Деновиве од печат излезе книгата „Слобода“ од Леа Ипи во издание на „Или-Или“, која постигна завиден успех во изминативе години и беше закитена со еден куп награди. Се работи за моќна мемоарска книга во која се истражува сложената и бурна патека на растењето и созревањето во посткомунистичка Албанија. Имено, како млада ученичка Ипи била воспитувана под строгиот режим на тоталитарна власт која им ветувала на своите граѓани иднина во совршена слобода. Но, кога падна режимот во Албанија, основите на нејзиното општество се урнаа и светот на Ипи беше изненадно прекинат. Нејзината приказна ги води читателите низ период на интензивни лични и политички превирања, додека таа го сведочи распадот на комунизмот, појавата на неолиберализмот и своето сопствено созревање.
Со живо раскажување и длабоки размислувања, Ипи ја истражува длабоката контрадикторност на концептот на слободата, идентитетот и цената на промените. Уникатната перспектива на авторката нуди интимно и интелектуално истражување на тоа што значи да бидеш слободен, и во теоријата и во реалноста.
Книгата е лауреат на наградите Ондатје од Кралското книжевно друштво, Слајтли Фокст за најдобро прво биографско дело, а беше во најтесен избор за наградите Коста, Бејли Гифорд и Гордон Бирн. За книга на годината ја прогласија Њујоркер, Вашингтон пост, Фајненшел тајмс, Тајмсовиот книжевен додаток, Форин аферс, Сандеј тајмс…
Еве што велат критичарите и писателите за делото на Ипи:
„Книгата на Ипи е полна со проникливи согледби, како за семејството, така и за политиката. Ипи е одлична писателка и сериозна политичка мислителка, и на само неколку стотини интересни страници, таа наизменично е остро, но и мрачно смешна (ги критикува и Сталинизмот и Светската банка со еднаква жестокост) и навистина е длабоко аналитична“. Макс Штрасер, Њујорк Тајмс
„Млад живот што се одвива среде големи историски промени: идеологија, војна, загуба, неизвесност. Ова е историја која е незаборавно и моќно оживеана“. Тара Вестовер, автор на Образована
„Како книга што освестува и што е субверзина, Слобода бара од нас да размислиме што се случува со нашите идеали кога ќе дојдат во контакт со несовршени места и луѓе, и што може да се спаси од урнатините на минатото“. Азар Нафиси, автор на Читајќи ја Лолита во Техеран
Леа Ипи е родена 1979 година во Драч, Албанија Таа е универзитетски професор, предава политичка теорија на Лондонската школа за економија (London School of Economics). Студирала филозофија и литература на римскиот универзитет Сапиенца, а докторирала на Европскиот универзитетски институт (EUI) во Фиренца. Полето на нејзиниот научен интерес ја опфаќа нормативната политичка теорија, политичката мисла на Просветителството (Кант), се занимава со марксизам, критичка теорија, национализам, интелектуална историја на Балканот (особено на Албанија). Објавила бројни трудови во областа на политичката теорија. Британскиот часопис „Проспект“ ја вброи меѓу десетте најзначајни светски мислители.