Додека Џони Кеш се’ уште беше жив, во Холивуд се појави сценарио за животот и кариерата на големиот кантри музичар. Но дури четири големи студија го одбија овој проект, без никакви цврсти аргументи. Откако Кеш почина во 2003-та, овој ракопис стана суво злато и беше само прашање на време кога ќе се реализира.
Во времето кога популарната музика напредуваше со космичка брзина, кога Боб Дилан постави нови стандарди со своите поетски визии, Елвис Присли и Битлси ги крадеа срцата на тинејџерките како никогаш претходно, а кантрито беше еден вид откривање на потенцијалите на изворната американска фолк музика, на светската музичка карта Џони Кеш се наметна како автентична фигура која во оганот долеа уште повеќе страст. Кантри пејачот и текстописец, и повремено музички хуморист, со својот материјал од рокабили до блуз, од традиционалниот фолк до Госпелот, ги освои срцата на сите кои во тој момент беа во потрага по нешто ново во музиката, задржувајќи ги својот моќен стил и харизма и во годините што следеа, се’ до својата смрт.
Веројатно режисерот Менголд долго се прашувал каков пристап да избере при екранизирање на приказната за еден од највлијателните музичари во 20 век. За жал, тој ја избрал најправолиниската формула во историјата на биографските филмови. Главниот лик, Џони Кеш, пред најголемиот настан во неговата кариера, по која албумот во живо потоа долго време го запоседнал врвот на топ листите, преку флешбекови, се присетува на сето она што се случувало во текот на неговиот живот, од детството, преку војничките денови во Берлин, па се’ до неговата венчавка со Вивиен и снимањето на првата студиска снимка. Секако, тука се и неизбежните фројдовски елементи кои се провлекуваат низ целото дејствие, како поврзаноста со неговиот брат кој несреќно загинува во пиланата на фармата, и бесот што неговиот татко ќе го манифестира врз Кеш во годините што следат, иако овој во меѓувреме станува вистинска музичка икона.
Иако предвидлив и долг, ваквиот пристап и не е толку лош ако истиот претставува коректна целина која суптилно „ве вози“ низ најзначајните моменти од животот на кантри легендата, кој не сакал да игра според ничии правила, освен по своите. Колевката на рокенролот, студиото „Сан“ во Мемфис на чело со продуцентот Сем филипс, е една од попатните станици во оваа приказна, која вредела да се овековечи на големото платно. Тука се и веќе споменатиот затворски концерт, многубројните турнеи низ САД со пријателите Елвис Присли, Џери Ли Луис и Рој Орбисон, зависноста од разни (не)легални супстанции кои за малку ќе му го упропастеле животот, итн.
Најмудриот потег на Менголд е што основата на приказната ја базира врз, веројатно, најголемата и најслатката љубовна романса во музичката историја, меѓу Џони Кеш и пејачката Џун Картер. Иако Кеш во јавноста се претставуваше како мистериозен човек во црно, Картер на прв поглед го краде неговото срце. Уште од детството, додека ја слушал на радио, па се’ до нивното официјализирање на врската, кое се случило пред многубројната публика во салата на еден концерт во канада во 1973 година, „зависноста“ на Кеш од Картер е повеќе од обична – таа за него претставувала најголема инспирација, најдобар пријател, адвокат, сопатник. Оваа наративна линија привлекува далеку поширока публика која ги полни кино салите, меѓу која ќе биде и онаа, примарната, составена од доживотните фанови на музичарот.
Дополнителен квалитет на филмот му дава и фантастичниот саундтрак за кој е задолжен Ти-Боун Барнет, составен од врвни музички парчиња, кои дури и во најздодевните делови од филмот функционираат освежувачки и полетно. Тука стигнуваме и до клучниот момент, актерските креации во филмот. Како и Џејми Фокс во „Реј“ (Чарлс), перформансот на Жоакин Феникс е базиран врз прецизната студија на својот субјект. Уникатно држење на гитарата, слични движења на сцената, продорен поглед… се’ на се’, фина евокација на она што го претставуваше Кеш во својата кариера. Многумина побрзаа и изјавија дека Феникс дури и звучи како Кеш додека ги пее неговите песни за тагата, моралноста и искупувањето, но тоа не е вистина. Никој не може да звучи како Џони Кеш! Риси Видерспун, пак, по улогите во блуткавите комедии одеднаш се трансформира во актерка која верно ја доловува Карте и нејзиниот микс од љубов, посветеност и страв од напуштање, што само и’ ја крена цената во Холивуд, отворајќи и многу можности за во иднина.
„Оди по линијата“ завршува со врвот на кариерата на Џони Кеш, некаде во средината на 70-те години од минатиот век. Иако не го опфаќа последниот период од неговото музицирање, кога сними четири незаборавни албуми, сепак претставува вистински епитаф за кој самиот Кеш веројатно би бил многу благодарен.
@Текстот е објавен во мартовскиот број на магазинот „Филтер“ 2006 година.