Вечерва во Домот на културата „Билјана Беличанец“ (Киноверзум) во Кисела вода, со проекција на новото остварување „На се’ ќе дојде крај“ на легендарниот хрватски режисер Рајко Грлиќ, беше затворено предјубилејното издание на меѓународниот филмски фестивал „КинеНова“. Пред тоа, интернационалното жири во состав Асимина Проедру (грчка режисерка), Дорина Оарга (романска продуцентка) и Јани Бојаџи (претседател) ги донесоа следниве одлуки, доделувајќи ги фестивалските награди „Златна грива“:
За најдобар краток филм беше прогласен „48 часа“ на иранската авторка Азадех Мусави, „за брилијатно режиран филм кој на површината е политички, но длабоко во себе ги прикажува суптилностите и нијансите на семејните односи и родителството, но и многу вешто успева да ги премине културните граници“.
За најдобро сценарио, наградата повторно отиде кај иранската кинематографија, овој пат за приказната во филмот „Кафуле“ на Навид Михадуст. „Лесно е да се биде храбар во слободна земја. Но, што ако сте творец во земја каде што нема слобода на говор? Креаторот не само што раскажал одлична приказна, туку додека го снимал филмот морал да донесе храбри одлуки за неговите ликови, но и за самиот себе, на крајот завршувајќи во затвор“, вели образложението на жирито.
Заблагодарувајќи се за признанието, неговата сестра Неда, која ја прими наградата, рече дека е мошне тешко да се стои на сцената претставувајќи го својот брат, кој е осуден на три години затвор, и во негово име ја прочита пораката што тој ја испрати:
„Мојот филм е обид да се зборува за едно од основните човекови права, а тоа е слободата на изразување. За жал, ова им е забрането на голем број луѓе во мојата земја. Му благодарам на фестивалското жири и оваа награда му ја посветувам на Бекташ Актим, ирански режисер и поет кој почина пред четири години во истиот овој затвор каде што се наоѓам во моментов. Се надевам дека ќе дојде ден кога ниту еден уметник во светот нема да биде во затвор поради изразување на своите верувања“.
За најдобар режисер е прогласен Хрватот Андреј Коровљев, за неговиот прв целовечерен игран филм „Хотел Пула“, „за извонредната употреба на филмскиот јазик, за деликатниот начин на кој ги прикажува тешките настани и ликови од војната во поранешна Југославија, сугерирајќи дека љубовта може да постои дури и на места каде никогаш не би ја очекувале“.
И на крајот, фестивалското „Гран при“ отиде во рацете на грчката режисерка Ева Натена за нејзиниот маестрален филм „Жена-убиец“, „која на оригинален начин го доловува родовото прашање, адаптирајќи на големото платно ремек-дело на светската литература со одлична режија“.
– Оваа награда ја чувствувам како мост меѓу нашите земји, бидејќи уметноста може да го направи она што многу политичари не можат. Затоа ја посветувам наградата на нашиот мост и се надевам дека тој ќе не’ направи поблиски во иднина – изјави Натена по врачувањето на наградата.
Им честитам и на жирито и на лауреатите, драго ми е што, според општиот впечаток, сите уживаа во годинешниот избор на „КинеНова“ деби филмови.
До следното издание… 😉