Бегство од данокот

Граќаните на Њујорк сведочат дека присуството на Стоунси го закочило сообраќајот во Големото јаболко, па морале да бараат алтернативни начини на транспрот за да ги завршат своите зацртани обврски. Мик Џегер, Кит Ричардс и Чарли Вотс беа дел од премиерата на документарецот „Стоунси во прогонство“, која, интересно, се случи во славниот МоМА, Музеј на модерната уметност во Њујорк.

Се’ уште се свежи сеќавањата од прекрасниот документарен филм на Мартин Скорсезе за свирките на бендот токму во Њујорк (во „Бикон“ театарот), спакувани под името „Блескај светлино“ (2008). Но Стоунси мора постојано да бидат во центарот на вниманието, па само две години подоцна повторно се актуелни со нов документарец, за кој се смета дека неговото појавување е добар маркетиншки потег поради паралелното излегување на реизданието на легендарниот албум „Exile on main street“ од 1972 година, колекција која ги содржи класиците како „Happy“, „Rip this joint“ и „Tumbling dice“, омилената тема од албумот на Мик Џегер. Тој вели дека музичката компанија сакала да го реиздаде албумот вметнувајќи нови песни, но знаел оти нема ништо да најдат. Сепак, по долго истражување, Џегер успеал да исчепка неколку песни од сесиите при снимањето на албумот, кои потоа неправедно отпаднале, но кои ете, сега се дел од реизданието на албумот.

Инаку, неговиот наслов произлегол од ситуацијата во која тогаш се наоѓале, бегството од матичната Британија поради неплаќање на данок. Стоунси песните ги снимиле во една изнајмена вила на југот од Франција, за која Кит Ричардс во филмот вели дека се наоѓала во прекрасна средина, но дека условите за работа биле очајни. Сепак, на крајот резултатот бил и повеќе од задоволувачки, бидејќи и ден-денес критичарите и фановите „Егзајл“ го сметаат за едне од најдобрите албуми на „старците со младешка енергија“.

Рокументарецот „Стоунси во прогонство“ го режираше Стивен Кајџек, истиот содржи досега необјавени фотки од бендот, како и снимки од сесиите во Франција, кои потоа биле миксани во Л.А. По премиерата во Њујорк, филмот беше дел и од програмата на Канскиот филмски фестивал, каде присуството на членовите на бендот на славната Кроазета исто така го закочи сообраќајот во градот на Азурниот брег.

https://www.youtube.com/watch?v=UXcqcdYABFw

@Текстот е објавен во неделникот „Глобус“ на 24 август 2010 година.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *