По 52 дена чекање, конечно ми стигна едно драгоцено ЛП кое го нарачав на 1 декември. Со радост отидов во пошта, а љубезните службеници се извинија и ми кажаа дека дента штрајкуваат и дека не се во можност да ми ја дадат пратката. Не инсистирав на ништо, им посакав да ја истераат правдата и да добијат плата, бидејќи нивната егзистенција е далеку поважна од моето ЛП. Мислев дека се наоѓам во ситуација кога „ова ноќ није био мој дан“, ама се излажав, бидејќи малку подоцна ми пиша Шон и ме праша кога сум во книжарница за да ми донесе плоча. Брзо се договоривме да се видиме, и тогаш сфатив дека денес навистина е мојот среќен ЛП ден.

Речено-сторено! Шон ми гo подари ЛП-то, па дури и ЦД-то од новиот албум, јас нему дебитантската стихозбирка „Ноември“, малку се сликнавме, разменивме муабет, и се разделивме. Фина, одмерена градска средба. Бев нетрпелив да го слушнам новиот материјал објавен во ноември минатата година, кој месециве намерно го избегнував затоа што беше најавено дека ќе излезе на носач на звук. Не сум љубител на дигиталните платформи, сакам музиката да ми помине „низ прсти“. И така, кога ми заврши смената, го јавнав точакот и „правац куќи“.

Со Шон се знаеме веќе две децении. Со Ѓоко Зафировски се надевам дека еден убав ден ќе се сретнеме 🙂 Го следев на концерти низ различни сцени по Скопје уште од „Sidewalk“ и „Fragment“, а третата инкарнација со име „Дени те чува“ особено ми легна и ми претставува стара љубов. Никогаш не прежалив што момците не продолжија да творат, но секој од нив си најде начин да ја канализира музиката во себе и од себе. Шон продолжи да твори и во меѓувреме го гледавме (повеќе слушавме) во различни изданија, за на крајот да ја конкретизира својата музичка идеја во проектот насловен „Нема лабаво“. И навистина „нема лабаво“, затоа што во период од само неколку пост-пандемиски години објави едно ЕП и две ЛП-ја, што е вредно за почит.

Го шетам Пол Њумен низ Скопје и му раскажувам приказни за еден град кој некогаш беше град, а сега се мачи да биде град, иако тук-и-таму има проблесоци. Синоокиот холивудски заводник се смее затоа што во торбата крие вистинско богатство.

Тој веќе ги прочитал текстовите од песните на Шон и, надополнето со глетката по „Партизанска“, се’ му станало јасно. Халуцинирам? Завеслувам со педалите и набргу стигнувам дома. Нетрпеливо ја отворам плочата и ја ставам на „палачинката“. Иглата влегува во браздите, и почнува приказната.

Албумот го отвора динамичната „Прости ми за тишината“. Авторот како да им праќа порака на фановите за неговото малку подолго отсуство од сцената, но очигледно таа тишина кај него била супер продуктивна. Всушност, Шон никогаш не се откажал од музиката, само беше малку „на страна“, будно опсервирајќи ја ситуацијата. Во метафорична смисла, пак, воведната песна повикува на „простување“ за молчењето додека пред нашите очи се случува падот на општеството, што е доволна тематска провокација албумот со внимание да сепроследи докрај.
Следи најдолгосвиречката „Земја нека ‘рти“ во која одблизу го запознаваме субјектот за кој музичарот пее и со кој останува во корелација до крајот од албумот. Во оваа „еко-аграрна“ песна Шон не’ потсетува дека не смееме да се откажеме од највредните работи во животот, лудирајќи на нешта што живот значат кои кај нас ги имаме во изобилство (земја, вод, сонце…), наместо новчаниците кои се само лажна шарена хартија без вредност. И најбитното, тој го поставува клучното прашање кон оние што три ипол децении не’ држат во транзициско ропство: „Во чие име зборите?“ Затоа што „не сме деца повеќе“, зрели сме и знаеме зошто сме тука „и кога некој сака да пука“ (тема 3), и затоа ќе ви… не, не, рано е за тоа, трпение, малку подоцна 😉

