„Prague intima“ на Влатко Деков

„Постојат места кадешто времето е запрено, како и приказните на луѓето кои живеат таму. Се вљубуваме во овие места, тие не’ пленат и не’ претвораат во ликови од приказните кои за нив ќе ги раскажуваме подоцна. Оваа изложба е визуелна сторија токму за едно такво место. Личен, интимен портрет на еден од најубавите и најмагични места на светот, Прага“.

Со оваа кратка, но ефектна импресија, Влатко Деков ја започнува својата визуелна приказна во книгата зад која стои издавачката куќа ИЛИ-ИЛИ, за која ова е нетипично издание, знаејќи дека претежно сме фокусирани врз прозата, но кога Деков ни ја претстави неговата визија преку фотографии на еден од најубавите, ако не и најубавиот европски град и според мене, тогаш соработката беше неминовна. Додатен импулс беше и тоа што и јас пред неколку години, конечно, си го остварив сонот да го посетам градот на мојот омилен писател Франц Кафка, и слободарски да шетам низ неговите улици во 21 век, па сето ова претставено на фотографиите ми беше блиско и препознатливо.

Кога посетувам некој европски, или подобро, средноевропски град како Прага, со сета своја патина и историја зад себе, имам два начина за поминување на квалитетно време во него. Првиот е потребата да станам дел од урбаниот живот онолку колку што можам барем за време на тие неколку денови туристички престој, да влезам во положение на навиките на мештаните кои го живеат секојдневието, да купувам појадок изутрина, да ручам крај нив, да се забавувам навечер во ноќните локали кои тие ги посетуваат. Секако, ова е многу тешко да се оствари покрај илјадниците туристи кои секојдневно се движат низ градот. 

Вториот начин, пак, е осамувањето, кое поради споменатите околности, е уште потешко за реализација. Отсекогаш сум ги сакал скриените ќошиња на градовите, оние мистични улички надвор од туристичките мапи, кои кријат безброј неизговорени приказни за судбини кои можеби и никогаш нема да ги дознаеме, туку само ги насетуваме.

Токму вториот начин е она што Влатко Деков се обидел, и на крајот успешно го реализирал во своите фотографии. Без разлика кој дел од денот е, дали наутро, кога изгрева сонцето, во текот на денот, кога врие од луѓе, или приквечер, кога движењето добива поинаков ритам, и без разлика на годишното време, Деков со својот фотоапарат ги доловува токму оние моменти кои често се недофатливи доколку не ги отворите ширум сите свои сетила. Тука се препознатливите точки на Прага, неизбежните Храдчани и Карловиот мост, но најчесто неговиот фокус е врз непознатите улички, скриените скулптури кои се тука околу нас, тие постојат, но ви треба посебно чувство да ги откриете и да им дадете значење.

Деков го прави токму тоа, но ги лови во моментите на нивната осама, токму каков што е и неговиот „филм“, па заеднички создаваат едно битие на фотографиите, кое со својата тишина пулсира многу повеќе од живите луѓе кои поминуваат секојдневно крај него. Со тоа авторот на оваа прекрасна изложба создава автентична поетика на својот визуелен израз и не’ „заробува“ во убавината на деталите на прекрасната Прага. Црно-белиот шарм на фотографиите е оној додатен шлагворт врз целата концепција, бидејќи само во црно-белото можете да ги замислите и да ги видите сите бои на светот. А што претставува светот доколку заборавиме на фантазијата!?

Токму затоа Ви посакувам и Вие вечерва со отворено срце да ја доживеете магијата на овие фотографии, а на авторот Влатко Деков да го заврши патувањето со оваа прекрасна изложба онаму кадешто треба, во срцето на Прага. Но, се’ ми се чини дека градот на Кафка има уште многу приказни за раскажување, и дека авторот и понатаму ќе ги реоткрива неговите тајни, за некоја следна изложба, можеби овде, на истото место.

Дотогаш, доживејте ја вечерва Прага на интимен начин, токму како што гласи и насловот на оваа изложба, а потоа, на заминување, купете ја и книгата/каталог како интимен сувенир од Вашето вечерашно доживување. Уживајте.

*Промотивен говор од отворањето на изложбата со фотографии „Prague intima“ на Влатко Деков, на 05 февруари 2020 година во НЛБ галеријата. Изложбата ќе трае до 17 февруари.

 

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *