Биографските филмови секогаш ја наметнувале дилемата дали да се прикаже само најзначајниот и најплодниот период од животот на субјектот, или приказната да го опфати неговото/нејзиното бивствување од раѓањето па се’ до смртта. Првата варијанта, според која се снимени поголемиот дел од филмовите во овој жанр, уште не почетокот игра на картата на екстравагантност и глорификација на личноста, а втората отвора можност за влез на психоанализата во приказната, транспонирајќи ги детските фрустрации и трауми како единствена причина и последица врз подоцнежниот креативен период од животот на субјектот.
Во своето режисерско деби, актерот Ед Харис се одлучува за хибрид, комбинација од двата пристапа, но отфрлајќи ја помпата околу името на Џексон Полок, најзначајниот претставник на апстрактниот експресионизам во 20 век. Ваквата умна одлука сепак не успева до крај да побегне од конвенционалните рамки на вообичаеното, хронолошко прикажување на нештата, што на моменти филмот го прави некомуникативен и бавен, но никако и здодевен.
Адаптиран според наградената биографска книга на Стивен Најфех и Грегори Вајт Смит, Jackson Pollock: An American Saga, филмот се отвора, а подоцна и затвора, со сцената во која уметникот е на врвот на крилјата на славата, додека околу него светкаат илјадници блицеви. Тој момент на допир со Бога е највеличественото нешто што секој артист го посакува. Но патот до него е прилично тежок и тврд. Токму затоа, фокусот на приказната се префрла девет години порано, во 1941 година, само површно алудирајќи на периодот на крајот на Големата економска криза и почетокот на Втората светска војна, како едни од можните причини за животниот избор на сликарот: од гладен уметник кој живее со своето семејство до предводник на едне од најзначајните правци во уметноста во минатиот век. Полок, игран токму од Харис, стигнува до тоа со помош на сликарката Ли Краснер (Марша Геј Харден), откако ќе се запознаат за време на една групна изложба. Од тој момент Краснер станува неговата добра вила, интерпретатор, мајка, авторитет… Меѓутоа, не можејќи, и покрај големата љубов, да се оттргне од кафезот што таа со текот на годините го постави околу него, Полок повторно се враќа кон својата страст, алкохолот, и во еден момент на слабост и болка, посегнува по својот живот.
И покрај неколкуте суптилни обиди на режисерот да го стави Полок во еден поширок уметничко-историски контекст, што тој и го заслужува, сепак, тој се задржал на еден световен, здодевен и вечен „проблем“ – улогата и влијанието на жената врз силината на уметноста што ја создава уметникот. Тоа создава простор за силна актерска креација која особено ја користи Геј Харден, бидејќи таа се наоѓа буквално во секоја сцена во која е и самиот Полок. Затоа интерпретацијата на длабоката сентименталност и софистицираноста на жените во 40-те години и’ го донесоа Оскарот на актерката, а брилијантната игра на тортурираниот и некомуникативен уметник од страна на Ед Харис, за жал, не ја реализираа номинацијата за Оскар во конечен, тандемски актерски триумф.
Но ако тоа била единствената цел на режисерот, тогаш тој и не морал да ја избере токму приказната за Џексон Полок за да успее во сопствената намера. Едноставно, можел да сними некоја драма (инспирација има насекаде во секојдневието) со исто толку емоционални и силни актери, за да го постигне посакуваниот ефект. Филмот е сепак целина во која сите елементи треба да функционираат еднакво длабоко и хармонично. А посебно тоа што филмските биографии за сликарите во никој случај не треба да ја прескокнат нивната ексцентричност, бизарност и лудило, зашто тие се единственото нешто што ги одвојува од обичните смртници, покрај нивниот уметнички продукт, секако. Да се потсетиме само на филмските примери што датираат од блиските 90-ти години, Џон Мејберовиот „Љубовта е ѓаволот“ и „Баскијат“ на Џулијан Шнабел.
Енди Ворхол, парафразирајќи ја својата прва средба со Џексон Полок, ја опишува на следниот начин: Мачо тип, кој по влегувањето во кафеаната и по неколкуте капки алкохол, веднаш почнува да тепа се’ пред себе. Можеби таквата личност заслужува токму ваков филм!? Браво, Ед Харис!
@Текстот е објавен во септемврискиот број на „Урбан магазин“ 2001 година.