Кон филмот „Сведок“ на Митко Панов
Од нигде никаде, без пожелна и вообичаена медиумска помпа, овие денови публиката беше во можност да го гледа новото остварување на режисерот Митко Панов, насловено „Сведок“, во еден, во најмала рака, чуден термин, во 15 часот во киното „Милениум“. Откако во неколку ситуации во минатото ми се случило во вакви термини „да бакнам врата“, откако бев единствениот заинтересиран за проекцијата, најпрво вчера утро културно се јавив на билетарата од каде ми објаснија дека „филм сигурно ќе има“, и откако ми беше загарантирано правото на проекција, во закажаниот термин дојдов, си купив билет, и како по обичај, единствениот со кого ќе ја делев салата, сè до моментот кога се отворија вратите, беше професорот Стефан Сидовски, со кого си направивме фин вовед во она што следува, и кој всушност ми објасни дека веќе одредено време токму тој термин, 15 часот, е резервиран за филмови од европската кинематографија, но дека посетата била минорна. За среќа, пред почетокот на проекцијата се појавија уште шест љубители на филмската уметност, и шоуто можеше да почне.
А помина повеќе од една година (9 декември 2017), кога бев поканет на премиерата од затворен тип на филмот на Панов, на која поради приватни причини не можев да присуствувам, сигурен дека во следните денови филмот ќе игра и на редовниот репертоар. Сепак, тоа не се случи. Но, ваквиот след на настаните, кога се работи за промоцијата на филмовите на Митко Панов, не е новина, бидејќи и претходното негово остварување од 2010 година, „Војната заврши“, помина „срамежливо“ на кино репертоарот, тогаш во новото кино кое почна да функцинира во трговскиот центар „Рамстор“, а кое во меѓувреме згасна. Една од забелешките оди токму во таа насока, во „срамежливото“ промовирање на филмот, бидејќи сепак се работи за Седмата уметност, која барем во денешната експанзија на (социјални) медиуми и нивното несомнено влијание треба крајно да се експлоатира и искористи во промоција на сопствениот продукт.
Кога се обидувате да направите филм со холивудски вкус, притоа запазувајќи ги жанровските одредници на драмата (или политичкиот трилер, во поширок контекст), а не нудите ништо ново, или подобро, нешто оригинално и свое, туку се обидувате школски да ги следите правилата на игра, на крајот со сигурност ќе навлезете во зоната на повторување на материјалот, неумешно обидувајќи се да ја извадите приказната од калта, а единствена опција ви остануваат стереотипите кои колку-толку ќе го задоволат вкусот на поширокиот аудиториум. Токму тоа се случува со филмот „Сведок“ на Митко Панов, кој, како и во случајот со претходното негово остварување, се зафаќа со третирање на приказна од ова поднебје, но со универзален предзнак. Иако малку задоцнето, откако кинематографиите од поранешните ју-држави во изминатите две декади снимија еден куп филмови за војната на Балканот во 90-те, Панов сепак е доследен во својата замисла, овој пат вклучувајќи го и Хашкиот трибунал како рамноправен дел од „балканскиот лонец“. Притоа, заплетот е едноставен, хашки стажант е во потрага по сведок на Балканот, откако не можат да обезбедат доволно докази да осудат очевиден злосторник, додека, веќе споменав, расплетот е прилично прозаичен.
Уште од самата шпица, направена во холивудски манир, се насетуваат контурите на ова остварување на Панов. Интересниот вовед со документаристички снимки, како своевиден пресек и сведоштво за м(р)ачните 90-ти, навестуваат дејствие во кое сè е неизвесно, но само доколку добро ја водите приказната. Солидните поенти во сценариото, кое Панов го потпишува заедно со Владислав Пашиковски и Дејвид Рикер, од типот „Хаг е Југославија во мало“ и „Војната е рај за психопати“, даваат добра подлога за понатамошен развој, меѓутоа, во вториот дел од филмот сето тоа се разводенува, како авторот да немал храброст да се соочи со материјалот и да го претстави на пожесток начин. На тоа се надоврзува и неинвентивното користење на музиката во поголемиот дел од сцените, иако композициите на Зоран Маџиров звучат инспиративно, па со тоа е пропуштена можноста истата да биде уште еден врзувачки елемент кој значајно ќе придонесе за подобрување на филмското доживување.
Сепак, најголем „грев“ на оваа швајцарско-македонско-ирско-хрватска копродукција е неискористувањето на актерските потенцијали на докажани големини како Бруно Ганц, односно, ѕвездата во подем, Падрек Дилејни. Чувствителниот ангел од Вендерсовиот „Небото над Берлин“, или подобро, уверливиот Хитлер при неговите последни бункерски денови во „Пад“ од 2004 година, за жал, е ставен во рамка која би можел да ја одигра било кој актер од овие простори. Ганц се обидува да се прикаже во најдобро светло, но само во оние сцени во кои има можност тоа да го стори благодарение на мизансценот и квалитетните реплики, додека во останатиот дел тој е бледа сенка на своите актерски можности. Актерот кој блесна во канскиот лауреат „Ветрот што го заниша јачменот“ на Кен Лоуч, пак, чија присутност на екранот е константна, исто така има свои проблесоци, но кутриот Дилејни, на крајот мораше да се соочи и да влезе во неизбежниот и груб сиво-маслинест шинел, потсетувајќи нè на славните партизански филмови со кои неизбежно растевме. За жал, во таквата поставеност на нештата не можат до израз да дојдат ниту македонските актери, талентираната Наташа Петровиќ и секогаш провокативниот Рефет Абази.
Користењето на фолклорни елементи од овие, балкански простори, е сосема легитимна формула при креирањето на едно дело, вклучувајќи ги тука и референците, притоа повикувајќи се на одредена кинематографија во минатото. Криење на раненикот во црква, вадење на куршум со сопствениот нож и еден куп слични решенија се рецидиви од минатото, додека поткупот како валидна балканска категорија, читањето на Алан Форд на еден од ликовите, и особено користењето на легендарните музички теми „Земја“ на ЕКВ и „Балкане мој“ на Азра како карактерно обележје на ова поднебје е блед и неуспешен авторски продор во суштината на ликовите и филмската атмосфера. И зошто, по ѓаволите, ликовите зборуваат на англиски? Тоа е сериозна непромисленост. На крајот Панов, сепак, добро ја заокружува приказната, поентирајќи дека секој прогонувач еден ден се соочува да се најде од спротивната страна, односно, да стане прогонет, и да одговара за своите постапки. Луѓето како генералот Радин можеби со своето сведочење можат да го сменат светот, меѓутоа, додека тие се наоѓаат под чадорот на локалните правила на игра, лудилото продолжува и понатаму. Ваквата (судска) разрешница одамна е практика на овие простори.
Со „Сведок“, Панов ја заокружува неформалната трилогија започната со „Другари“ во 2000 година, а продолжена со погоре споменатиот „Војната заврши“. Филмот минатиот ноември беше дел од Интернационалниот фестивал во Женева. Кај нас кој го виде – го виде. До следниот термин.
(Текстот е објавен на kinoteka.mk и на kritika.mk)