На мое големо задоволство, на филмскиот фестивал „Браќа Манаки“ во Битола имав чест да се сретнам и да поразговарам со Кристијан Бергер (Christian Berger), снимателот на неколку фантастични европски филмски остварувања. Неговиот благороден карактер ми овозможи фино да се опуштам и со него да промуабетам за многу нешта кои ме интересираа, особено за неговата соработка со култниот режисер Михаел Ханеке (Michael Haneke)
Вие сте од Австрија, земја од која доаѓаат малку филмови, барем за оние кои сме чуле. Каква е ситуацијата со австриската кинематографија во моментов?
Да, Австрија на филмски план е мала земја, со мали буџети за снимање на филм, и, да не бидам престрог, финансиери кои речиси не се заинтересирани да вложат во филмот. Меѓутоа, се снаоѓаме, особено последниве години, кога насекаде низ Европа се прават копродукциски проекти, кои веројатно ја претставуваат иднината на европскиот филм, така што не е дека сме без работа.
Секако, барем за вас не би требало да претставува проблем изнаоѓањето на проект, бидејќи сте веќе докажан директор на фотографија.
Па добро, зад себе имам десет долгометражни филмови, почнувајќи од првиот, всушност, мој авторски проект, како сценарист и режисер, филмот „Рафл“ (Raffl) од 1984 година. Подоцна имав уште еден филм зад кој се потпишав како режисер, меѓутоа, пред се’ уживам во работата како директор на фотографија. Мојата соработка со Ханеке е драгоцена, бидејќи ми отвори нови врати, нови простори, па пред две години, освен снимател, бев и продуцент на филмот „Сеќавањата на мртвиот човек“ (Der Glasserne Blick), кој помина добро во Австрија, како и на неколку европски филмски фестивали.
Како се случи соработката со Ханеке? Колку тој е ценет и гледан во сопствената земја, со оглед на тоа што актуелниот филм „Скриено“ (Cache) е снимен со француски пари?
Ханеке е прекрасен човек, и пред се’, принципиелен режисер. Бидејќи за многу работи го делиме истото мислење, тој сметаше дека по првиот филм треба да ја продолжиме заедничката соработка. Филмовите на Ханеке се почитувани од одреден круг на луѓе во Австрија, а истите предизвикуваат водушевување и насекаде во Европа, барем на филмските фестивали. Но поради нивната специфична природа, тие сепак не поминуваат добро на кино благајните. Како и насекаде во светот, така и кај нас кино публиката претежно сака да ги гледа високобуџетните холивудски филмови. Но Ханеке, а и јас, не патиме од тоа да собереме многу пари, па да се пензионираме. Ние, едноставно, уживаме во она што заеднички го правиме и со секој нареден проект одиме чекор понатаму.
Како е да се работи во тандем со човек чиј карактер, според многумина, е специфичен до крајност?
Ние всушност не сме тандем, туку трио. Тука е и Јирген Јоргес (Jurgen Jurges) нашето „трето око“. Па добро, ние сме добро воиграна екипа што работи веќе со години заедно, знаеме како дишеме, знаеме што очекува едниот од другиот, третиот… Така е многу полесно за работа кога влегуваме во нов проект. Сето тоа го заштедува времето на подготовка. Но за мене секој проект е нов почеток, нов предизвик, се’ започнувам од нула. Тоа ја прави работата повозбудлива, но и пострашна.
Се плашите од реакциите на Ханеке?
Не, не се плашам од Ханеке, туку од предизвикот на проектот. „Скриено“ за мене беше особено возбудлив, затоа што за прв пат целосно работев во дигитална продукција, прв пат на тоа ниво, со таков систем на осветлување. Повеќе се плашев од реакцијата на актерите, како тие ќе реагираат на новиот систем на објективи кој го користев. А се плашев и за моето искуство со нив, бидејќи дотогаш не сум ги користел во затворено студио.
Каде е снимен „Скриено“? На кои локации?
Еден дел од филмот, претежно екстериерите, ги снимавме во Париз, додека ентериерите ги снимавме во студио во Виена.
Дали самиот режисер инсистираше на употреба на новите технологии во „Скриено“, или тоа го наметнуваше самото сценарио?
Јас со новите, дигитални технологии, претходно снимив три филма, но ова беше прво заедничко искуство со Ханеке, и прв пат воп затворено студио. Ханеке е личност што се сомнева, буквално не верува никому, а и не е многу заинтересиран за светлината. Секое убедување од било кој во филмската екипа го смета за одземање на неговото скапоцено време. Но беше видно возбуден кога решивме дека ќе одиме до крај со новиот систем на снимање, а и јас морав да му ветам дека ќе му одземам многу малку време. Како и да е, тоа ми беше четврти филм со него и тој веќе почна да бара нова естетика, нов филмски израз. Но, пак ќе речам, тој го имаше последниот збор и ми напомена дека не сака да има разлика меѓу сценариото и видео снимките, кои се главен, носечки дел од мистеријата во филмот, туку сака да постигнеме унифицираност.
Каква е приказната околу завршниот збор на продуцентите околу финалниот изглед на филмот?
Не, не, продуцентите не го притискаат Ханеке, туку тој врши притисок врз нив 🙂
Направивте успешен спој меѓу филмскиот и видео делот од приказната во филмот. Дали се обидовте, на некој начин, и да манипулирате со чувствата на гледачот?
Провокација во „Скриено“ упатена кон гледачот постои, но манипулација во никој случај. Да, сцената кога Арапот си го пресекува гркланот е шокантна, меѓутоа, таа е во функција на приказната. Се обидовме гледачот да стане дел од филмот и мислам дека успеавме во тоа.
Каков беше пристапот кон работата додека се развиваше филмското дејствие? Вие полека, но сигурно и маестрално се обидувате да го откриете „скриеното“, но на многу суптилен начин, само за гледачите со добра перцепција. Дали и колку е тешко да се постигне тоа?
Се работи за искуство и развој на нашата работа веќе со години наназад. Како и во првите наши филмови, се работи за процес на зреење. На крајот добивме генијално дело кое е тешко да се направи, но го развивме до тој степен што во еден момент ви се причинува дека главата ќе ви експлодира.
И на крајот, задоволни ли сте од фестивалот во Битола?
„Браќа Манаки“ е еден од ретките фестивали во светот кој ја вреднува работата на директорите на фотографија и токму затоа сум почестен што сум гостин во вашата земја. Фестивалот има голема традиција и посакувам и понатаму да продолжи да живее.
Кристијан Бергер во Битола одржа фантастично едночасовно предавање за употребата на новите технологии во филмот, иако и самиот призна дека е љубител на добриот, стар начин на снимање на филмови. Тој на фестивалот ја доби „Сребрената камера 300“ од жирито на чело со легендарниот Виторио Стораро, како и наградата од публиката за најдобар филм.
@Интервјуто е објавено во првиот број на списанието за популарна култура „ФИЛТЕР“ во ноември 2005 година