Вечерва, по одгирувањето на финалниот натпревар меѓу Шпанија и Англија, ќе го дознаеме новиот европски фудбалски владетел во следните четири години. Според игрите, тоа сосема го заслужува новата шпанска генерација со сите шест победи досега, но гледајќи од англиска перспектива, судиската секогаш е последна. Германија беше добар домаќин на „најбалканското“ европско првенство, со најмногу квалификувани репрезентации досега од овој дел на Европа. И како и во 2006 година, кога беше домаќин на светското фудбалско првенство, таа остана со кратки ракави во однос на медалите. Но тоа е разбирливо кога во оваа генерација немаат голгетер од рангот на еден Јирген Клинсман, да речеме. Затоа тој и неговата „Буба“ добија заслужено место како насловна фотографија на овој текст, кој претставува мал хајлајт на најинтересните случувањата на „ЕУРО 2024“ во изминатиот месец.
Иднината е секогаш во младите. И еден Тито на времето велеше „На младите светот останува“. Со таа филозофија подмладената шпанска репрезентација ги освои сите симпатии на првенството во Германија. Младиот Јамал стана најмладиот учесник и стрелец на едно ЕУРО, верно следен од Олмо, а Педри поради повредата немаше можност да го покаже својот раскошен талент. Големите репрезентации од рангот на Шпанија редовно прават подмладување на селекцијата бидејќи имаат капацитет и ресурси за тоа. Но треба да ти се погодат и децата, нели. И кај Германците во годиниве наназад имаше освежување на репрезентацијата, но немаше доволно квалитет за да излезат на површина.
А што да кажеме за македонската репрезентација на оваа тема? По антологискиот успех со квалификувањето на европското првенство пред четири години за прв пат во историјата, истата генерација продолжи понатаму, но без посериозен успех. Додуша, ги зафркнавме Италијаните да не одат на светското првенство во Катар, но тоа беше само инцидент. За жал, засега не гледам стратегија за понатамошен излез од кризата. За ресурсите и капацитетот зборувам. А талентот е несомнен.
Од друга страна, пак, како што споменав во воведниот пасус од текстот, ова првенство беше најбалканско досега, и во однос на квалификуваните репрезентации од овој дел од Европа, и во однос на однесувањето на фудбалерите и навивачите од овие земји. Токму затоа насловот на текстот на почетокот содржи едно (не)двосмислено „Н“ во заграда. Секојдневно читавме дека на улиците од германските градови се случуваат одредени фрки со балканските навивачи, иако на истите не беа имуни ниту пијаните Англичани, да речеме. Истовремено, фудбалерите со своите однесувања оставија лош впечаток небаре се работи за Неандреталци, а не за спортисти кои ја претставуваат својата држава во 21 век. Но, за да не биде се’ толку црно, истовремено за прв пат гледавме како на улиците заедно навиваат Срби и Хрвати, а најсимпатичен момент беше оној кога еден албански навивач, пред мечот на неговата репрезентација со Италија, пред „жабарите“ кршеше шпагети, додека овие, правејќи драма, паѓаа во транс поради тој „непромислен“ потег. Супер симпатично!
Сепак, на крајот, ниту една од балканските репрезентации не стигна ниту до четвртфиналето, што може да се смета за неуспех ако знаеме дека сите фанови од овие простори мислат дека нивните репрезентации и фудбалери се најдобрите на светот откако постои овој спорт. Особено Србите. Но и покрај неуспехот, Пикси повторно ја доби довербата на Вучиќ и ќе остане на селекторското место. Човекот сепак, на мускули, но сепак, ја однесе српската фудбалска реперезентација на трето големо натпреварување по ред. Кај Хрватите, пак, се почувствува замор на материјалот, Лука е пред пензија, Далиќ веќе го нема магичното стапче во ракавот, но кај нив се гледа потенцијалот за подмладување и некои „нови дечки“ кои во иднина ќе бидат здравиот костур на репрезентацијата. Заокружувајќи го учеството на „Кралството СХС“ на првенството, Словенија можеби покажа најмногу, резултатски, но не и играчки. Сепак, и во поранешна Југославија не важеа за едни од поталентираните фудбалски народи, но ете, со работа, труд и дисциплина отидоа чекор понапред, што е за пофалба.
