Во минатите два дена (23 и 24 јули), во МКЦ парк се одржа првото издание на фестивалот „Крај Вардарот Џез“. Оваа манифестација која веројатно има намера да прерасне во традиционална доаѓа како круна на активностите на саблејблот „ПМГ Џез“, кој во последнава година понуди еден куп квалитетна музика, која беше логично да се претстави на ваков начин, на едно место, и, секако, во живо.
За несреќа, ситуацијата со Корона вирусот си го стори своето, па така случувањата на планот на културата, како и секогаш, се последното нешто за кое треба да се размислува кај официјалните инстанци, но, уште еднаш Младинскиот културен центар е тука за да го скрши мразот, па така, деновиве оваа градска институција покажа дека со добра организација луѓето жедни за култура можат сосема пристојно да бидат дел од книжевни промоции, изложби и концерти, и тоа да не изгледа толку страшно.
Паркот зад МКЦ повторно се покажа како одлично место за концерти под отворено небо, дури и во време на специјални услови и ограничени места за публиката. Протоколот беше беспрекорен, на влезот ни измерија температура (ми покажа 36.1), столчињата беа наместени на 2 метри растојание, со пријателите комнициравме на дистанца, со маска, и – тоа е тоа.
Симболичната цена на билетот од 100 денари ме направи мрзелив, и за првата вечер планирав влезницата да ја купам во МКЦ-билетарата, сметјаќи дека нема да има голем интерес, бидејќи средина од летото е, градов е празничок… и вообичаено, се зафркнав! Ограничениот број на билети (300) беше распродаден, јас културно си бакнав врата, и со подвиткан опаш се вратив дома, каде веднаш онлајн си купив билет за следниот ден.
За пропуштеното имав можност да дознаам од хајлајтот на Мирко Попов, кој пред да стартува првиот бенд во втората вечер, се осврна на тоа дека и покрај дождот, првата вечер се случиле одлични свирки на Филип Букршлиев, Сетстат, Зулу 3.4 и на Кантон6Трио, во што не се ни сомневав. Јбг.
Прв на сцената во втората вечер настапи квинтетот на Јордан Костов. Музички проследивме одличен влез во планираната концертна понуда, при што Костов на хармоника и Букршлиев на гитара постојано „се ловеа“ и надополнуваа, додека останатите тројца во бендот совршено ја поддржуваа таа игра во позадина. Костов беше прецизен и хармоничен, а Букршлиев, иако ни подаруваше минималистички гитарски волшепства, со јазикот на телото оддаваше впечаток како истите да ги вади од најдлабоките пазуви на скриените музички тајни. Атмосферата е камерна, аплаузите млаки, а свирката одлична!!! Сите дисциплинирано се приковани за столчињата, многумина титкаат на своите мобилни, ко да се двоумат зошто се тука. Во меѓувреме, Андреа Мирчевска на контрабас блеснува за момент, и на небото почнува да светка. Заврна.
Организаторите се најдоа во небрано, бидејќи одеднаш сите побегнаа под околните дрвја, или во блискиот МКЦ, па просторот пред бината остана празен. Едноставно, немаше кој да ја активира споменик-бомбата во паркот, за нештата да продолжат понатаму 🙂 Но, настанот мораше да продолжи, и видоа-не-видоа, Кобалт код јунит излегоа на сцената среде дожд, пред празни столчиња, но со странична поддршка.
Дечките од Кочани направија сосема коректна свирка, давајќи го најдоброто од себе. Својот сериозен музички репертоар го отсвиреа најпрофесионално, во одредени моменти звучejќи како Таксидомун во најдобрите денови, а тоа беше препознаено и соодветно поддржано со силни аплаузи од публиката под дрвјата.
Во еден момент, една од ретките девојки која носеше чадор застана токму пред сцената, пред расвирениот бенд, за колку-толку да почувствуваат дека има публика пред нив. Таа остана до крајот од свирката на тоа место, ѕенѕајќи на дождот. Глетката беше магична.
Во меѓувреме дел од публиката нашла засолниште и на скалите пред Македонско радио, влезот низ кој се стигнува до студиото М2 каде во минатото сме гледале прекрасни акустични концерти на Архангел, ЕКВ, Ласт експедишн… штета што сето тоа не продолжи.
Конечно престана да врне и речиси сите дисциплинирано се вратија на своите места. Столчињата се забришуваат со хартија и се зазема позиција во очекување на финалето на концертната вечер. А таму не’ чекаа, односно, ги чекавме Светлост и Одрон ритуал оркестра, музичката банда која ни подари беспрекорна 50-минутна свирка.
Концертот го отвори Омерагиќ со жестоко соло на контрабасот и со глас кој повикува на ангажирано следење на она што имаат момците и девојката да го понудат од сцената.
„Плачат мајки за деца… живот поминат во фабрики… живот достоен за робови… ќе паднат тирани!“
Уф, јбт. Хаос!!! Ова е моќно и сугестивно. Темата се развива во недоглед, при што во следните 15-20 минути сите рамноправно имаат свој придонес во богатството на звучната слика, и на крајот, на истиот начин, Омерагиќ ја заокружува темата, надополнет со ударите врз тапаните кои повикуваат на марш, на мобилизација… за подобро утре!
Шоуто продолжува со несмалено, ритуално темпо. Интересно, во најавата на концертот момците постираа една слика на која со презимињата се поставени како фудбалска екипа. На сцената функционираа слично, со лево и десно крило. И ако лево доминираа дувачките инструменти на Спировски и Бојаџиски, на десното крило соодветно им возвраќаа Дробицки и Бујуклиев.
Омерагиќ „се бори“ со контрабасот, во еден момент му „пукаат“ прстите и се симнува од сцената за да ги заштити, Бујуклиев цело време ни пушта сублиминални звуци на работ од разумот, а чадот во позадина прави од сцената како бендот навистина „да работи“ во фабрика. Настанува звучен хаос, лудило! И сега сфаќам зошто еден момак на бендкамп има оставено коментар, парафразирам, дека ова е нешто најдобро што го слушнал во последнава декада, и дека навистина би сакал еден ден да ја посети Македонија и да ги слушне луѓево во живо. Уште еден доказ дека културата е вистински амбасадор на една држава.
Завесата на првото издание на „Крај Вардарот Џез“ е спуштена.