Денес од печат излегува новиот превод на роман од омилениот современ британски писател Ханиф Курејши, во издание на „ИЛИ-ИЛИ“. По објавувањето на „Интимност“, „Нешто да ти кажам“ и „Последниот збор“, ова е фино заокружување на делата на писателот на македонски јазик, овој пат во превод на Милан Дамјаноски.

Во својот роман „Ништо“, Курејши нè воведува во светот на Валдо – пензиониран режисер прикован за кревет, чие секојдневие е исполнето со сомнежи, горчина и саркастични размисли за животот, љубовта и предавството. Со ограничен физички простор, но бескрајно активен внатрешен монолог, Валдо се сомнева дека неговата сопруга има афера со неговиот поранешен пријател. Така започнува психолошка игра на манипулации, каде што читателот постојано се прашува: дали Валдо е жртва, или тој е вистинскиот манипулатор?

Романот е краток по обем, но содржински густ. Курејши, како и во своите претходни дела, не се воздржува од провокации – отворено зборува за телото, желбата и немоќта, со стил полн со иронија и остроумие. Ништо тука не е пристојно: ниту карактерите, ниту разговорите, ниту мислите. Приказната е полна со театрални пресврти, злоба и груба искреност, а нараторот, очајнички духовит и опасно самосвесен, не дозволува да ја тргнете книгата од раце.
„Ништо“ е кратка, боцкава медитација за смртноста, исполнета со нихилистичка наслада. „Ништо“ е како шлаканица: болна, но тешко ќе ја заборавите!!!

Ханиф Курејши (1945) е британски романсиер, драматург и сценарист со пакистанско потекло. Во книжевноста влезе преку филмот и театарот; неговото сценарио за филмот Мојата убава перална 1985 г. се здоби со бројни меѓународни награди. Негови најпознати дела се: Буда од предградието (1990), Црниот албум (1995), Интимност (1998), Телото (2003), Нешто да ти кажам (2008), Последниот збор (2014) и Ништо (2017). Автор е и на збирки раскази, драмски дела и есеи.
Ханиф Курејши се наоѓа на листата на 50 најзначајни британски автори по Втората светска војна.

