Сè што ќе снимат Романците, вреди злато. И во минатото сум пишувал за оваа балканска кинематографија, како една од ретките на овие простори што на совремието со сите негови доблести и (многу повеќе) недостатоци му гледа директно во очи, без никаква шминка. Кристијан Мунгиу е еден од претставниците на оваа романска школа, која во овој милениум собра еден куп награди на значајните светски фестивали од „А“ категорија. По неговиот успех со првенецот „Четири месеци, три недели и два дена“ во 2007 година, кога во остра конкуренција ги изненади сите и ја собра „Златната палма“, филмскиот мајстор и лани во мај се врати на „местото на злосторот“ и ја доби „палмата“ за најдобра режија за неговото последно остварување „Матура“ (Bacalaureat), што беше добра препорака да се погледне овој филм.„Матура“, во најдиректна смисла на зборот, е филм за компромисот и за родителската улога во одгледувањето на детето, но најмногу за односот татко-ќерка, кој доколку не е отворен, знае да создаде крајно збунувачки ситуации. Од друга страна, овој романски филм е слика и прилика и на случувањата во последниве години и во оваа наша Македонија. Во романското општество, што е многу корумпирано, угледниот лекар се обидува да фати кривини за неговата ќерка да успее да ја добие стипендијата и да оди да студира во Англија, излез што таткото го смета за најсоодветен, откако во 1991 година, по падот на Чаушеску, се вратил од странство, мислејќи дека сè ќе оди кон подобро. Во меѓувреме, ќерка му претрпува сексуален напад среде бел ден, додека лекарот со сите
сили се обидува да го спаси и одамна разнишаниот брак, грижејќи се паралелно и за болната мајка. На крајот на глава му се тупнуваат и специјалните инспектори со задача да откријат корупција во градското собрание, кај пријателот кој треба да му помогне во врска со матурата на ќерката.
Иако сето ова изгледа многу заплеткано, Мунгиу, кој секогаш е автор на сопствените сценарија, релативно лесно го совладува материјалот, создавајќи многу чист филм во којшто резовите во монтажата се сведени на минимум, бидејќи секоја сцена е долг кадар во кој актерите брилираат, а мизансцената изгледа толку природно. Во таквата поставеност на нештата идентификацијата со ликовите е неизбежна, а ефектот од секојдневието врз гледачот за едни ќе биде поразителен, а за други триумфален. Првите би се прашале: „А зошто Мунгиу не снимил документарен филм, кога целото дејство е буквално копирање на реалноста на големиот екран?“, но другите би им одговориле дека токму во тој мајсторлак – реалноста да се претстави преку игран филм, а тоа воопшто да не го почувствувате, е целата поента. „Но, нели се работи за филмска УМЕТНОСТ, во која нештата можеби треба да добијат и некаква фикциска разрешница?“, би продолжил дијалогот итн., прашањата можат да одат до бескрај, но фактот што останува е следниот: Мунгиу е гениј и секој негов следен филм треба да се очекува со нетрпение!