Кон „Џокер“ на Тод Филипс

Како гром од ведро небо делуваше информацијата дека филмот „Џокер“ е победник на Венециската Мостра во септември. Фестивалот со најдолг стаж во светот на годинашното издание во официјалната трка за „лавовите“ ги имаше филмовите на имињата како Роман Полански, Рој Андерсон, Стивен Содреберг, Атом Егојан, Хироказу Корееда, Оливие Асеје… Се’ име до име во филмскиот свет, кои иако честопати биле лауреати во минатото, секако дека не мора да значи како некое непишано правило дека нивните нови остварувања мораат повторно да се закитат со некоја значајна фестивалска награда. Ова го пишувам пред се’ поради значењето на филмскиот фестивал во Венеција, кој отсекогаш држел до своето реноме, не потклекнувајќи пред надоаѓачката и заканувачка комерцијализација на сите нешта низ светот, особено на филмот како таков. И ако Берлиналето во последнава деценија ептен забега во авангарда, наградувајќи филмови за кои ниту самите автори не знаеле што сакаат да постигнат, а Кан отсекогаш ја следел линијата на помал отпор наградувајќи веќе проверени филмски имиња, барем кога станува збор за главните „палми“, тогаш Венеција беше и остана островот на кој филмската уметност отсекогаш е качена високо, на самиот врв од пиедесталот.

Токму затоа, на прва топка, Златниот лав за холивудскиот „Џокер“ (Warner bros) претставуваше вистинско изненадување за мене, но не и по гледањето на филмот, бидејќи веднаш се наметнува констатацијата дека конечно (и уште еднаш: КОНЕЧНО!) филмаџиите сфатија оти при екранизација на една стрип приказна на големото платно не мора истата да се банализира, да се „подетинува“, па супер-херојот (или, како во случајов – антихеројот) да изгледаат како карикирана можност на она што тие би можеле, всушност, навистина да бидат. Тоа одлично го сфатил сценаристот и режисер Тод Филипс, и на најкрвавиот противник на многу попопуларниот Бетмен му дал една поинаква, хумана димензија, која секако дека е препознаена и од филмските критичари, и од публиката ширум светот. Нешто сично како што во 2008 година направи Дарен Аронофски со професијата „Кечер“, кога во истоимениот филм и’ даде хуманизирачка димензија на оваа безмилосна професија, благодарение и на одличниот актерски перформанс на Мики Рурк, секако. Со тоа деветтата уметност, неговото величество СТРИПОТ, конечно (!) добива вистинска валоризација при преточувањето на богатството од приказни и значења кои ги содржи – на големиот, сребрен екран.

Режисерот

Тод Филипс е режисер и актер во чија досегашна кариера фигурираат претежно остварувања од жанрот комедија. Неговите Road trip (2000), Starsky and Hutch (2004) или трилогијата Hangover (2009-2013) поминаа речиси незабележително. Светла точка во неговата филмографија е номинацијата за Оскар за адаптирано ссценарио за филмот Borat (2006), но со слабеењето на популарноста на комичарот Саша Барон Коен, и овој исклучок набргу падна во заборав. Токму затоа земањето на приказната за Џокер и нејзино превртување на глава многумина сметаат дека претставува вистински потег за овој филмаџија, кој отсега па натаму може да прави што сака во рамките на заводливиот Холивуд. Каква иронија – губитникот Џокер да биде неговиот вистински Џокер за отворање на секоја холивудска врата во иднина.

Актерот

Всушност, она по што најмногу ќе остане запаметен овој филм е брилијантниот актерски перформанс на Жоакин Феникс. Тој толку навлегол во улогата на Џокер, што поистоветувањето со него е неминовност. Едноставно, толку многу делува уверливо, како резултат на занаетски маестрално одиграната улога. Но ова не треба да зачудува доколку се потсетиме дека Феникс во последниве години се’ што одигра – позлати. Дали се работеше за мали улоги во независни филмови, или оние во буџетски поголемите остварувања, Феникс си риеше на свој начин, секогаш давајќи го најдоброто од себе. Во You were never really here (2017) на Лин Ремзи е  одличен, во Don’t Worry, He Won’t Get Far on Foot (2017) на Гас ван Сент повторно одличен, во Her (2013) на Спајк Џоунз исто така одличен, а во The Master (2012) на Пол Томас Андерсон брилијантен, кога со прерано починатиот Филип Сејмур Хофман за последен пат ги вкрстија актерските копја. Токму во тој период, некаде пред снимањето на овој филм, Жоакин доброволно се повлече од филмот на неколку години, едноставно – му здодеа животот и професијата, и реши малку да здивне, пред да се врати во сиот свој сјај, најпрвин како жесток хип-хоп артист, а потоа повторно она што најдобро го знае, како актер, бидејќи, крвта не е вода, нели (тој е брат на Ривер Феникс, големиот актерски потенцијал од 90-те кој многу млад замина на некое подобро место). Токму затоа и при добивањето на наградата на еден од светските фестивали, помнам дека Жоакин се потсети колку неговиот брат му помогнал во професијата, откако раните детски искуства со глумата во телевизиските проекти кај него предизвикале само фрустрации.

