„Народен непријател“ од Ибзен во МНТ

Кога повторно го препрочитувам Хенрик Ибзен, сфаќам колку овој норвешки автор бил сплотен со времето во кое живеел, а истовремено бил и надвор од него. Е па сега, одлучи се, си велам. Дилемите во однос на втората констатација ми ги разреши гледањето на претставата „Народен непријател“ во МНТ, драма која иако е напишана пред дури 140 години (сиц!), таа совршено кореспондира со времето во кое живееме (или подобро, живуркаме).

Скандинавците се навистина генијални на полето на уметноста. Доволно е да се споменат сликарот Едвард Мунк, режисерот Ингмар Бергман и писателот Хенрик Ибзен, за да го оформиме светото тројство кое со својата уметност на дланка ни ја подари промислата за човековото постоење на оваа планета. Од минатата година на ова трио фантастико, особено на Ибзен, можам со задоволство да го надоврзам и тазе Нобеловецот Јун Фосе, чии драми и прозни дела совршено ја продолжуваат традицијата на норвешката, и воопшто, скандинавската и европската литература. Сигурно не и’ било лесно на младата Нина Николиќ да постави еден класик како Ибзен на театарските штици, но нејзината претстава си има свој фин тек, сцените се претопуваат една во друга, и сето тоа има една здрава целина која по напуштањето на салата ве прави задоволни од доживеаното.

За сето тоа да биде така придонесува одличниот актерски ансамбл на МНТ, предводен од Никола Ристановски, како носител на главната улога, онаа на доктор Стокман, (анти)херојот кој смета дека некој мора да се жртвува за доброто на заедницата, но на крајот баш и не мора да изгори поради тоа. Фино е да се види Ристановски во еден широк распон на тумачење на улогата од опуштена семејна патријархална фигура до жесток поборник за општествената правда. Исто така, фино е да се видат во иста сцена Ристановски и доајенот Петар Арсовски, бидејќи постарите актери полека си заминуваат, и не останаа многумина од нив кои може да носат квалитетни улоги на театарските штици.

„Да се каже денес дека некој класик на драмската литература е актуелен, звучи како општа констатација. Но, кога ќе го погледнеме драмскиот текст на Хенрик Ибзен „Народен непријател“ (напишан во 1882 година), фасцинантно е колку допирни точки гледаме меѓу општеството во кое живееме и она кое се врти против доктор Стокман. Драмата совршено кореспондира и со кризата со која нашето општество повторно се соочува — преку исклучувањето на доктор Стокман од заедницата, Ибзен вешто го разоткрива општествениот конформизам и политичкото користољубие, покажува механизам со кој секој поединец што прави обид да зборува за системска неправда, автоматски го карактеризира како предавнички и заговорнички“.

Покрај Ристановски, би сакал да ја истакнам и актерската интерпретација на уредничката на „Народен гласник“, креација на актерката Сашка Димитровска, која до срж навлегла во улогата на претставничката на медимуите, фантастично играјќи на тенката жица меѓу сензационализмот и етичарот во себе. Овој лик е многу важна алка помеѓу јавноста и микро-светот на докторовото семејство, и секој нејзин потег го детерминира понатамошното дејствие на оваа фантастична драма.

„Големо прашање е како денес да се прочита и да се толкува крајот на претставата. Во време кога, често, системот успева да го сомеле и да го совлада поединецот, предизвик е да се направи возможен и убедлив Стокмановиот оптимизам и одлуката  да остане, но подеднакво важно е и прецизно да се дефинира (следната) цел и да се конкретизира полето за понатамошната борба на овој Ибзенов херој“, поентира драматургот на претставата Тамара Барачков во каталошкиот текст, предизвикувајќи ја публиката да ја погледне оваа претстава која и покрај истакнувањето на сите современи проблеми, сепак е еден вид славење на животот со сите негови доблести и мани.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *