На денешен ден пред 80 години нашето Скопје беше ослободено од клетите окупатори, по што градот плански се развиваше во современа метропола, во која и денес живееме, твориме, пееме и се смееме – доколку на работите гледаме од позитивната страна. Оние од другата страна на огледалото се повеќе на број, но денес не е моментот за потенцирање на поинаквиот вид на урбана окупација со која се соочуваме, почнувајќи од градежната мафија, па се’ понатаму. Да се вратиме на темата. Како потсетување на тие бурни денови при крајот на Втората светска војна, во прилог еден историски артефакт изложен во постојаната поставка во Музејот на град Скопје на старата железничка станица, прогласот со кој се објавува дека Скопје е ослободено од страна на 42-та македонска дивизија и останатите организирани воени единици.
„Главниот град на слободна Македонија во демократска и федеративна Југославија, градот на Орце Николов, Цветан Димов и стотици други народни борци – Скопје је ослободено.
Во ослободуенето на Скопје зедоа участие единиците на 42 македонска дивизија и други единици на нашата славна Народно-ослободителна војска. Градот беше превземен после дводневни улични борби, благодарение на геројските граѓани на Скопје што бестрашно помагаа на нашите борци, многу минирани згради беа на време спасени.
Германците дадоа голем број убити и пленети. Нашите единици плениа богат војни материјал. На железничката станица, која падна здрава во наши раце, пленети се известен број локомотиви и неколку вагона натоварени со топови, што германците не успеада ги извлечат.
ДА ЖИВЕЕ СЛОБОДНО СКОПЈЕ!
Да живее слободна Македонија во демократска и федеративна Југославија“.