Изминативе неколку филмски сезони повеќе од успешна се покажа формулата за екранизирање на популарни литерарни серијали, кои се темпира да се појават пред или по Новогодишните и Божиќните празници. Трилогијата „Господар на прстените“ и серијалот “Хари Потер“ го наметнаа овој ритам, кој неминовно мораше да продолжи со зачнување на ново повеќеделно „филмско чудовиште“.
Природно, како прв фаворит се наметнаа одлично продаваните седум книги на писателот Клајв Стејплс, „Авантурите од Нарнија“, кои во филмската адаптација, како однапред подготвено навестувачко сценарио, го добија името „Хрониките од Нарнија“. Или, еве го првиот дел, дами и годпода, а следат уште шест. Бидете трпеливи!
Четири британски деца поради бомбардирањето на нивниот град ќе бидат испратени кај стариот професор (Џим Броудбент), во еден стар замок, некаде во живописната провинција. Главните ликови-херои во оваа приказна се прилично типизирани и предвидливи. Питер е татковска, заштитничка фигура на помалите браќа и сестри, Сузан е онаа, одговорната, која се обидува да го смири најпалавиот и најтрдоглавиот, Едмунд. Најмалата и најслатката е Луси, која за време на играта криенка-миженка открива еден стар плакар, низ кој влегувате во еден сосема поинаков свет, свет од бајките – Нарнија. Многу бргу во играта межу доброто и злото, меѓу лавот Аслан и белата вештерка Џејдис, ќе бидат вовлечени сите четири ликови со свои ролји и задолженија.
Овој филм наменет за широка лепеза од возрасти има неколку проблеми. Како и првите делови на споменатите „Прстенот“ и „Потер“, сценаристите не можеле да го надминат синдромот на воведен дел на серијалот, во кој се’ мора да биде објаснето до најмал детал. Токму поради ова, првата половина од филмот поминува во здодевно навлегување во приказната, кога таа треба веќе длабоко да не’ вовлече во своите прегратки. Актерските перформанси, исто така, се лоши и безживотни. Доколку децата дале се’ од себе, тогаш веројатно повеќе се очекува од Тилда Свинтон, која со својата андрогина појава како да не е од овој свет. Но ова не е нејзин тип на филм, така што и не потрошила многу-многу енергија за да ја оставри својата цел – добриот хонорар. На Лајам Нисон, како второ звучно име, му е простено, бидејќи тој само го позајмува гласот на лавот.
Уште еден од проблемите на „Нарнија“ е тоа што целиот овој свет од бајките изгледа какод а се простира на само сто квадратни километри. Тоа доколку сте дете ви изгледа огромно, но ако еден од слоганите на филмот е дека ова е семеен филм за сите возрасти, тогаш нештата треба да изгледаат малку поуверливо. Директорот на фотографија Доналд МекАлпајн само во пар слики не’ уверува во моќниот свет на Нарнија. Можеби затоа саундтракот за овој филм отскокнува со својот квалитет од сето друго во него.
И најважното нешто: не сакам филмови во кои животните зборуваат! Ем зборуваат, ем човечки се однесуваат. Ќе го парафразирам славниот Умберто Еко од неговата книга „Како патував со лососот“, во која вели дека „денешните деца се многу оддалечени од вистинската претстава за животните благодарение на рекламите и филмовите, во кои тие ги преземаат човековите манири. Тоа е глупаво, бидејќи секое животно има свој посебен карактер“. Ќе си речете: „Па добро, ова е само филм!“ Во ред, како сакате 😉
На крајот, доколку очекувате хумор во овој „семеен“ филм вреден 150 милиони долари, знаејќи дека режисерот Адамсон стои зад проектот „Шрек“, за жа, истиот нема да го дочекате. Веројатно децата со нивната фантазија ги голтаат книгите на К.С. Луис многу сериозно, што можев да забележам и на лицата на моите внуки, кои сериозно го изгледаа филмот, и по пет минути веќе заборавија дека тој воопшто постои. Едноставно, филмот нема ниту еден момент со кој ќе го докаже епитетот „голем еп“. Затоа, „Хрониките од Нарнија“ е само „уште еден филм“ кој не’ бомбардира со веќе видени слики и препознатлива и здодевна нарација.
@Текстот е објавен во јануарскиот број на магазинот „Филтер“ 2006 година.