Доктор Тони Ќосев е ценет професионалец од Струмица, љубител на уметностите, и пред се’, пасиониран читател. Како редовен впивач на изданијата на ИЛИ-ИЛИ, тој одвои време и напиша осврт кон новата збирка раскази „Двојна експозиција“, која ја пренесувам во целост. Голема благодарност!!!
Lijepi trenutci nostalgije, ljubavi, siromastva…
(“Ne daj se Ines”, Arsen Dedic)
Игор Анѓелков со збирката раскази „Двојна експозиција“ влезе во кругот на најдобрите македонски прозаисти. Со својата авторска зрелост и богато искуство на писател, новинар, издавач, патеписец, филмски и музички критичар, со енциклопедиски знаења од многу области, создава книжевни бисери. Толку тивок и ненаметлив, со константна љубопитност и самонадградување (негови зборови) ужива во секоја улога што ја игра. Во збирката е двојно експониран – и како автор, и како лик кој се појавува во некои од расказите, слично на Хичкок и Тарантино кои се појавуваат во нивните филмови.
Скопје како биотоп и заедница на индивидуи, различни по возраст, нација, религија, општествен статус, партиска припадност, во неговите приказни заличува на Зоополисот на Ранко Маринковиќ. Авторот со мајсторска умешност ги слика личностите, настаните, локациите… Прецизно го истакнува секој детаљ и создава филмска претстава: локален гранап на периферијата од градот со испоседнати луѓе на пивски гајби, кожена јакна и Док Мартенс чизми, клупата со маратонските разговори како обележје на Скопје (колку ли само филозофски тетратки би можеле да се испишат со нив), старата гарда и новите дечки…
Во книгата отворено се зборува за горливите општествени проблеми: дрогата како пополнување на дефицитот од љубов (Befriedegungsdefizit, или, што би рекол Лу Рид: Heroin, is my wife and is my life…), образованието кое ги меле учениците и им одзема од слободното време (The Wall – Pink Floyd), го иронизира говорот на политичарите (главните ѕвезди на општествениот живот), заљубувањата и виткањата на ‘рбетот…
Со остроумна цитатност (негов израз) и добар избор ги спомнува Ајнштајн и Чаплин, Лудвиг Витгенштајн и Емил Сиоран, Парпл и Цепелин, Данил Хармс… Стилот на пишување на Игор по својата едноставност и директност ме потсетува на Чарлс Буковски, кој вели: „Се’ што му треба на човек е три оброци дневно и малку секс“, и со таа една реченица ја објаснува суштината на човекот.
За убавиот изглед на кориците на книгите во едицијата „ПРОаЗА“ е заслужна Марија Смилевска, која и во „Двојна експозиција“ мајсторски ја доловува есенцијата и главната поента на содржината на делото.
Секогаш кога сум во Скопје, задолжително наминувам во малиот храм на културата, книжарницата „Или-Или“, омилено место на градската интелектуала. Ненад и Игор имаат голем придонес во афирмацијата на младите македонски писатели. Очекувам уште многу издадени дела од домашни и странски автори, а Игор да продолжи да изненадува со нови објави.
д-р Тони Ќосев, 26-28 септември 2022 година, Ново село, Струмица