Оваа година официјалната селекција на Канскиот филмски фестивал беше составена со филмови од првата светска лига на режисери: Кроненберг, Вендерс, Џармуш, Ханеке… Меѓутоа, како вистински херој, на голема врата, се очекуваше присуството на американскиот инди режсер Гас ван Сант, кој само пред две години ја доби Златната палма за прекрасниот „Слон“. Ван Сант на Кроазета се појави со заслужени фанфари вклучувајќи ја целата екипа на новиот филм зад себе. Меѓу нив и брачниот двоец на култниот бенд Соник јут, Ким Гордон, која има слатко, петминутно парче во филмот, и Трстон Мур, добриот пријател на Курт Кобеин, кој во проектот фигурира како консултант.
Е да, веќе го споменав клучниот лик околу кој се врти целата оваа приказна – Курт Кобеин, маестрално одигран од Мајкл Пит. Кој е тој херој што се дрзна да направи филм за неговите последни денови од животот, што собра храброст да ја прикаже „иконата“ во своето вистинско светло? Па кој друг, ако не човекот кој зад себе има кариера на музичар со локалниот бенд од родниот Портланд, режисерот што последниве 15 години ни подари вистински бисери како „Мала ноче“, „Драгстор каубој“, „Мојот приватен Ајдахо“, „Гери“…
Иако, очекувано, не доби награда во Кан, а и не му требаше, бидејќи присуството на фестивалот е пред се’ поради промотивни цели, филмот „Последни денови“ го подели мислењето на публиката, исто како што направи и на фестивалот „Браќа Манаки“ во Битола, кадешто имав моќност да го гледам. Тоа дефинитивно значи дека се работи за квалитетен филм околу кој ќе се кршат копјата, но јас во следните редови би сакал да пишувам зошто тоа е така.
Пристапот при гледањето на вакво дело е многу важен. Доколку очекувате уште еден фабрикуван биографски филм за еден од неколкуте музичари кои го сменија светот, тогаш сте се зафркнале. Таквото гледање на нештата и’ оди во прилог на филозофијата на музичката телевизија MTV, која смртта на лидерот на Нирвана толку ја напумпа, што сите потоа трубеа дека момчето од Сиетл не можело да го носи товарот на славата, и токму затоа посегнал по својот живот. Грешка! Но доколку ја сакате амриканската независна филмска сцена, особено она што го прави ван Сант, секако дека на филмот ќе му пристапите поинаку, не очекувајќи сензационализам.
И да не испадне дека ова е една од оние рецензии во кои се пишува за се’ друго освен за самиот филм, одиме со впечатоците. Концептуално, „Последни денови“ е на сосема иста линија на реализација како и претходникот, канскиот лауреат „Слон“. Со минималистички пристап во кој мизансценот е доведен до перфекција, зачинет со прекрасна фотографија (Харис Савидес) во која боите течат од екранот, со ненаметлива актерска игра која зависи само од тоа дали „змејот“ е во акција или мирува таму некаде во шумата зад куќата, филмот за музичката ѕвезда на 90-те како да ве воведува во еден поинаков свет, во кој владеат некои други правила на игра. Токму тука лежи успехот на авторот на овој филм, сензибилитетот на хероинската зависност на ликовите да стане генерален сензибилитет на филмот, во кој болката и загубеноста во светот на главниот херој можеби изгледа монотона и безизлезна, но таа ве допира длабоко внатре во вас. Затоа ова е филм за луѓе со силни стомаци, кои приказната на цела една загубена генерација од 90-те години на минатиот век треба храбро да ја преџвакаат, ако веќе и самите не ја преживеале, или барем индиректно биле дел од неа.
И на крај, во прилог на горенапишаното, како додатен квалитет – ван Сант воопшто не морализира и не наметнува мислење како гледачот да се постави во однос на „проблематиката“ во приказната. Впрочем, тоа никогаш и не го правел.
П.С. На Курт се’ уште му немам простено што предвреме ја прекина европската турнeја во 1994 година, кога требаше да ја гледам Нирвана во Прага. Се покажа дека комбинирањето на разни нешта уште во Рим пред тоа не е баш на добро. Јбг.
@Текстот е објавен во ноемврискиот број на магазинот „Филтер“ 2005 година.