Деновиве во домашните кина е актуелен новиот филм „Мајка“ на Теона Стругар Митевска, кој минатиот месец ја отвори втората селекција по важност на венециската Мостра, „Хоризонти“. По поделените одгласи од колегите критичари, и откако во меѓувреме си ја изодува прилично богатата фестивалска агенда ширум светот, филмот може да го погледне и македонската публика.

За таа цел, дистрибутерот деновиве не’ информира преку спонозориран пост на социјалните мрежи дека треба да одвоиме време и да го погледнеме филмот, затоа што секој нов македонски филм за нас треба да претставува празник, нели, особено ако бил дел од најстариот филмски фестивал во светот, оној во Венеција. Рекламата која го содржи постерот од филмот и краткото сиже, се разбира, дозволува и да се коментира под неа. Се израдував кога видов дека постот содржи дваесетина коментари, претпоставувајќи дека тоа се филмофили кои веќе го гледале ова остварување и се охрабриле да дадат свој коментар за него. Ги отворив, и повеќете од нив гласеа едноставно „Амин“. Ви се верува? Амин, по ѓаволите! Еве, „ако баба лаже – трап не лаже“.




Добро, имаше и по некое срце или цвеќе, не велам не, но „Амин“ доминираше. И таму некаде, при крајот, се појавува извесната Ели, и низ насмевка сосема легитимно прашува „зошто пишувате Амин“? Драга Ели, зошто си распипувач на забави? Зошто си партибрејкер? Па како можеше да напишеш такво нешто, бидејќи после твојот коментар никој не се осмелил веќе да аминува!? Дали си размислила дека со тоа можеби ќе влијаеш врз гледаноста на филмот во нашите кина? Дека ќе ги оставиш празни нашите кино сали? Извини што вината ја насочувам кон тебе, а не кон „верниците“, но иако беше вторник, кога „Синеплекс“ ги продава билетите по акциско-промотивни цени, малата кино сала со број 1 не беше нешто особено исполнета. И сега што!? Па остана во следните 103 минути да се провери што направила режисерката со приказната за една од иконите на 20 век, нашата сограѓанка Гонџа Бојаџиу, попозната како Мајка Тереза.

„Калкута, Индија, август 1948 година. Тереза, настојничка на Манастирот на сестрите од Лорето, со нетрпение го чека писмото што конечно ќе й овозможи да го напушти манастирот и да оформи нов ред, како одговор на повикот што го добила од Бога. И токму кога сè изгледа подготвено, таа се соочува со дилемата што ги става нејзините амбиции и вера на испит, во момент на голема пресвртница во нејзиниот живот“.
Вака гласи воведот во филмот кој фигурира и на платното и во фестивалските каталози, напоменувајќи дека се работи за клучните седум дена од нејзиниот живот на возраст од 38 години, кога веќе е доволно зрела за да ги преземе работите во свои раце со сиот багаж што го има зад себе. Предизвикот сето тоа да се пренесе на големото платно е голем, дел поради големината на нејзината личност, дел поради толку малиот простор да може успешно да се прикаже трансфорамцијата на една личност, во седум дена од животот, собрани во 103 минути. За таа цел сценариото го потпишуваат писателот Гоце Смилевски, самата Теона Митевска, и нејзината претходна соработничка, босанката Елма Татарагиќ.

„Мајка“, кој не е класичен биографски филм каков што сме навикнале да гледаме, содржи банални сцени во кои зборовите се кажуваат без некаква духовна длабочина само за да предизвикаат фасцинација, но и одлични реплики кои го отсликуваат внатрешниот свет на главната хероина. Токму тоа е јадрото околу кое се движи целата приказна, внатрешниот свет на ликовите во манастирот наспроти оној кој во моментот се случува надвор во градските гета, само една година по стекнувањето на независност на Индија од повеќедеценискиот британски јарем. Тоа е сосема легитимна формула за креирање на една уверлива сторија, која впрочем Митевска ја употребува во речиси сите нејзини претходни остварувања, формула која има помин на фестивалите и кај селекторите. Тогаш, зошто нешто би се менувало, кога таа добитна комбинација носи резултати и отвора врати за секој нареден проект? Бидејќи, животот е краток, а тоа го знае и Мајка Тереза, пред да се соживее со таа улога и да стане препознатлива низ светот.

Пред гледањето на филмот, срдечно препорачувам да ја оттргнете од себе помислата дека ќе гледате филм за нејзиното надалеку прочуено милосрдие за кое сме слушале и читале. Напротив, приказната е полна со интриги, тајни, озборувања и суета во седумте денови кои на сребрениот екран се нагласени низ бели и црвени бројки и букви, навестувајќи дали приказната ќе има „крв“ или ќе помине релативно безбедно. Едноставно, сценаристите и режисерката се одлучуваат да одат по патот на сомнежот и се’ што тој може да и’ донесе на една личност, почнувајќи од отпорот кон средината, па се’ до просветлувачкиот момент дека љубовта и херојството чучат во малите нешта.
За таа цел, изборот на шведската актерка Нoми Рапас се чини оправдан, ако знаеме дека се прослави со улогата во шведските адаптации на книжевниот серијал „Милениум“. Прагматичната „мајка“ посакува ред и контрола, а Рапас играјќи ја неа доминира при доловувањето на ваквите чувства, особено при односот со постарата сестра од редот, со која во една сцена е прилично сурова. Но, каде тогаш лежи милоста во оваа личност? Во кој момент таа преовладува и станува доминанта во нејзиното однесување? Иако приказната се фокусира на споменатите седум анксиозни денови пред да пристигне одобрувањето од Ватикан за воспоставување на новиот ред, сепак во филмот како да фалат две-три ситуации, две-три мали вињети кои би ја прикажале и оваа подоцнежна димензија на калуѓерката – милоста, милосрдието, простувањето, искупувањето…