Во четвртата песна музичарот не’ проверува дали досега сме сфатиле „о чему је реч“ 🙂 Ова е најљубовната песна на албумот поддржана од динамична ритам секција. На половина од албумот следи филозофското прашање „Што остана од нас“. Шон, не зезај, се разбира дека останаа „острови“ до кои треба да се држиме. Токму твојот албум е еден од нив. И како што велиш, „Во Македонија е тешко да снимиш албум“, но еве, оставаш/оставаме трага зад нас, а тоа никој не може да ни го одземе.
Албумот, како и слушателот, катарзата ја доживува со насловната тема „Памти па врати“, во која авторот многу сочно тера се’ у пизду матер, онака како што треба. „И додека дишам, ќе кревам глас за се’ што украдовте и уништивте, за сите што заминаа, за надежта укината, за времето изгубено, за лажните пророци…“ Едно е сосема јасно, оваа песна сигурно нема да биде емитувана во радио-етерот, затоа едвај чекам да ја чујам во живо. Ќе биде моќно, со кренат среден прст во воздухот 😉

Во следната тема Шон се занимава со зборот, оној релниот, вистинскиот збор, кој вреди. Не смее да се дозволи да ни го згазат и човечкиот дигнитет, како да читам меѓу редови. Затоа, употребувајќи го токму зборот како оружје, тој го создава овој прекрасен албум, како што и јас го создавам овој текст вреден за пишување. Шон не е старо, излитено роќериште за кое треба да се трошат (книжевни) зборови, туку човек со младост во срцето, а таа секогаш изненадува и не’ носи напред, кон неизвесната иднина, со чиста мисла и здрав разум.
Последните две теми се два близнака кои одлично се надополнуваат. Констатацијата дека „се’ помалку не’ има“ совршено ја надополнуваат „песните кои се бесмртни“, што уште еднаш ја потврдуваа онаа мисла од претходно, дека зад себе треба да се оставаат дела, и тоа е една од борбите од кои не смееме и не треба да се откажеме. Песните/делата се нашата „религија“ и тие навистина се бесмртни. Низ мелодични рифови, последната песна комплетно не’ деатомизира, и единствено нешто што ни останува е иглата на грамофонот повторно да ја вратиме на почетокот. Ќе пееме и ќе свириме од инат… но највеќе – од љубов и за љубов!

Се’ на се’, Шон снимил прекрасен албум кој ја констатира состојбата во која се наоѓаме, но истовремено нуди и прозорци полни со свеж воздух за достојно продолжување на понатамошната егзистеницја на овој проклет, но прекрасен простор за живеење. Тој ја пронашол магичната формула како низ неколку заразни рифови и текстови кои тераат на размислување да допре до публиката, користејќи го медиумот „музика“ како една од најсугестивните модерни алатки за таа намена. Нема поефикасен начин да допреш до што повеќе луѓе како што тоа го нуди неколкуминутната музичка нумера. Бидејќи во неа има се’, цел еден живот со сите негови успони и падови, а тоа е сосема доволно за идентификација со проследувачот на пораките, особено ако со него го делите истото небо „со боја на бамји“.
И ако албумот „Проста македонска песна“ (2023) претставуваше кокетирање со „патриотизмот“ и музичката традиција, таа нишка на актуелниот албум е присутна само на фотките од обвивката, каде фигурираат играорците и „Тешкото“. Всушност, „Памти па врати“ е она што го олицетворува вистинскиот Шон, кој во соработка со Тошо Филиповски и Игор Кичма издава одличен албум спакуван во прекрасна ЛП и ЦД варијанта. Деветте песни создаваат компактна целина во која Шон со мелодичните гитари и специфичниот глас им дава боја на песните, но и на самиот живот, затоа што темите што ги обработува, иако спакувани во ефектни 2-3 минутни парчиња, сепак не се баш добри за стомакот, бидејќи ја содржат сета меланхолија што ни ја нудат црнилата, овде и сега. Шон со отворени очи гледа на разрушувачката реалност и ни мава добра шлаканица да се разбудиме и конечно да го кренеме својот глас против неправдите, затоа што кога веќе сме одлучиле да останеме овде, тогаш многу логично е и да сториме нешто за нас. Инаку – изгинавме!

Заокружувајќи ја оваа музичка приказна, повторно се враќам на „незгодниот“ Пол Њумен, кој фино се смешкаше во корпата на точакот. По преслушувањето на албумот, совршено знам и зошто. И покрај „непријатните“ теми што Шон ги обработува, албумот музички е совршен, благодарение на соработката со четири генерции музички фанатици: Дени Крстев како продуцнет ( и тапан и „бек“ вокали) во неговото студио во Ѓорче со поштенски наслов „1060“, потоа, Фиц на гитара и пратечки вокал, и Мирко Пејковски на бас.
Добра екипа создава и добро дело, кое во живо ќе го чуеме на 7 март во „Лабораториум“. Се гледаме таму. Дотогаш – нема лабаво!!!