Стрипот

Значајно место во мојата скромна домашна стрип колекција зазема можеби најславната епизода на Алан Мур (сценарио) и Брајан Боланд (цртеж) насловена „Бетмен, Убиствениот виц“. Во неа на најдобар можен начин се објаснува односот помеѓу Бетмен и неговиот најзафркнат непријател Џокер, однос кој има епски димензии затоа што завршува на сосема хуман начин. Имено, и двајцата во последната сцена се смеат на вицот кој го кажува Џокер, додека дождот почнува да паѓа, а од позадина се гледаат светлата на полициските возила. Разрешницата е отворена, но се претпоставува дека мудриот Џокер и овој пат ќе се извлече од ситуацијата.

А вицот кој му го кажува на Бетмен е следниов: „Си биле два типа во лудница, и една ноќ тие одлучуваат да избегаат. Се качуваат на кровот од лудницата и пред нив се отвора поглед кон крововите на слободниот град. Првиот скокнува долу без проблем, но вториот никако да се одлучи на тоа. И првиот од долу му вели: Еј, јас ќе ја пуштам батерискава лампа, ти ќе застанеш на снопот светлина, и одејќи по него ќе можеш да ми се придружиш. Но другиот ниша со главата и вели: Што, мислиш дека сум луд? Ќе ја исклучиш батеријата кога ќе дојдам до пола пат!“

Пред да дојде до ситуацијата двајцата „лудаци“ да се најдат во забавниот парк на конечен двобој, и пред да паднат во севдах смеејќи се на вицот, Бетмен низ целата епизода сериозно е загрижен за понатамошниот развој на нивниот однос, и решен е конечно да и’ стави крај на неизвесноста, па во еден момент на батлерот Алфред му вели: „Сите овие години не успеав да го запознаам, а веројатно ниту тој мене. Како може двајца луѓе толку да се мразат, а да не се ни познаваат?“ А на крајот, пред нивниот умствен двобој, Бетмен се обидува рационално да размислува, и му вели на Џокер дека приказната не мора да заврши со смрт на едниот од нив, или на обајцата, предложувајќи му можност за рехабилитација, па и пријателство, за да не биде повеќе сам, на што Џокер се потсетува на претходно споменатиот виц. Антологиски!

Стрип-Филм

Како надоврзување на „Убиствен виц“, можеби најголемото влијание што оваа славна епизода ја има извршено врз Тод Филипс (ова е моја претпоставка, не сум истражувал!) е делот од приказната поднасловен „само еден лош ден“. И додека Џокер лудува при измачувањето на полицискиот комесар во луна паркот како негово моментно прибежиште, тој ги кажува клучните зборови (парафразирам) дека кога ќе се најдеш заробен во непријатиот воз од мисли кои те носат во минатото, сети се дека како излез секогаш тука е ЛУДИЛОТО. Само тоа е излез во случај на опасност. И подоцна, кога ќе се соочи со Бетмен, разулавениот Џокер му вели дека треба да престане да се прави дека животот има смисла, и дека постои некаква цел во таа негова борба со криминалците. Едноставно, светот одамна е отиден во неповрат, и на човека му треба само еден лош ден, еден единствен лош ден, за да сфати се’ и да го претвори во ѕвер. Бетмен, секако, одговара дека од оваа констатација му се повраќа. Но, во филмот, Џокер не е далеку од вистината, бидејќи во приказната на Филипс ја гледаме сцената во која еден лош ден, поточно, една лоша ноќ, се доволни за малиот Брус Вејн да сфати дека животот е крајно суров, бидејќи пред негови очи му ги убиваат родителите, и тоа лик со маска на Џокер, за време на немирите низ Готам, по настапот на главниот Џокер на ТВ шоуто.

