Сè започна од прекрасните инсерти што ги добив, со музика од сугестивните „Ентони енд д Џонсон“. За жал, на крајот не успеале да ги добијат правата за користењето на музиката, и истите сцени изгледаа сосема различно во рамките на филмот. Нејсе. По повод светската претпремиера на филмот, во КИЦ во Скопје прес-конференција за новинарите, која ја покривме во „Филмополис“ број 225, и на која беа присутни, покрај Иво Трајков и Верица Недевска-Трајкова, и тогашниот директор на Филмскиот фонд, Дејан Илиев, кој нагласи дека стратегијата е поддржување условно мали филмови со големо срце, алудирајќи на буџетот од 650 илјади евра со кои беше снимен филмот на Трајков. На пресот во Скопје присуствуваше и дел од чешката екипа во филмот: Јиржи Конечни – продуцент, Давид Швехлих – актер, и Клаус Фуксјегер – кинематографер од Австрија. По половина година, официјална кинопремиера на 12. издание на Скопскиот филмски фестивал, кој по кризата што го зафати, се бараше себеси, сместувајќи се моментно во Кинотеката на Македонија. Еве го и официјалниот кавер на таа фестивалска премиерна вечер на „Созерцание“ (или „Патот на Јозеф“, за оние што заборавија) во „Филмополис“ 251.
Вообичаена практика на домашните филмски фестивали е во нивни рамки да се случи барем една премиера на целовечерен филм потпишана од македонски автор. Оваа година таа чест му припадна на Иво Трајков, кој по „Големата вода“ и „Филм“, го потпиша и новото остварување со наслов „Созерцание“. Претпремиерата на овој филм се случи минатиот октомври во киното „Милениум“, а по премиерата на СФФ, тој ќе биде дел од репертоарот на кинотeчното кино во средината на следниот месец.
– По „Филм“ следува „Созерцание“, уште една медитација на тема, која не е за широка публика. Решени сте да ги следите сопствените инстинкти!?
Иво Трајков: Реткост е денес човек да си дозволи да сними еден ваков егзистенцијален авторски филм што многу не е забавен и не е правен за забава, бидејќи продуцентите секогаш очекуваат парите да се вратат, но јас велам дека покрај тоа треба да правиме и филмови што треба да останат за историјата на кинематографијата. Тоа за мене е вистинско задоволство и секогаш предизвикува среќа, барем кај мене. Начинот на кој филмот е правен и начинот на кој човек размислува за еден ваков филм е логична постапка и се очекува дека неговата публика е синефилската, односно посетителите на кинотечните клубови и арт-хаус кината. Чудно би било човек да има слобода да се изразува во еден авторски филм без никаков притисок од никого, а во исто време да очекува дека ќе направи бокс-офис успех, како со некоја холивудска комедија. Во тој случај, или се лаже себеси, или ја лаже публиката. Ова е еден сосема искрен филм, што не значи дека би ја потценил публиката, зашто мислам дека ова е филм што може секој да го гледа, само треба да се биде отворен.
„Созерцание“ е македонско-чешка копродукција и е поддржан од Филмскиот фонд на Република Македонија и Филмскиот фонд на Република Чешка. Филмот е снимен минатото лето во и околината на Прага. Креативниот и актерскиот тим на филмот е составен од автори и актери од двете земји. Дел од премиерата во Скопје беа и директорот на фотографија Клаус Фуксјегер и ангелот во филмот, актерот Карел Зима, кои во минатото веќе имаат соработувано со Трајков на пар проекти. Еве ги и нивните впечатоци.
Клаус Фуксјегер: Откако во 1998 година го снимивме „Минато“, ова ни е втора соработка со Иво Трајков, и тоа со истиот актер, Карел Зима, кој овде го игра ангелот.
Карел Зима: Иво е мој долгогодишен пријател, се знаеме речиси 20 години, и тој за мене е како брат-близнак, и затоа мислам дека го зборуваме истиот филмски јазик.
К.Ф. Не знам за Иво, но за мене ова беше совршена соработка затоа што не се каравме, туку имавме конструктивни дискусии, а не хистерични врескања и слично. Ние имаме исто чувство и вкус за филмовите и како тие треба да се направат.
