Џиџева во своето портфолио има многу повеќе документарни од играни проекти, со кои неретко добиваше и награди на фестивалите, кои благовремено, низ разговор ги покривавме и во магазинот. За „Списокот на Тони Манџа“ и наградата на Блекбокс фестивалот во Берлин, со авторката зборувавме во „Филмополис“ број 32, а премиерата за битолските ергени во потрага по руски жени во „Барајќи ја среќата“ ја покривме во „Филмополис“ број 454. Џиџева рамноправно влегува во овој преглед, пред сè поради прекрасниот проект чиј составен дел беше и таа. Станува збор за остварување што својата премиера во Македонија ја доживеа на фестивалот „Браќа Манаки“, но ние разговорот со Џиџева го направивме следната пролет, кога филмот ја имаше својата кинопремиера во Кинотеката на Македонија. „Некои поинакви приказни“ е омнибус составен од пет приказни режирани од пет режисерки, кои доаѓаат од петте новонастанати држави од поранешна Југославија. Деловите едноставно насловени словенечка, хрватска, босанска, српска и македонска приказна ги потпишаа младите авторки Хана Слак, Ивона Јука, Инес Тановиќ, Ана Марија Роси, и секако, Марија Џиџева, која беше особено возбудена поради домашната премиера на филмот.
Марија Џиџева: Најубавиот момент е контактот со публиката и приемот на филмот, како тој комуницира со неа. Не знам колку е на место, но тој процес би можела да го споредам со раѓање бебе, како надоврзување на темата на нашиот филм – мајчинството, и создавање еден сосема нов живот. Сета енергија и сета љубов што ја имаме сите ние како екипа, која е прилично голема, несебично ја даваме во филмот и тоа се чувствува. Едноставно сите ние на публиката насекаде каде што се прикажува филмот ѝ даваме една рожба, и таа толку нежно го прима филмот, што тоа чувство потоа долго нè држи и нè прави среќни и исполнети. Се надевам дека тоа дете достојно ќе порасне и дека филмот ќе има долг живот.
Фестивалскиот живот на „Некои поинакви приказни“ започна минатиот јуни на фестивалот во Таормина, на Сицилија, а досега играше на вкупно 31 фестивал, освојувајќи и пет награди во различни категории, и тоа на фестивалите во Пула, од критиката, во Палиќ, специјална награда на жирито, во Атина, награда од публиката, како и во Херцег Нови и на фестивалот на Националниот српски филм. На премиерата во Скопје специјална гостинка беше и режисерката на српската приказна, Ана Марија Роси, која го сподели задоволството од учеството во еден ваков интересен интернационален проект.
Ана Марија Роси: Зборуваме за омнибус, а веројатноста еден ваков филм да игра на многу фестивали не е толку голема, а притоа да биде и награден. Сето тоа е тешко остварливо, затоа што станува збор за пет авторки и исто толку приказни, но сосема сум задоволна од крајниот резултат. Мене ме радува тоа што, иако можеби ќе звучи патетично или ЈУ-носталгично, конструкцијата на филмот е склопена многу модерно. Далеку од тоа дека е ретро, приказната всушност е многу актуелна. И најважно од сè е дека сфативме, не само ние, туку и Европа, не може веќе да прави филмови само за сопствената публика со сопствени пари. Сакале ние или не, и покрај распадот, упатени сме едни кон други. Сега живееме во мали и смешни држави на Балканот, но тоа што го сработивме, на крајот, сепак, има некаква смисла. Се разбираме, иако зборуваме на различни јазици, потекнуваме од исто милје со сличен менталитет и овој проект не е случајно склопен на овој начин.
Иницијатор на целиот проект е српскиот новинар и филмски критичар Ненад Дукиќ, кој ни објасни кој беше иницијалниот момент за започнување еден ваков голем копродукциски проект, финансиски поддржан од петте национални кинематографии од ЈУ-просторите, но и од Еуроимаж, како и до Ирска.
Ненад Дукиќ: Како и во многу други работи, тој момент се случува спонтано и сосема неочекувано. Иницијалниот момент се случи на националниот фестивал на словенечки филм во Порторож пред пет години, кога бев дел од тамошното жири. Таму сретнав две од режисерките, едната од Загреб, а другата од Љубљана. Збор по збор, и дојдовме до заклучок дека би било добро да направиме еден заеднички филм. Дури и на шега чкртнавме нешто на салфетка, која сè уште ја чувам дома. По неколку месеци, иако тоа беше шега, сфатив дека таков проект има смисла. Тогаш седнав и сето тоа го ставив на хартија и, секако, сериозно тргнав во реализација на овој интересен проект.
