Минатиот викенд градот Кочани во источна Македонија беше „местото каде треба да се биде“, затоа што понуди програма за сите сетила. Добро е кога малите општини низ државава ќе покажат чувство за вистинска културна понуда и со тоа ќе ги анимираат не само сопствените граѓани, туку ќе привлечат публика и од другите градови.
Одамна не сум го посетил тој крај од државава, и за прв пат возејќи по автопатот Миладиновци-Свети Николе, за релативно кратко време по жештините стигнавме во долината на оризовите полиња, каде комарците едвај не’ чекаа. За среќа, на влезот во Кочани не’ пречека ситен дождец и тивко ветренце, што влезот го направи многу пријатен. Веднаш се упативме до блиското езеро „Градче“, во истоимениот хотел-ресторан кој нуди прекрасна летна тераса и вкусна храна.
И додека прекрасниот елен кулираше во својот заграден простор, а трските на локалното риболовно друштво беа на готовс, сфативме дека ова е едно од скриените македонски бисери за вистинско летно уживање.
Сепак, со стабилизирање на времето и спуштањето на ноќта, локалните Богови – комарците, почнаа да си ја вршат работата врз нас, и моравме веднаш да се прснеме со Аутан. Така заштитени, го посетивме блискиот водопад, до кој се стигнува со автомобил по асфалтиран пат, а потоа се спуштате петнаесетина минути до него со лесна прошетка низ шумата.
„Голем водопад“ крај Кочани е фино среден и нуди убаво доживување, но и освежување. Водениот ѕид создава влажност во околината, и во овие жешки летни месеци баш е пријатно да се биде во негова близина, додека информативните табли не’ едуцираат за присутниот богат растителен и животински свет.
Враќањето во градот го искористивме за мал одмор, а потоа правец – центарот на Кочани, каде се случуваат сите градски интриги, на кои сведочи Кочанска река која скромно минува низ среденото корито. Над неа гордо се крева велелепниот Дом на културата „Бели мугри“, во кој вечерта се отвори изложбата „Визуелниот говор на македонските носачи на звук во 20 век“, додека на летната сцена пред него во тек беше тонската проба за вечерашната свирка.
Во една голема и атрактивна просторија од домот, Тошо Филиповски успеал да ги претстави сите винили издадени од македонски музичари досега, импровизирајќи срцев кардиограм на ѕидот од салонот. Просторијата и поставката многу ме потсетија на настаните во „Мала станица“ во 90-те години на минатиот век, а по малата прошетка низ домот, сфатив дека истиот има фантастичен потенцијал кој само треба да се разигра со различни содржини.
Освен винилите, на изложбата можеа да се видат и касетни изданија, компакт дискови и плакати од концерти на македонските изведувачи во минатото, како еден вид на ретроспектива на рокенрол сцената кај нас, сето тоа надополнето со македонска музика од грамофонот.
Надвор веќе се’ беше подготвено за забава, кавер-бендот ја загреа атмосферата со десетина добро селектирани и изведени песни, а качувањето на сцената на музичките херои „Суперхикс“ предизвика делириум кај присутните. Луѓе од различни генерации таа вечер во Кочани супер се забавуваа, бидејќи Пеце е вистински шоумен и два часа држеше позитивна тензија, за што доби пет килограми кочански ориз како награда од публиката.
Следниот ден, во неделата, Кочани низ провинциски дремеж бавно се будеше од претходната енергична ноќ, и после 11 часот повторно не’ собра во Централ парк, каде се одржа летната регионална „Берза на винили“. Се создаде прекрасна синергија помеѓу изложувачите, дискофилите и останатите присутни, сето тоа повторно зачинето со добра музика од грамофоните.
Крај споменикот на Никола Карев, паралелно со винилманијата се случуваше и продажна изложба на ракотворби, на која можеа да се видат и купат одлични парчиња накит и останати ситни мали нешта кои животот барем за момент го прават поубав.
Сонцето веќе го достигна дневниот зенит на небото, добивајќи на жестокост, и тоа налагаше инстант реакција. Претходниот ден видовме дека градскиот базен до стадионот работеше, но ние сепак се одлучивме за пат од 30-тина километри и посета на првоотворениот Аква парк кај нас, оној во Пробиштип. Патот дотаму – пријатен, а сообраќајните контроли и покрај жешкото – стандардни.
Аква паркот во Пробиштип е навистина убаво среден и нуди целодневна забава. Сигурноста е на прво место, екипите се будни и добро работат, а понудата на храна и пијалоци е солидна. Според присутните регистарски таблички на автомобилите, пробиштипскиот аква парк дента на едно место обедини луѓе од различни краишта на земјава.
Но, за се’ да не биде идеално се погрижи локалната полиција, која на паркираните автомобили крај оградата од паркот, ќутениџик, им закачи казна по 25 евра, и многу од гостите го покажаа својот револт, барајќи газдата да им ја плати сумата, кога веќе не обезбедил голем паркинг простор за сите гости. Јбг.
Се’ на се’, ова беше убав викенд на истокот од Македонија во среде лето, кој, доколку се продолжи во оваа насока на нудење на пристојни културни содржини, може да стане и фина туристичка традиција. Why NOT?