Филмот

Главните поенти во филмот се вртат околу психолошката состојба на нереализираниот комичар Артур Флек, кој се’ уште живее со својата мајка во малиот стан. Но, како што потенцирав на почетокот, вредноста на ова сценарио, и воопшто, на впечатокот во овој филм е очовечувањето на Артур Флек, подоцнежниот Џокер, прикажувајќи ја неговата реална психолошка состојба од почетокот на полудувањето до крајната фаза после која нема враќање назад. Џокер покажува висока свесност за работите во себе и околу него, преточувајќи ги во прекрасни поенти кои пловат низ филмот како парче вистина која ви ја наежува кожата. Еве неколку од нив во различни фази од филмското дејствие:

„Дали сум ова јас, или лудилото е таму некаде, надвор од мене?“ (на психијатар)

„Мислев дека животот ми е трагедија, а тој всушност е една голема комедија“ (и ја задушува мајка му со перница)

„Луѓето само очекуваат да си она што не си!“ (кај комичарот)

„Системот и луѓето како тебе одлучуваат што е добро, а што не, што е смешно, а што не“ (исто така во ТВ шоуто)

„Што се секирате за убиените момци? Јас секој ден минувам покрај Вас и воопшто не ме забележувате! Си излегол од студио да видиш како е надвор?“ (му се обраќа на популарниот комичар Мареј Френкли игран од Роберт де Ниро, кого, патем, го обожува, но сфаќајќи дека е повикан кај него заради потсмев, го вади пиштолот и го застрелува во програма која оди во живо)

Џокер покажува висок сенс за работите кои отишле во неповрат, за луѓето надвор кои стануваат се’ понетрпеливи и чија единствена комуникација е да се дерат еден на друг. Затоа многумина овој филм го поврзаа со актуелните немири во Хонг Конг, но и на други места низ светот. Во таков сплет на околности Бетмен е само една тажна фигура која облечена во светликав костим всушност го штити системот со кој владеат бескрупулозните богаташи. Се сеќавате, слоганот на протестот на Џокерите низ градот во филмот е „Убиј го богатиот!“ Впрочем, Бетмен отсекогаш бил sisy, не знам зошто толкав фалоспев за него. Дури и еден Супермен ми изгледа почесно во однос на неговата пештера, луксузниот Бетмобил и сите поволности кои ги живее. А ваму Кларк Кент мора да се крие зад професијата „новинар“ и едно време да се пропие поради нереализираната љубов кон Лоис Лејн. Кризата на средни години кај суперхероите секогаш демне од страна, и никогаш не знаеш кога ќе нападне 😊

Џокерот

Со овој филм ликот на Џокер од спореден дефинитивно станува главен и заслужено го засенува оној на немезисот Бетмен, во чии одела во изминатите три децении влегоа актери како Мајкл Китон, Вал Килмер, Џорџ Клуни и останати помлади неброени јунаци. Но, кога станува збор за Џокерот, изборот е поинаков. Во воскреснувањето на серијалот за суперхеројот, во 1989 година, Тим Бартон во првата епизода на големото платно како главен негативец го стави, погодувате, Џокер. Тогаш улогата му припадна на големиот Џек Николсон, кој беше на врвот од неговата богата кариера. Тој, веројатно поради сензибилитетот на Бартон, изигра една млака ролја, по што ликот на Џокер падна во заборав. Речиси 20 години подоцна потентниот Кристофер Нолан го зема серијалот в раце, и секако, го врати Џокер во игра. Наспроти неуверливиот Бетмен на Кристијан Бејл стоеше фантастичниот Џокер интерпретиран од надоаѓачката холивудска ѕвезда од Австралија, Хит Леџер, за чија ролја го доби и Оскарот за најдобра споредна улога. Додуша, постхумно, бидејќи Леџер во тој период малку повеќе си играше со недозволени супстанции, па едно утро го најдоа мртов во хотелската соба.

Но токму тоа е доказ дека, за да одиграш една ваква улога, мораш да поместиш некои граници во умот. Тоа со Жоакин Феникс дефинитивно постојано се случува, затоа што од улога во улога е се’ подобар и подобар. На крајот во филмско наследство ни остави прекрасно одигран карактер, после чие гледање уште долго во главата ќе ви одѕвонува неговата заразна насмевка:

Ха-ха-ха-ха-ха-ха-ха-ха-ха-ха-ха-ха-ха-ха-ха-ха-ха-ха-ха…

Ха-ха-ха-ха-ха-ха-ха-ха-ха-ха-ха-ха-ха-ха-ха-ха-ха-ха-ха…

 

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *