Вчера замина Мирко Попов. Како ретко кој, тој успеа да го поистовети родниот град во кој живееше и твореше со уметноста што ја создаваше. Сите ние со нашето делување и однесување ја креираме сликата за градот како шаренило од темпераменти и можности, но сепак, кога него ќе го видев на улица, си велев: “Еве го модерно Скопје!”
Имав впечаток дека тој живееше со двојно мото. Првото, иако бендот сигурно не беше еден од неговите омилени, е наслов на песна од Партибрејкерс: “Ono sto pokusavam sada, ti neces za ceo tvoj zivot”. А за да го достигне посакуваното ниво, се придржуваше до Ворхоловото: “Work, the most important thing is work”.
Можеби недостатокот кај него беше тоа што не знаеше да стисне „пауза“. Многумина овде ќе направат една работа и со неа ќе бидат главни во касабата долго време, „урбани легенди“ за цел живот. Мирко се држеше до она „во процесот лежи уметностa“. Крајниот резултат е битен, но патувањето низ процесот е она што се важи, и те оформува како личност.
Најважно од се’ е тоа што Мирко во овие општестевни околности во кои се нервираме за недостатоците од многу нормални нешта, а камоли за регуларно постоење на музичка индустрија, или барем некакво ехо од неа, тој продолжуваше да го работи она што го сака – музиката. Тоа на овие простори е успех самото по себе. А се насетуваше уште од неговата емисија на „Стотројка“, „Интелектуален снобизам“ и разните други радио-инкарнации, па преку оформувањето на „ПМГ колектив“, новина за тоа време во средината на 90-те, па се’ до последните проекти (Џез етикетата, фестивалите…) дека, и покрај тоа што се’ мора да се турка на мускули, ентузијазмот не смее да изостане, зашто се работи за избор. И тука нема компромиси!
Неговата работа најдобро може да се почувствува, меѓу другото, и на двојното ЛП со значенски наслов “Сонична младост”. Еве го освртот кон компилација, текст кој содржи уште пар нешта поврзани со неговиот светоглед.
Мирно небо, Мирко