К.З. Овој филм е сосема различен од претходните на кои соработувавме со Иво, бидејќи сите сцени беа однапред подготвени. Имаше премногу огледала и сè беше до милиметар испланирано.
К.Ф. Иако сценариото за мене не беше многу интересно, сакав повторно да соработувам со Иво поради чувството на креација и сатисфакција и повторната можност да си играм со јазикот на филмот. Иво не сака реалистична фотографија, туку стилизирана, и навистина ми беше предизвик да го снимам филмот.
К.З. Ова е мое мислење, но јас не ги разбирам американските режисери и луѓето таму, бидејќи сите нешто изведуваат, врескаат, а тоа е нешто што за мене нема значење. Јас го разбирам Иво, ја разбирам Македонија, го сакам и Скопје и луѓето овде.
Темата на овој филм е конфликтот на поединецот помеѓу неговата слободна волја и предестинираната судбина, а заклучокот што произлегува од оваа деликатна приказна на главниот лик Јосиф е созерцанието, будење и откривање на вистинскиот пат и способноста да се предизвикаат промени врз сопствената судбина. Оригиналното сценарио на „Созерцание“ го потпишаа Владислав Климент и Алан Смисик.
Иво Трајков: Сценариото е на двајца мои пријатели, и кога ми го понудија, долго не можев да го најдам клучот и што јас би можел да придонесам за снимање една таква приказна. На крај она што ме убеди и привлече, е аспектот на еден ангел како лик во филмот, а се однесува и прави сè на таков начин што можеби потсетува на сè друго, но не на еден ангел. И тоа е еден интересен тест за авторот да раскажува на таков начин, но можеби станува збор и за период од мојот живот, во кој имам чувство дека треба да раскажам некои работи кои од мој аспект се многу важни, а се надевам дека истите публиката ќе ги препознае и ќе ги протолкува на нивен сопствен начин.
Иако се појавува во последните дваесетина минути од филмот, единствената македонска актерка во него, Верица Недевска-Трајкова, сепак, ја одигрува својата прва улога на чешки јазик токму во филмот на својот сопруг.
Верица Недевска-Трајкова: Морам да признаам дека на почетокот имав мала трема, но Иво пред да стане мој сопруг, беше мој режисер додека ја работевме „Големата вода“, така што донекаде го знаев неговиот начин на работа. Но, секој проект е нов, и имав страв да не се измешаат професионалното со приватното, но напротив, мислам дека тоа уште повеќе ни помогна полесно да се разбираме и сè течеше глатко. Јас ги сакам филмовите на Иво, особено овој проект што за мене беше исклучително важен бидејќи е прв филм во кој зборувам чешки, а исто важно ми беше што повторно бев дел од една прекрасна атмосфера работејќи со луѓе што знаат да работат. Мојот професор Владимир Милчин постојано ни потенцираше дека не е важен резултатот, туку патот до него, и во тоа има огромна вистина. Еве, резултатот вечерва ќе трае 90 минути, а снимањето трае неколку месеци. Инаку, филмот веќе почна да живее, имаше дистрибуција во Чешка и се надевам дека публиката вистински ќе го засака.
На прва топка, појавата на ангелот во филмот кај многумина предизвикува асоцијација на Вим Вендерс и култниот „Небото над Берлин“.
Иво Трајков: Не ми пречи споредбата, има и многу други филмови со ангели. Овој филм ни оддалеку не е ниту сличен ниту инспириран од „Небото над Берлин“, и со голема почест велам – камо да беше, нели. Овој филм е поблизок до филмовите на Антониони, или до таа источно-централно европска кинематографија, и ако некој сака да бара некаква моја потсвесна инспирација, повеќе би ја барал во тие филмови како „Црвената пустина“ отколку во „Небото над Берлин“.
Интересно е тоа што филмот на Трајков има дури три наслови: „Созерцание“ за македонската публика, „Опашката на гуштерот“ за чешката и „Wingless“, или „Без крилја“ за англиското говорно подрачје. Музиката ја компонираше струмичкиот виртуоз на шишиња, Зоран Маџиров, а македонски продуцент е Роберт Јазаџиски и неговата куќа „Кавал филм“.
(Прилогот е емитуван во „ФИЛМОПОЛИС“ 251, а транскриптот и воведниот текст се објавени во книгата „ФИЛМ.МКД“)