пишува: Оливера Ќорвезироска
Ракописот OFF THE ROAD на Игор Анѓелков, „краткиот роман“ како што си го дефинира самиот автор, е прозен текст по мерка на времево во кое живееме, но и по мерка на моментниот книжевен контекст во Македонија, па и пошироко. Настрана од големите приказни и големите, одамна пробиени и редовно одржувани и обновувани книжевни патишта, OFF THE ROAD си прави своја функционална наративна заобиколница, актуелизарајќи ги малите нешта, личните сообраќајници кои несомнено водат до истата цел – добра книга.
По збирката раскази „Кротки приказни“ (2006) со која Анѓелков низ дваесетте раскази се најави себеси како „кроток“ раскажувач со сензибилно писмо кој меко и ненаметливо (ама направо!) ни се пика под кожа, еве го повторно „кроткиот автор“ со свеж роман, навидум неамбициозен и трајно непретенциозен книжевен текст, со одлично водена нарација од оној опасно мирен тип кој бавно и сигурно го разјадува копното, слевајќи го во коритото на својата однапред дефинирана река. Ако може да се замисли и долови најпозитивен значенски контекст за зборот „подмолно“, тогаш токму овој текст на Анѓелков е изразито „подмолна проза“ која не те принудува на ништо, а ти како читател, сепак, правиш сè како што таа ќе ти каже! Фрагментарното раскажување со мошне јасно и препознатливо одредена функција и смисла за целина, кај Анѓелков се остварува низ одличните „филмски резови“ со кои се постигнува ефект на издвојување на несекојдневното за да се исцрта што пореално токму секојдневното. Оваа раскажувачка игра на моменти е толку прецизна и вешта што може дури да се доживее како вистинска шлаканица на сите патетични раскажувачки писма од кои не е заштитена ниту нашата современа проза.
OFF THE ROAD, во најбуквалната и најбаналната смисла на зборот, не се остава од рацете кога ќе почне да се чита. Вакво меко, тивко, а истовремено моќно портретирање на ликовите со минимални и строго селектирани јазични средства одамна не сме прочитале од домашен автор. Маркирањето карактер со случка, со детаљ, сочно, драматуршки и лирски совршено одмерено не е наративна постапка за која светот (и ние во него) не сме слушнале… Сосем спротивното, Анѓелков ни го нуди она што го знаеме оддалеку, ама сега толку блиску и наше (во нашиот јазик) што можеме буквално да се огледаме во него, заклучувајќи дека „и ние можеме“ и „ние умееме“.
Иако е роман од нашите улици, OFF THE ROAD многу суптилно се одлепува од реалното и без правдање, тактизирање и наметливост, продолжува да си раскажува за неможното, за нереалното, во ниту еден сегмент не губејќи го тонот на „нормалност“. Оживувањето на мртвата мајка и нејзиното враќање во градината и во секојдневието ви се чини толку обично, како и подготовката за извесна свадба страници и страници пред тоа! Овој алмодоварски пристап е мошне редок, барем во нашата современа проза, а кај Анѓелков – мошне впечатливо „спроведен“. На овој начин, само со овој детаљ, OFF THE ROAD дискретно си преминува од жанр во жанр, од „рокенрол проза“ си прескокнува во симболична надреалност, од „роман за растењето“ во „роман за постоењето“, од прецизно лоцирано скопско предградие во која било точка од Земјината топка…
Раскажувачот не е доминантен лик, таа игра со менување на „главниот“ (со братот) во приказната си има оправдана раскажувачка поетика, речиси на ист начин како што се изоставуваат „завршниците“ на одделни настани поврзани со таткото, писмото, куршумот, соседот… Анѓелков е свесно незаинтересиран за доследност, нештата ги „зема“ толку колку што во мигот му се потребни за да постигне нешто. Потоа, потоа ги изоставува, следејќи нешто поголемо и поважно – несекојдневен прозен текст!
Завршницата, 40. глава, симулира „недореченост“ како внимателно одбран крај. Тоа е тоа што текстот и го заслужува и го бара од финишот! Анѓелков на крајот доследно останува недоследен, шармантен и неодминлив романсиер во најновата македонска книжевна продукција. Ова „доследно недоследен“ совршено го надополнува погоре спомнатото „издвојување на несекојдневното за да се исцрта што пореално токму секојдневното“!
(Поговор во романот „Крај-пат“, текст објавен и во книгата со есеи „Еден текст и една жена“ на авторката)