Покрај Рапас, завидни актерски остварувања имаат и холандската актерка Силвија Хоекс како сестра Агњешка, преку чија неочекувана бременост Бог ја искушува нејзината менторка во однос на одлуките што треба да ги донесе, како и Никола Ристановски како отец Фридрих, чиј „братско-сестрински“ однос со притаено обожување го дозира на суптилен начин низ неколкуте сцени во филмот. Супериорен впечаток остава работата на белгиската кинематограферка Виржини Сен-Мартен, чиј начин на перцепција на нештата навистина е сугестивен и впечатлив. Кадрите во кои морало да се внимава и на религиозната симболика во која Исус на ѕидот мора да биде присутен, или лупењето на јајцето како метафора, таа го решава на супериорен начин, содавајќи слики типични за европското кино во новиот милениум. Омилената сцена во филмот е онаа со стеснувањето на ѕидот и надоаѓачкото лудило, снимена перфектно. Се разбира, тоа не е причина за сцената со себе-шишањето на крајот од филмот, еден панкерски потег кој се оправдува со женски пркос, кој можел да биде и многу поприземен и подлабок, но живееме во време кога „измите“ се во мода и на цена.

Пред самиот крај, да ги споменеме и моментите кои се провлекуваат крај вниманието на гледачот, а се поврзани со потеклото на главната хероина со нашиве простори. Најпрво, оној суптилниот и добро сработениот. Имено, филмот започнува со сцената со месење на леб. Гонџа работи уште од рано наутро, по замесувањето лебот го пече, за со истиот подоцна да нахрани стотици гладни усти на улиците на Калкута. Во една друга сцена на средина од филмот таа раскажува дека на нејзината мајка се присетува највеќе два пати годишно. И она што прво и’ доаѓа на ум е нејзиното месење на леб, играта со брашното низ зракот светлина кој влегува низ прозорецот, приказна која потсетува на безгрижно детство и која е истовремено и локална и универзална. Овие слики ќе бидат доминатни и во одличната сцена со сонот. При крајот, пак, во клучните моменти од филмот, Бојаџиу во време кога треба да пресече и да донесе битни одлуки кои ќе го детерминираат понатамошниот тек на настаните, за да ја смали напнатоста, таа повторно меси леб силно удирајќи го врз масата, притоа активно размислувајќи. Ми се допадна таа спротиставеност на нештата со „лебот наш насушен“.
Вториот момент е директното посочување на потеклото на „мајката“, која на еден час по географија им кажува на учениците дека таа е родена во Скопје, Македонија, и ги прашува дали знаат на кој континент се наоѓа оваа држава. Една мала умница станува и одговара дека тоа е во Европа. Се чини, сосема доволно и многузначно.

За расветлување на приканата, битно е да се пренесат и размислувањата на Митевска дадени за време на премиерата во Венеција. Таа посочува дека оваа одисеја започнала пред 15 години, кога добила понуда да направи документарен филм насловен „Тереза и јас“. Режисерката била во можност да интервјуира четири калуѓерки кои ја познавале Мајка Тереза, притоа пренесувајќи го нивното искуство. Според нив, таа навистина била амбициозна жена која успеала да создаде армија, и немала никаква допирна точка со идеализираната слика за неа која сите ја знаеме.
„Имаше многу негативности околу неа, и тоа ме направи љубопитна. Многу е лесно да се оцрни жена. И покрај сите контроверзии, јас во неа открив феминистичка икона“, беше категорична Митевска, нагласувајќи дека не е сигурна како ќе реагираат религиозните заедници на нејзиниот филм, но дека таа како уметник мора да биде отворена и да поставува прашања за ликот и делото на светицата, чие сценарио за филмот, освен на личните приказни на четирите калуѓерки од документарниот филм, е базирано и врз интервјуата и дневниците на Мајка Тереза, како и врз нејзините популарни мемоари „Дојди и биди моја светлина“.

Сепак, се чини дека „поигрувањето“ со финесите од животот на една ваква личност, Нобеловка за мир во 1979 година и канонизирана од црквата во 2016 година, по што станува Светица Тереза од Калкута, изискува многу отворени прашања што самиот филм треба, може и мора да ги постави. Авторите на ова дело загребуваат на површината од темите како машката доминација и женското тело како пречка или благослов, истовремено избирајќи пат во кој пропуштаат да го прикажат контекстот во кој се случуваат настаните, не доловувајќи го духот на времето, концентрирајќи се на личните демони со кои главниот лик се обидува да се избори, што е сосема легитимно, но недоволно за согледување и прикажување на „големата слика“. Затоа останува во воздух да лебди одговорот на прашањето „дали овој филм ќе предизвика сериозна дебата за Мајка Тереза, или ќе (о)стане уште едно дело од седмата уметност кое (ќе) претставува сезонски обид за реобмислување и повторно фрлање светло врз ликот и делото на една значајна историска личност?“ Во секој случај, се работи за голема интернационална копродукција, филмот има одличен продукциски дизајн, и поради ова треба да и’ се честита на екипата.
Ах, да, да не заборавам на самиот крај. Амин!
