Во четвртокот во прекрасниот простор во центарот на Скопје се отвори тематската изложба „Лица“, како осмо продолжение од серијалот „Несовршен простор“ кој во годиниве наназад континуирано го организира Здружението за култура „Транзен“. Втор пат по ред во галеријата „Метаноја“, а претходно во други градови низ Македонија, овој проект покажува конзистентност нудејќи преглед на најпотентното во моментов на домашната ликовна сцена, истовремено продуцирајќи и покажувајќи несомнен квалитет.

Во овој серијал во фокус се уметници кои активно и континуирано се занимаваат со ликовното творештво и сликарската и скулпторската уметност и кои имаат изградено авторски однос кон третирањето на ликовните материи. Целта на проектот е да ги мотивира и промовира активните сликари кои создаваат автентично творештво во време кога сликарството се истиснува на маргините од сцената, од вакуумот на новите медиуми и услови на брзо и евтино продуцирање визуелни производи. Основната цел е да се награди сликарот кој во своето ателје посветено создава едно сликарско дело, циклус или сликарски концепт, пркосејќи му на брзиот начин на модерното постоење.

“Несовршениот простор” е вечната болка на сликата, одделена од ателјето, од матицата на уметникот. Бездомно совршено дело кое лута низ несовршениот свет на претставувањето.Чудниот спој на несинхронизирани простори, вештачки светла и самотија, молк околу сликите се фантасмагорични феномени на кои навикнавме во изложувањето. Како во надреални соништа. Постои ли совршен простор за уметничкото дело?

Пред да ги претставиме делата, да споменеме дека во рамките на изложбата секоја година се доделува и наградата ,,Златен лист”, во чест на мајсторот на ликовната уметност, професорот Владимир Георгиевски. Годинава таа отиде во рацете на младата уметничка Мартина Спасовска за нејзиното дело „Unus Ex Vobis“, за кое д-р Коста Милков во каталогот нагласува:
„Секој портрет од изложбата „Лица“ отвора егзистенцијални и антрополошки прашања, совршено усогласени со духот на Владо Георгиевски, во чија чест е поставена. Изложбата е чевствување на неговото упорно, „донкихотовско“ трагање по човечното во човештвото“, и додава: „Во сликата „Unus Ex Vobis“ Мартина Спасовска го поставува тоа прашање преку контрастот меѓу пркосниот поглед и кревкото лице на младата жена. И покрај ранливоста, нејзините очи непоколебливо порачуваат: „Тука сум.“ Насловот, што на латински значи „Еден од вас“, алудира на библиската реченица од Јован 13:21 — моментот кога Исус вели дека еден од учениците ќе го предаде. Во тој контекст, портретот добива двојно значење: израз на женската обесправеност и на предавството што секој човек го носи во себе. Делото ги разоткрива совеста и емпатијата на набљудувачот, повикувајќи го да се запраша — „да не сум јас?“ Всушност, ако така може да се каже, наградата ја доби „најведриот“ портрет на изложбата.

„Да се претстави едно лице, една личност, портрет, во ликовната уметност е чин на паметење, на сеќавање. Човекот не може да се помири со минливоста и исчезнувањето, а тоа особено се однесува на човековото лице. Човекот не сака да го заборави лицето на ближниот. Лицето е универзум!“ нагласуваат од „Транзен“.



„Јас сум ти, и се’ што гледам сум јас“, вели славниот Пинкфлојдовец Роџер Вотерс. „Лицето е отелотворување на личноста која е вечна и неповторлива. Лицето е слика на љубовта“. Но меѓу сликите на изложбата, покрај љубовта, се провлекува и ангажираноста, па така, уметникот Никола Пијанманов ја слика немилосрдноста на војната преку лицето на девојчето од Газа, Стефан Младеновски на современието гледа низ призма на трагедијата, која неминовно остава траги врз лицето на субјектот на сликата на Ване Костуранов.



„На оваа изложба сакаме да го видиме односот на македонските современи уметници кон портретот. Дали лицата се’ уште се во фокусот на ликовната уметност?“ Судејќи според изложеното, одговорот е „дефинитивно ДА!“.


„Секое лице е неповторливо и секој портрет во историјата на уметноста е единствен. „Да се наслика еден портрет е како да го видиш денот на раѓањето и денот на смртта во лицето на моделот“, вели Франциско Гоја во разговорите со Иво Андриќ. Портретната уметност е антологија на човечките лица. Таа ги памети сите очи и сите искуства и животи кои тие ги воделе“.



Освен диптихот и триптихот како специфики, единствената скулптура (во гипс) на изложбата е дело на Синиша Новески, за која Милков нагласува: „Новески не бара анатомска точност, туку духовна суштина: образот Божји што се препознава однатре, преку срцето. Комбинирајќи модерна експресија со византиски иконопис, создава вертикално издолжен лик со аскетска благородност и целосна хармонија“.

Посетете ја изложбата која нуди дела-портрети-лица на дванаесет современи македонски автори, една од неколкуте возбудливи поставки во моментов во метрополата тазе исчистена од смет. Можноста да се соочите лице-в-лице со „Лица“ е во опција во текот на следниот еден месец.
