Ова е третиот напис од серијалот текстови за македонската музичка сцена во 90-те, покрај оној за „Нашински звук“ и „Балкан експрес“. Ова интервју е правено на диктафон во автомобил на паркингот пред хотелот „Холидеј ин“, тогашен „Гранд хотел“, во центарот на Скопје.
Како почнавме? Па, Баба имаше идеја да снимиме нешто во студио. Без некоја посебна намера, едноставно да се сними некоја ствар. Завршивме со гитарите и Баба си бараше човек што ќе отпее и Чуле онака случајно налета од негде и као, Дај ја ќе пробам. Напиша човекот текст и ја отпеа песната. Тогаш почнував да работам во студио и бидејќи тоа ми беше прва снимка, технички беше многу лоша. Може да се каже никаква, меѓутоа као идеја ни се допадна и почнавме да работиме на тоа да си снимаме ствари. Добро беше тоа што и Зоки ни даде, као она, Слободно снимајте што сакате. Ова се случуваше кон крајот на 93-та, а потоа… после Бела рада влезе во контекст (екс-бубњарот на Сет и Плајваз) и Лаки – бас.
Не знам како би го дефинирал целиот проект пошто никогаш не сме работеле како бенд, не сме имале концерти, немаме ни проби правено, мислам, јеби га. Иако имаше поволни критики во Хрватска и некои понуди за Словенија. Се’ што имаме направено е во студио и на снимка, од кои две ствари имаат излезено (Корпус деликти и Нашински звук).
Планот беше да се оди во Италија да се соберат некои пари, да се купи опрема и да се почне да се работи, но… тоа малку се раздолжи, изгледа дека на луѓето им се свиѓа таму. Ако се вратат ќе продолжиме, јас веќе работам и тоа ќе оди како Скарвош. Планирам да издадам EP, во меѓувреме ако некој од членовите се врати одма ќе влезе во проектот, сигурно. Во секој случај финалниот продукт ќе го имам за некои два месеци од сега. Може да се случи пред или после тоа да излезе касета со осум ствари кои се снимени одамна и со сите членови, но кои бараат нов ремикс.
Бидејќи работам како снимател во „Нашински звук“ имам шанса од блиску да видам како работат новиве бендови и она што ми се допаѓа е дека постојано има нови и нови фаци. Порано се’ што се случуваше на рокенрол сцената го ставаа во еден концепт, сега сето тоа се разигра и почна да личи на нешто урбано, барем според мене. И многу ми е драго што и техно музиката е конечно присутна во Скопје. И ваљда допрва ќе следат оние вистински работи од она што го нуди техното, надвор ко што гледам се случуваат чуда. Бев во Хрватска и имав шанса да видам какви рејвови прават, мислам, тоа е лудница. Почнува рејвот во една дискотека, па после десетина саати се префрла во друга, па после тоа одат на отворено, како покрај Сарај, езерото Матка. Па потоа на друго место, и така со денови. Се чувствува дека во градот се случува нешто, постојано гледаш исти фаци кои се шетаат ваму-таму. Супер.
Звукот што ме интересира е специфичен и бара опрема. Јас работам со обичен сајзер, дури не знам ни која марка е, го третирам како играчка. Ќе одберам една боичка и ја пуштам низ студиски процесор, има дисторзии, дилеји, хоруси, и добивам експериментален звук што кореспондира со идејата. Во случајот со „Импакт“, ствар која се наоѓа на компилацијата на „Нашински звук“, звукот што многумина ги потсеќа на гајди и зурли и кој оди во позадината е гитара, неколку пати наснимена, се разбира со ефекти. Иако првобитната идеја не беше да се добие таков изворен звук. Во почетокот се тоа само скици, седнувам на ритам машината и так, так, после тоа лепам разни работи, а откако ќе добијам визија, седнувам и ја обработувам.
@Текстот е објавен во „Маргина“ бр. 23-25 од јануари-март 1996 година. Интервјуто го водеа Елеонора Стојановиќ – Нора и мојата маленкост.