Заводливата длабочина на едноставноста

Кон театарската адаптација на романот „Снег“ од Максанс Фермин

Во понеделникот во МКЦ, популарната „Денсинг сала“ во која вообичаено уживаме во концертните настани беше сосема непрепознатлива. Како да влегувате во временска машина која ве носи пар векови во минатото, во земјата на изгрејсонцето. „Виновникот“ за оваа поинаква реалност е сценографијата за претставата „Снег“, која по минатомесечната премиерна изведба повторно се врати на сцената, на исклучително задоволство на пристутните.

Ме израдува кога прочитав дека режисерката Зоја Бузалковска се нафатила да го адаптира кусиот роман на францускиот писател Максанс Фермин, кој ИЛИ-ИЛИ го издаде пред речиси 20 години како издание број 5 во популарната едиција „ПРОаЗА“. Мојата фотографија на корицата, направена при еден мартовски обид за посета на Галичник, кога неколкуметарскиот ѕид од снег и мраз не ни дозволи да продолжиме понатаму, одлично се поклопи со дејствието во книгата. Совршениот превод на хаику и хаибуни мајсторот Владимир Мартиновски беше уште една битна коцка во мозаикот ова објавено дело да остане во пријатни сеќавања на еден период кога издаваштвото ни беше на почетоците, не претпоставувајќи дека ќе стигнеме веќе над 300 и кусур објавени наслови. Затоа, по пропуштената премиера, ми претставуваше вистински предизвик да видам што направиле Зоја и младите момци и девојки од колективот „Штрих“ на сцената.

Поезија, калиграфија, музика, танцување и сликарство, тоа се петте скалила кои мора да ги совлада еден човек, за потоа со право да биде прогласен за ценет уметник. Јуко Акита стартува со хаикуто, таа минијатурна форма во 17 слога, која со малку зборови кажува многу. Негова фиксација е снегот, тоа совршено белило кое го инспирира да напише многу песни што го возвишуваат животот на еден поинаков начин. Но, тоа не е доволно. Навлегувајќи во суштината на едноставноста на размислувањето, Максанс Фермин на крајот од минатиот милениум напиша дело кое многумина веднаш го споредија со многу попознатиот роман „Свила“ од Алесандро Барико. Но „Снег“ зрачи со автентична, засебна убавина, која на сцената е пренесена прецизно, до најситниот детаљ. Затоа што деталите се важни, тоа се оние финеси кои најчесто ја кројат човечката судбина.

Ние, седумдесетината среќници за присуство на оваа изведба на претставата (затоа што седум е среќниот број на Јуко), зачекоруваме во домот на осумтемина избрани за реализација на некогашниот свет во кој владеел заносот, хармонијата, честа, емпатијата кон Другиот, сето тоа под закрила на уметноста. Зачекоруваме во просторијата која претставува цел еден свет, односно, Јапонија во мало. Протагонистите не’ дочекуваат со насмевка додека ги заземаме своите места, едни на клупите, други долу, крснозе на подот, и приказната може да почне. Да, таа, приказната. Или знаете да ја раскажете, или не знаете. А Бузалковска и колективот „Штрих“ се во совршена синтеза на сцената, прикажувајќи го најдоброто од себе.

Приказната за растењето и созревањето, за љубовта и патешествието, за загубата и себепронаоѓањето особено добива на интензитет откако и публиката е комплетно вовлечена во дејствието. Ние сме гости во оваа соба, во овој мал-голем свет, послужени сме со вкусен чај од јасмин, иако можеби треба да се размисли и за саке, но веројатно тоа би го надминал буџетот на проектот. Шега на страна, овој детал комплетно ги освојува присутните, кои до крајот на претставата дишат заедно со актерите, следејќи ја нивната уверлива игра на сцената.

И не само тоа. Воодушевува јазикот на минимализмот, односно, со малку да се стори многу: розевата цреша во аголот, хаику песните кои лебдат во воздухот, снегот од пердуви кој лета врз публиката, „волшебниот“ најлон како главен елемент што предизвикува бура од емоции, пресврт во дејствието, „свич“ толку потребен за придвижување напред, кон следната фаза. Овие „ситници“ не ја обременуваат сликата пред вас, туку учествуваат во совршеното имплементирање на идеите на писателот во театарската претстава, кое на крајот резултира со притаено, но моќно задоволство од прикажаното и виденото.

Снег е чист како снег: мошне тешко е да се најде и еден излишен збор (сцена). Некои реченици со својата сликовитост, елиптичност и епифанична енергија дури наликуваат на хаику во проза. Нарацијата тече ненаметливо, сосема природно, грациозно и со поразувачка едноставност, како снегулка која танцува во воздухот. Токму поради елегантноста и прочистеноста во изразот, Снег се чита (се гледа/доживува) како мала рапсодија во бело“, вели Мартиновски во поговорот кон книгата, а јас безобразно го надополнувам во изразот со коментарите во загради, бидејќи сето она што тој го кажува за книгата, совршено одговара и на изведбата на сцената. „Читањето“ и во обата медиума е совршено компатибилно. А зарем уметностите не се надополнуваат една со друга, би заклучил главниот лик Јуко Акита.

Двете исклучителни сцени во претставата, кои ја носат потребната возбуда на едно повисоко, квалитативно ниво, е одењето по воздухот на еквилибристката Неж, и нејзиното пронаоѓање во ледениот ковчег високо горе, во јапонските Алпи. Суптилноста со која тие измамуваат емоции кај публиката навистина плени. Нивната спротивност на нишалото – едната набиена со врамнотежен адреналин, а другата со божја милост – е капката врз заедничкиот емотивен занес во кој не’ внесоа нас, присутните во публиката. Стариот поет-мудрец Сосеки тоа совршено го контемплира во исказот во кој ја велича убавината на пишаниот збор: „За поетот е најтешко да остане непрекинато врз јажето на пишувањето, секој миг од животот да го живее на висината на сонот, никогаш да не слегува, дури ни за миг, од јажето на својата имагинација. Навистина, најтешко е да се стане танчар врз јажето на зборот“.

И на крајот, по овие импресии, заклучокот сам се наметнува: за разлика од редовниот репертоар на театарските институции, каде само одвреме-навреме ќе видиме нешто поинакво и различно, силата отсекогаш лежела во алтернативните проекти како овој. Доколку сакате нов израз и нешто сосема различно од меинстрим претставите, тогаш морате да ги поддржите ваквите, условно, „мали“ театарски проблесоци, кои всушност се големи во својата суштина поради ентузијазмот и енергијата вложени во нив, прикажувајќи го духот на едно време можеби далечно и недофатливо за нас, но со малку труд и добри идеи, сепак и повеќе од остварливо. Затоа, уловете ја следната изведба на „Снег“ и уживајте во заводливата длабочина на едноставноста.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *