Во очи на десетгодишнината од прераното заминување на мојот омилен македонски поет, еве мал избор на фаворит-песни од Игор Исаковски од неговите збирки поезија.
На гробиштата
бавно зачекорувам
низ гробиштата
во потрага по моето име
пред мене се крева пареа
од свежо напластени гробови
меѓу патеки обраснати во плевел
бавно го барам своето име
низ темните гробишта
надевајќи се дека нема да.
одам низ алеите и мислам на својата вина:
пак сонував што не смеам, пак што не смеам –
слики кои и од потсвеста ќе морам да ги збришам.
тивко како смрт чекорам низ гробиштата.
АЈТ У ПМ
ајде да одиме во киев
ќе се качиме на трамвај
број 8
и ќе зуиме низ градот
цел божји ден
ајде да одиме
во најблиската шума
да дремеме во сенки
низ подзамижани очи и
густи гранки
да го бараме сонцето
ајде да одиме во сахара
да лутаме низ песокот
со испукани усни
и врели стапала
да бараме сенка
и капка вода
ајде да одиме
фати ме за рака и
да тргнеме
во потрага по човечка смисла
жедни и постари со секој чекор
Секогаш раскажувам приказни
но сакам и да чујам
нови а обични:
се возев во такси
и возачот почна да се жали
на главоболки и висок
притисок
многу лекови…
нешто му се случило пред некој ден
и тоа го разебало до даска;
до срж ме уби, вели тој
и пристојно застанува на пешачки.
жената, бившата веќе, се премажила –
зела ерген, наш од Германија
и сега ќе одат таму
со неговите две деца.
со нивните две деца од нивниот прв
брак, зашто типот таму имал работа.
да не е некој тежок бизнисмен,
прашувам, а тој вели не е, разнесува
брза пошта а моите деца ќе ми бидат
на илјада и кусур километри од дома.
овде им е сè, вели, овде сум им јас.
само поштарот не е овде, си мислам
и некако ми доаѓа да опцујам
пред да му речам да си ги нарача децата назад
по брза, ебено брза пошта без повратна адреса.
Квантитет што убива
по многу напишани песни
за кратко време
секоја наредна
е се’ потешка
и педерски претенциозна.
нешто ме влече кон машината
но тоа сигурно не е
двоумење
и останувам на масата
со чашата в раце
додека телефонот е
нем
како и музиката
а деновите на календарот
се бројки што покажуваат
колку сум поблиску
до грдото чудо.
Јужен светилник
сноп светлина:
одамна не поминуваат бродови
но наминуваат луѓе, –
ме заплиснуваат шумови
тече светот во прелевање
сноп светлина –
секој ден пораширена, почиста…
сноп светлина сум.