„Македонската приказна“ зборува за една млада жена, која треба да се породи, но на која сакаат да ѝ го одземат детето поради тоа што е зависник од дрога и бидејќи е невработена. Тогаш тргнува нејзината драма… Улогите во нашата приказна ги играат: Ива Зенделска, Јордан Симонов, Славиша Каевски, Синоличка Трпкова, Владимир Ендровски, Несрин Таир, камерата е на Дејан Димески, а сценариото е на Ѓорче Ставрески. За Џиџева не претставувало тешкотија што се работи за омнибус, бидејќи секој си ја гледал својата работа и таа смета дека копродукциите се вистинска шанса за снимање филм во денешно време.
Марија Џиџева: Се надевам дека сите мои следни проекти ќе бидат копродукциски затоа што многу полесно се отвораат врати за соработка и за понатамошна презентација по регионални фестивали, како и за киноприкажување и дистрибуција на филмовите. И да сме најбогатата земја и да ги имаме најголемите пари во светот, доколку немате добра промоција, филмот ќе остане само во локални рамки, во Македонија, а тоа не е идејата, туку филмот да се погледне насекаде низ светот. Копродукциите токму тоа и го нудат. Можеби е многу комплицирано да се направи копродукциски проект, но понатамошниот резултат е многу поголем, подобар и позначаен за сите кои учествувале во него, без исклучоци.
Интересен е моментот на координација на целиот проект, бидејќи сите приказни се снимени на различни локации и во различни држави, за на крајот финалниот проект да добие заеднички шмек. Во тој процес исто така бил вклучен иницијаторот Дукиќ.
Ненад Дукиќ: Јас на режисерките им го дадов лајт-мотивот што мораше да биде присутен во сите стории. Условот беше сите приказни да бидат современи и да бидат раскажани преку современ начин на размислување, онаков каков што постои во денешните земји. Потоа ги читав сценаријата, кои попат претрпуваа многу промени. Интересно, претходно споменатите режисерки од Загреб и од Љубљана, на крајот воопшто и не беа дел од проектот. Значи, соработував со девојките на приказните, а кога тие беа готови, тогаш им дадов слобода да ги изрежираат на начин на кој мислат дека е најдобар. И на крајот, повторно работевме заедно во склопувањето на целиот мозаик.
Официјалната, но фестивалска премиера на „Некои поинакви приказни“ во Македонија се случи минатата есен на Фестивалот на филмска камера „Браќа Манаки“ во Битола, каде што по проекцијата доживеа овации од публиката, но кинопремиерата е секогаш поинаков момент. Затоа, ги прашавме двете режисерки како се чувствуваат во однос на тоа.
Марија Џиџева: Секако, најмногу трема и возбуда има пред домашната публика. Првата македонска проекција во Битола, на наша голема радост, беше исполнета, добивме голем аплауз и со многу убава енергија публиката излезе од салата. На премиерата во Хрватска, во арената во Пула пред 3.000 луѓе, се работеше за едно посебно доживување што би му го посакала на секој филмски автор. Во Србија првото прикажување се случи на фестивалот во Нови Сад, каде што исто поминавме фантастично, со спонтани аплаузи во текот на целиот филм, а на Сараевскиот филмски фестивал самиот факт дека бевме меѓу првите 4-5 најдобро оценети и прифатени филмови кажува дека филмот е навистина одлично прифатен од критичарите и од публиката во регионот.
Ана Марија Роси: Јас многу подобро се чувствував каде било отколку на белградската премиера, бидејќи таму имав голема трема. Верувам дека вечерва на Марија Џиџева ѝ е далеку понепријатно отколку мене. Овде сум многу опуштена и релаксирана, додека дома секогаш е најлошо, затоа што таму се вашите блиски, оние што ќе бидат најкритичарски настроени, бидејќи секогаш се грижите што другите ќе помислат за филмот.
По премиерата во Кинотеката на Македонија, веќе од следниот ден „Некои поинакви приказни“ може да се погледне на репертоарот на кината во „Рамстор“, како што вели продуцентот, сè додека има интерес за тоа, а што се однесува до фестивалите, веќе следната недела ќе биде дел од големиот филмски хепенинг во Лос Анџелес.
(Прилогот е емитуван во „ФИЛМОПОЛИС“ 343, а транскриптот и воведниот текст се објавени во книгата „ФИЛМ.МКД“)