Најпријатни изненадувања беа репрезентациите на Холандија, Швајцарија, Турција и Грузија. Збор-два и за нив. Куман досега не се покажа нешто особено ниту како селектор, ниту како тренер на некој европски клуб, но се чини дека генерацијата му се погоди, збир на младост и искуство, и стигна дури до полуфиналето. Швајцарија од првенство во првенство оди се’ подалеку со нивната не многу атрактивна игра, повеќе практична, на резултат. Турција не може против гените и секогаш губи поради неможноста да ги смири страстите тогаш кога е најважно. Четвртфинале за нив сепак е успех, и покрај тоа што сите дрва и камења отидоа врз грбот на селектрото Монтела. Грузија како дебитант остави најсилен впечаток со отвореното срце и подготвеноста да даде гол повеќе од противникот. Тоа го почувствува и кутрата Португалија на својата кожа.
Токму Португалија и моќната Франција се најголемите разочарувања на ова првенство. Роналдо и Пепе се пред заслужената пезнија со бенифициран стаж, а останатите не беа доволно моќни да сфатат дека самите тие треба да ја преземат работата во свои раце (Бернардо Силва, Бруно Фернандеш…), а не да ги задоволуваат потребите на другите. Кај Франција исто така се случува замор на материјалот, Дешамп треба да си замине, а на Мбапе да му се доведе нов селектор кој ќе ја најде и развие неговата вистинска, голгетерска позиција.
По овие субјективни и слободни размислувања за „ЕУРО 2024“ во Германија, пред крајот одиме со неколку интересни информации поврзани со случувањата на првенството.
Албанија на нејзиното второ учество стана репрезентацијата која го дала најбрзиот гол досега во историјата на европските првенства. Тоа се случи во 23 секунда на мечот против Италија, а стрелец беше Тетовецот Бајрами.
Најдоцниот гол во историјата во регуларниот дел од натпреварот, пак, го постигна унгарскиот фудбалер Чобот во десеттата минута од продолжението (90+10).
На ова првенство беше постигнат и негативен рекорд со најмногу покажани картони на еден натпревар. Тоа се случи кога играа нервозните фудбалери на Турција и Чешка, на кои судијата им покажа 18 жолти и два црвени картони.
Роналдо неславно се прости од големите натпреварувања не постигнувајќи ниту еден гол на првенството (промаши пенал во регуларен дел, но го даде при изведувањето пенали по 120 минути). Дури се појави и еден „кромид“ дека УЕФА решила првенството да трае додека тој не постигне гол. Смешки 😊
Во позитивно светло, единствен играч кој досега постигнал макар еден гол на шест последователни големи натпреварувања, вклучувајќи ги и светските првенства (3 европски и 3 светски) е Швајцарецот Ѓердан Шаќири. Алал вера!
И покрај позитивниот впечаток, сепак Словенците се единствените чиј селектор беше исклучен за време на еден меч. Тоа му се случи на Матјаж Кек.
Од куриозитетите, единствен играч на „ЕУРО 2024“ кој постигна и гол и автогол на еден меч е Џасула од репрезентацијата на Албанија.
И една многу важна, а можеби и изненадувачка статистика: најефикасните стрелци на европското во Германија играат во клубовите од Бундеслигата. Кој би рекол!?
И на самиот крај, за колекционерските „слатки“ маки при собирањето на албумот со самолепливи сликички. Годинава, после петдецениска традиција, за прв пат италијанскиот „Панини“ ја загуби лиценцата и нов играч на пазарот стана фирмата „TOPPS“. Во Македонија немаше јунак што ќе го увезе албумот и ќе ги израдува колекционерите да продолжат со својата страст (меѓу нив и јас), па кутрите се снаоѓавме како знаевме и умеевме со купување и нарачка на сликичките во соседните држави. Интересно, немало албум со сликички ниту во Албанија и Косово, каде веројатно масовно би се купувало и собирало сликички.
Но нејсе, работата е при крај, иако сега е всушност најтешко. Имено, се појавија разни профитери кои „златните“ СП сликички почнаа да ги продаваат по енормни цени, не сфаќајќи ја поентата на колекционирањето – едукација и забава. Сега ќе мораме да чекаме да се отворат нарачките од „TOPPS“ за овие простори за да можеме да го комплетираме албумот. Ќе биде 😉
Посакувам добар финален натпревар вечерва, многу голови, и сите да уживаме во уште еден спектакуларен меч во „најважната споредна работа на светот“. Hasta la vista, baby 😉