Деновиве уловив една слика, еден кус кадар од филмот „Неподносливата леснотија на постоењето“ на Филип Кауфман од 1988 година, екранизација на истоимениот роман на Милан Кундера, и читајќи го тоа кусо обраќање на Тереза (Жилиет Бинош) до љубениот Томас (Даниел Деј Луис), си реков: „Драга Бинош, драг Кундера, не сте свесни колку сте (биле) во право“. 🙂
Во време кога постојат повеќе фестивали од публика, перцепцијата на чешкиот дисидент се чини повеќе од точна. Тој во својот антологиски роман, на македонски објавен од „Табернакул“, во свој стил испреплетува неколку животни приказни, поставувајќи неколку рамништа на толкување на овоземните нешта, започнувајќи ја книгата со размислување за идејата на Ниче за вечното враќање. Мајсторски раскажувајќи ги личните приказни на Томаш, Тереза, Сабина и Франц, тој ја отсликува прекрасната Прага во 1968 година и заложбата на интелектуалците во тој бурен историски период. Отворајќи го прашањето на тежината на постоењето, Кундера на оваа книга ѝ дава филозофска димензија, наспроти љубовта, болката и страстасо кои истекуваат од страниците на романот.
Според зборовите на самиот автор, суштината на овој роман се состои во расветлување на човековото постоење, т.е. „испитување на тоа што е човечкиот живот во стапицата во која се претворил светот“. Сето тоа режисерот Филип Кауфман во 1988 година го преточи во одлична екранизација на книгата, една од ретките успешни на сребрениот екран. Најмногу за тоа придонесе хемијата меѓу тогаш младите и потентни Бинош и Деј Луис, актерски перформанс кој до ден-денес го паметиме.
И уште еднаш, драга Жилиет, драг Милан, за жал, не сте свесни колку сте (биле) во право!!!