По „Улица“ и „Пет капки сон“, режисерот Милчо Манчевски го продолжува својот визуелен сон и приредува уште една изложба со фотографии насловена „Таму“. „Се’ што не е овде е ТАМУ“ може да гласи поднасловот на оваа фото-приказна во Музејот на современа уметност во Скопје, на која се изложени 88 колор фотографии создавани во период од десет години.
„…местата не се зададени – тие секогаш се во процес со отворен крај. Во тој поглед, тие се настани“. Со цитат од Дорин Маси, ирскиот уметник Конор Мекгрејди го започнува својот текст посветен на изложбата на фотографии на Манчевски. „ТАМУ не’ води на патување што е исто толку за чинот на гледање колку и за искусувањето на одредено место“.
„Колку и да се на прв поглед непретенциозни секвенците од ’Таму’, при задлабочување полека откриваат слоеви на обмислена идеја, длабоки чувства и силни бои на животот во целост“, вели кураторката на изложбата Бојана Јанева-Шемова, и токму на тој начин и се влегува во разгледувањето на понуденото. Најпрво имате чувство дека фотографиите немаат некоја одредена поврзаност, освен таа зачудност на мигот, таа фасцинираност од одреден момент кога ја заробувате реалноста во пикселите. Но, како одите понатаму, почнувате сами да создавате приказни, во кои случувањата на улиците во Калкута се поврзани со оние во Истанбул или Њујорк, или пак динамиката пред дуќанчето во Куба е во очигледна корелација со онаа во Ѓорче Петров, и сето тоа почнува да добива некаква смисла.
Еден од несомнените квалитети на одредени фотографии е кадрирањето, односно, совршеното поставување на објективот на фотоапаратот за да направи идеална композиција на претставата која се случува пред окото на набљудувачот. Ова особено се однесува на фотографиите каде во кадарот имаме повеќе протагонисти, случајни минувачи или луѓе во взаемна интеракција. Токму соодносот на нивните тела во зададениот простор на уловената фотографија сочинува мрежа од можности, кои потоа се отплеткува во главата на посетителот.
„Фотографијата, повеќе од која било друга уметничка форма, е предмет на интензивен морален надзор. Го доведуваме во прашање ширењето на насилни слики, се грижиме за согласноста на субјектите да бидат фотографирани, стравот дека манипулираните слики ќе создадат погрешни толкувања на критичните прашања, и грижата дека претераното фотографирање ја намалува нашата способност да го доживееме и искусиме светот“, вели славната Сузан Сонтаг во еден од нејзините есеи посветени токму на фотографијата. Во случајот со фотографиите на Манчевски, тие се претежно создавани за време на неговите патувања низ различни светски меридијани, и го немаат моментот на претенциозност и манипулативност, туку тие се внатрешна мантра на фотографот, која на одредени места дури е и здодевна поради „филмот“ да се потенцира баналното, дали преку случајно избраниот наслов (најчесто она што се гледа како објект или субјект на фотката) или преку не-желбата да се прикаже поширокиот контекст на кој му припаѓа одреден фото-детаљ.
Задржувајќи се се’ уште на Сонтаг, таа во еден момент за фотоапаратот изјавува дека тој е еден вид еквивалент на оружјето. „Да фотографирате луѓе е како да не ги почитувате. Колку повеќе гледаме слики од насилство, војни, од жртви на глад или општа глад; или други неправди – толку повеќе стануваме имуни на тоа“. Но, Манчевски изразува сосема поинаква естетика во поимањето на фотографијата и субјектите во неа. Тој вешто го избегнува политичкиот коментар во своите пиксели, иако, доколку подобро се загледате во деталите, политичкото може да биде и повеќе од експлицитно и очигледно.
„Во овие проекти визуелната текстура на урбаниот живот се манифестира низ композициска и наративна игра, и овој динамичен и експериментален пристап кон создавање слики го обликува „Таму“. Бојата е клучен слој што дефинира во овие дела. Избива од полиња урбано сивило, ја заситува перспективата на сликата или функционира како централен елемент во композициски колаж. Во „Таму“, бојата го дава ова визуелно закотвување и тече како поток низ овие слики. Таму ги отфрла границите – географските, формалните и другите. Како таква, Таму може да биде каде било, и на крајот е секаде“, поентира Конор Мекгрејди, деканот на Колеџот за уметност „Бурен“, и всушност на најдобар можен начин го опишува најквалитетниот дел од понуденото, оној момент каде фотографиите се како сликарски платна на уметниците, а материјалот најчесто е составен од улични ѕидови во боја со по некој ситен детаљ пред/до/крај нив, токму како во делата на Џексон Полок, или Марк Ротко, да речеме.
Редно е во текстот да го потенцирам и мојот фото-фаворит, каде е очигледен совршениот тајминг за прекрасно доловена светлина зад која блеска привлечна госпоѓа. Една слика – илјада зборови!
И на крајот, интересен факт: со „Таму“, Манчевски го промовира новиот хаштаг #никропнифотошоп (#nocropnophotoshop), со кој посочува дека неговите фотографии не се ниту кропирани, ниту манипулирани во пост-продукција. Тие се моменти од уличното секојдневие естетизирани во еден миг, заробен во тој драгоцен, фотографски момент, кој останува да живее во вечноста.