ИЛИ-ИЛИ ја заокружува својата есенска издавачка приказна со новата прозна книга насловена „Приказни на тивок оган“ од Светлана Камџијаш. Се работи за збирка раскази која фигурира како 178 издание во популарната едиција „ПРОаЗА“.
Гоце Смилевски за книгата вели: „Расказите во збирката „Приказни на тивок оган“ на Светлана Камџијаш се создадени со длабока мисла, широка емоција и висока ерудиција, со буен стил и прецизна структура. Нив авторката успеала да ги напише со онаа тешко остварлива виртуозност која подразбира да се раскаже флуидно она што е најтешко за искажување. Способност која можеби најдобро може да се опише ако се обидеме да преобликуваме една констатација искажана за лик во еден од расказите во оваа книга: „Невидливото го правеше видливо“. За неа, за нејзината раскажувачка умешност и уметност, тоа би било: Невидливото и тешко искажливото го прави видливо, преку зборовите. Во тоа искажување на она што најчесто останува обвиено од молкот, Светлана Камџијаш тргнува од деталот и стигнува до сепроникнувачка целина, започнува со мигот и го опфаќа животот. Авторката како да ги вткала во своите раскази сите уметности, и ова не го велам само затоа што некои од нејзините ликови се уметници, туку пред сѐ затоа што самиот живот, самото човеково постоење во расказите на Камџијаш е доживеано и раскажано како уметност“.
Светлана Камџијаш предава философија, естетика и етика на Педагошкиот Факултет во Скопје. Досега објавила книги од областа на философијата: „Ведите и Упанишадите – сликата на светот”, „Крајната слобода во философијата веданта”, „Од брегот на реката Ганг” и „Шест Упанишади”, како и две поетски книги: „Чекори во летот” и „Небо-индиго”.