Кон изложбата „Пасија“ на Никола Пијанманов

Една од изложбите во Скопје која периодов предизвикува особено внимание е „Пасија“ на Никола Пијанманов, отворена на 10 декември во галеријата на кафе-книжарницата „Метаноја“. Просторот кој се наоѓа под нивото на улицата „Максим Горки“ е совршен за претставување на библиската приказна за Христос видена од перспектива на струмичкиот уметник. И додека горе низ прозорците ги гледаме чевлите на сограѓаните како итаат натаму-наваму во потрага по празнична среќа, во галеријата може да ги истражиме сликите кои Пијанманов ги подредил во совршена синестезија, предизвикувајќи рој од различни чувства.

Во историјата на седмата уметност моќниот Ватикан во многу наврати реагирал за „подобноста“ на одредени филмови при толкувањето на Светата книга и прикажувањето на нејзините „приказни“ на сребрениот екран. Жестоки реакции и повик до верниците за НЕгледање на филмот се случија во 1987 година со „Последното Христово искушение“ на Мартин Скорсезе, снимен според истоимениот роман на Никос Казанѕакис, каде во „проблематичниот“ последен дел од книгата/филмот се прикажува една алтернативна верзија во која Исус продолжил да живее световен живот со еден куп деца околу себе, но во моментите на „просветлување“ сепак решава да се врати на Голгота и да ја заокружи приказната онаква каква ја знаеме до ден-денес.

Седумнаесет години подоцна духовите на Светиот стол повторно ги разбуричка филмот „Страдание“ на Мел Гибсон, во кој нативниот Австралијанец ни ја прикажа суровоста на времето во кое бичот бил единствениот праведник, и во тој почеток на залезот на моќта на римската империја кога се’ било отидено во декаденција, по толкавото насилство врз телото Исусово, како синоним за целото човештво, едноставно се сфатило дека така веќе не може, дека тоа не е во ред, и дека мора да се сврти нова страница.

Распетие
Трнлив венец
Камшикување на Христос (Ризата на Вероника)
Пиета

Папата Јован Павле Втори наводно изјави дека „навистина било така“, но официјален Ватикан тоа го стави во фолдерот „неофицијална изјава“, односно, тие никогаш нема да дозволат официјално да коментираат ништо што е поврзано со уметничка интерпретација на светите записи, со што се крена лавина од реакции насекаде во светот.

Искреноста во пристапот на Гибсон наиде на поделени табори, што нему, всушност, и комплетно му одговараше за промоција на делото. Човекот навистина се потруди ликовите да говорат и на автентичен латински, хебрејски и арамејски јазик, но најважно од се’, филмот совршено го прикажа духот на времето после кое неминовно било да се случат тектонски промени, кои подоцна дури ги прифаќа и официјален Рим за да опстои уште некој век повеќе.

Воскресение на Лазар
Јуда
Миросница

Изложбата на Пијанманов воопшто не ја следи линијата на сензационалност, туку ја фаќа другата нишка од Христовата „пасија“, од Христовото страдание, онаа на благоста, милоста и духовноста. Всушност,  изложбата со поднаслов „Смртта умира“ ја доживеав како совршено егзистенцијалистичка, во најдобрата традиција на духот на уметниците од ова движење во средината на 20 век, каде главниот лик и носителот на дејствието е осаменик кој единствената надеж ја бара во себе, повремено упатувајќи го погледот и кон соголеното небо над него.

Искушенија во пустината
Исус во молитва
Тајната вечера

Токму затоа смета дека совршен саундтрак за доживувањето на сликите на Пијанманов е темата „Jesus alone“ на Ник Кејв, поместена на неговиот албум „Skeleton tree“, издаден по несреќната смрт на неговиот син.

Сликајќи ги на свој, особен начин случувањата во деновите пред и по Христовото распнување, Пијанманов преку боите и атмосферата на филозофски начин и’ приоѓа на темата, неретко доведувајќи ја до совршен миг фатен во еден замрзнат фрејм. Благоста во изразот на Исус е присутна речиси на сите слики, а ликовите од неговото најблиско опкружување само се надоврзуваат на таа негова поставеност и поглед кон нештата.

Носење на крстот
Марија Магдалена под крстот
Ноќ над Голгота (дел од триптих)

Особено значајни за надополнување на комплетнo замислениот концепт на изложбата се сликите кои за момент „се измолкнуваат“ од општиот тек, а тие се всушност составен дел од истиот, и само ја збогатуваат перспективата врз библиските приказни. Највпечатливи меѓу нив се „Подготовки за распетие“, „Последната вечера“ и „Отсечената глава на св. Јован Крстител“ кои пленат со својата деталистичка совршеност, блескајќи со еден поинаков сјај, давајќи и’ патина на сликарската виртуозност.

Подготовки за Распетие
Последната вечера
Отсечената глава на св. Јован Крстител

Изненадувањето следи на крајот. Цитатноста не е ништо ново во уметноста, таа е нејзина стара пријателка како надоврзување на медитацијата на уметниците врз одредени теми низ  историјата. Во случајов Пијанманов на негов начин ни го прикажува телото на Христос положено во мртовечкиот сандак во гробот, повикувајќи се на славното дело од 16 век на германскиот сликар Ханс Холбајн, со што претставата ја доведува на ниво на емпатија, толку блиска и идентификациска за секое човечко суштество. Совршено!

Распродажба на Христос (според Холбајн)

По неколкуте претставувања пред публиката со свои дела од различни циклуси, Пијанманов приредува совршена изложба од секој аспект. Истата може да се посети до 05 мај. Не пропуштајте ја!

Автопортрет

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *