаните ѕидови таа влегува во бразилските полициски записници, и по тој немил настан, ја зема камерата во рацете и влегува во друга авантура, тргнувајќи со отвроено срце во потрага по „забранетата приказна“ за која сите низ шепот зборуваат.
Ден по ден, месец по месец, режисерката влегува во тајните на подземјето на фавелите, каде освен дилерите на дрога, царуваат и балонџиите, оние „обични луѓе“ кои работат со години на остварување на својот сон, само за да бидат херои на еден ден. „Баломанија“ е храбар документарен филм токму за тајното братство кое егзистира на маргините на општеството, и кое, и покрај небулозниот закон кој правењето на воздушни балони го изедначува со останатиот криминал, верува во својата страст и ризикувајќи ја својата слобода, стремат кон целта која значи само едно: поголем, покомплексен, повеличествен балон кој слободно лета низ небеската шир, боејќи го небото со прекрасни бои. Колку убав сон!
Најголемата вредност на овој документарен филм е токму тој сон кој луѓето од озлогласените бразилски фавели ги одржува во живот. Во еден момент, еден „балоеиро“ вели: „Како може државата да ја криминализира оваа страст и како може да не е свесна дека доколку не правиме воздушни балони со години, сите ние може да влеземе во водите на криминалот и да претставуваме поголема опасност за државата!?“ Токму оваа невиност во пристапот го освојува гледачот уште на прва топка. Овие луѓе се обични луѓе, често со месеци без работа, но страшно посветени на својата љубов – балоните. И токму таа посветеност, таа фокусираност на нивната животна цел и љубов од нив прави вистински херои со чисто срце и прекрасен ум, ум посветен на уметноста и љубовта кон неа.
Едно 10-годишно момче во еден момент од филмот вели: „Ова е уметност, и кога ќе пораснам, јас ќе бидам „балоеиро“, како и мојот татко“. Луѓето во Сао Паоло, Рио де Жанеиро и другите бразилски градови (се спомна бројка од 2 милиони вљубеници во оваа активност) се изразуваат себеси преку правењето и пуштањето во воздух на балоните со различни големини и дизајни, и со тоа тие се на рамништето на било кој уметник кој твори во рамките на академските уметности. Дури и полицаецот кој запленил еден голем балон, додека шета низ неговата внатрешност, изјавува дека е прекрасен, но сепак, забранет. И да, сите очекуваме на балоните високо горе, во воздухот да фигурираат ликовите на бразислките фудбалери или познати музичари и уметници, но не е така. Овие луѓе се со широко срце и им оддаваат почит на Павароти, Роки, Карате кид… хероите кои одбележале многу животи на сите континенти.
Сето ова со својата камера го забележува Сисел и ни го „подарува“ на тацна. Затоа треба да и’ се заблагодариме што со многу енергија и емоции ни ја откри оваа „скриена“ приказна, што е и една од задачите на филмската уметност – да ни открива нови светови кои се можеби тука, околу нас, но за кои најчесто не сме свесни. Љубопитноста на режисерката која поставува прашања со цел да ја открие приказната за „балоеиросите“ не’ вовлекува длабоко во ритамот на филмот, кој е беспрекорен и без празен од.
На крајот од проекцијата, сигурен сум дека во воздух останува да виси прашањето кај секој гледач што ќе го види филмот: „Ако се работи за снимање на криминално дело, зарем со овој филм авторката нема да ги разголи протагонистите кои потоа лесно ќе бидат препознаени и процесуирани од бразилската полиција?“ На тоа данската режисерка по проекцијата во Куршумли ан рече дека е подготвена за соочување со секој проблем, особено по октомвриската премиера на филмот во Бразил, поради која веќе со денови не спие. По насмевките и воздишките од публиката, сепак ни порача да не се секираме, затоа што зад филмот и зад неа како автор стои најдобриот бразилски адвокат на „балоеиросите“, а во прилог и’ оди и застареноста на материјалот. Шуќур!
Се’ уште не е забрането да се сонува, нели!? Замислувам како на премиерата на „Баломанија“ во Бразил, главните протагонисти во филмот приредуваат невиден спектакл, со пуштање на огромен 100-метарски балон во воздухот инкогнито, од околните градски брда, но доволно сигнификантно, со илјадници свеќи и огномет кои го осветлуваат ликот на режисерката на знамето долу, кое зрачи со огромна насмевка. Бразилската полиција ќе биде во паника, но сигурен сум дека и таа ќе ужива во спектаклот. Со среќа!