Еве еден одамна објавен текст кој секогаш ќе биде релевантен за читање, бидејќи како одминува времето, светот се’ повеќе се менува (на лошо), а без Корто Малтезе во него, тој од ден на ден останува и без смисла. Неговиот автор, Хравтот Игор Штикс, е писател со меѓународно реноме, чиј роман „Столот на Елијах“ (ИЛИ-ИЛИ, 2007, превод: Деспина Ангеловска) во Македонија предизвика голем интерес и тиражот беше прилично бргу распродаден.
Не знам оригинално во кој медиум е објавен овој текст за Корто, а јас го преземам од е-магазинот „Блесок“ на покојниот Игор Исаковски (во превод на Ана Димишковска – Трајаноска), објавен во бр. 34 на 01 септември 2003, што претставува уште една убава симболика. Многу, многу драг текст за мене. Уживајте 😉
Кога Корто имал десет години, живеел во Кордоба со мајка си, шпанска Циганка, прочуената Ниња Гибралтарска, и со татко си, британски морнар. Едно попладне, мајчината пријателка Амалија посакала да ја прочита судбината на детето од неговата дланка. Со ужас забележала дека Корто воопшто не ја поседува линијата на среќата. Со цел да го надополни тој сериозен пропуст на природата и да одговори на оваа, можеби прва провокација на судбината во неговиот случај, момчето во истиот час посегнало по татковиот брич и си врежало долга и длабока линија на среќата која од тој миг ќе ја краси неговата дланка. Така, се тврди, почнале животните перипетии на овој знаменит морнар со обетка во левото уво, авантурист и анархист, според некои – непоправлив меланхолик и романтичар, а според други – обичен криумчар и гусар.
Премиерата на анимираниот филм на Паскал Морели минатата есен во Париз, ме потсети на овој величествен лик и на неговиот творец, Хуго Прат, но и на еден непријатен факт. Излегувајќи од киното, откако повеќе од еден час го гледав Малтежанецот на платното, ми падна на ум дека всушност, зачекорувам во светот без Корто. Таа помисла ме вознемири, па се обидов да ѝ најдам некакво објаснување, впуштајќи се во еден паралелен биографски слалом. Одлучив, имено, да ги споредам Корто и Прат, понесен од фактичките совпаѓања и од спротивностите помеѓу животот на уметникот и на неговата творба. Впрочем, зар и самиот Прат не сакаше, честопати, да го впише знакот за еднаквост или барем кривулестиот симбол на сличноста помеѓу него и Корто, а притоа обично се повикуваше на Песоа и на тврдењето дека човекот е она што е и она што сонува дека е. Уште еден поет, се чини, тука игра важна улога. Секако, во прашање е Рембо, чии стихови ги читаме во етиопските згоди на Корто Малтезе. Јас е некој друг, аксиомата на тој млад француски криумчар на оружје на некој мистериозен начин се вмешала во создавањето на митот за Корто Малтезе. Најпосле, колку Прат и да се служеше со сопствениот животен вруток при конципирањето на својот најпознат лик, се чини дека приказната за Корто повратно влијаела и на историјатот на Пратовиот живот, барем на оној кој ѝ го пружи на јавноста. Како морнарот да станал она неодвоиво друго, вистинското alter ego на својот креатор, она што е, она што би сакал да биде, она за што сонува. Но, да тргнеме, сепак, по ред во расплетувањето на тие необични врски кои создадоа една неодолива стапица за читателот.
Веднаш треба да се каже дека на самиот Прат не му требаа премногу поттици за мечтаење. Животната врвица со полно право го сместува рамо до рамо со скитачите, номадите, лажливците, еретиците и илузионистите, како Корто. Се раѓа во Римини, но за свој град сепак ја избира Венеција. Како и на Корто, татко му е со далечно британско потекло, а мајка му потомок на Сефардите, кои преку Турција се скротуваат во Мурано. „Јас сум копиле со огромно педигре“, весело ја завршуваше Прат приказната за своите британски, турски, шпански и еврејски корени. Тврдеше дека дури и наследил еден стар клуч од крајот на 15 век, кој сефардските членови на неговото семејство го донеле по протерувањето од Шпанија и дека со нив успеал да ги отвори капиите на една куќа во Толедо, пет столетија подоцна. Податоците што ги имаме за Пратовиот живот сепак мораат да се земат со определена резерва, особено ако самиот тој бил нивниот извор. „Својот живот можам да го раскажам на тринаесет различни начини“, велел. Мистификациите и подметнувањата на непроверливи но возбудливи факти во стварната животна врвица, претставуваат задолжителен дел на неговите автобиографски трикови. И додека Корто првите авантури ги има искусено во Кина за време на востанието на Боксерите со само тринаесет години, авантуристичкиот живот на неговиот творец започнал на слична доба со заминувањето во италијанската Абисинија, каде што Пратовиот татко, како заколнат фашист, добива државна служба. Токму како „најмлад Мусолиниев црнокошулаш“, како што се фалел, во Етиопија го поминал детството, научил некои локални дијалекти и го гледал распаѓањето на италијанскиот колонијален сон. Од тоа време се влече и неговата слабост спрема униформите. Имал само шеснаесет години кога се вратил во Венеција, каде што нацистите го уапсиле како јужноафрикански шпион. Овој податок е несомнено вистинит, а уште повистинито е Пратовото бегство, преку партизаните, во сојузничката војска. Со нив ќе го дочека и крајот на војната, како преведувач при британската армија. По сите тие возбудувања се враќа во Венеција, но, со немирен дух, нема долго да се задржи во Европа. Во Аргентина, во која во тоа време засолниште нашле многу европски цртачи, ќе помине барем десетина години. Таму, како што вели, освен Х.Л. Борхес, ги сретнал и сите видови очајници од стариот свет, поранешни усташи и нацисти, а меѓу нив, како што тврди, дури и самиот Ајхман. Враќањето во Европа на почетокот на шеесеттите години ќе го мотивира, се разбира, комплицираната врска со некоја таинствена жена.
Корто Малтезе, пак, настанува во подоцнежната фаза од Пратовата кариера. Неговото име не е случајно. Corto на шпанскиот жаргон може да значи крадец, арамија и гусар, што ја обележува неговата авантуристичка нарав и работата со којашто се занимава, додека Maltese јасно упатува на местото на неговото раѓање, островот Малта, кој токму тие години ја стекнува независноста, Кортовата основна особина. Осумдесет години порано, во 1887, прочуениот морнар се родил во Ла Валета. Во архивите на сите пристанишни капетании и крајбрежни стражи се опишуваат неговиот висок раст, елегантниот морнарски костум, капетанската капа и обетката во левото уво. Тој детаљ им кажува нешто единствено на познавачите на сините мориња, бидејќи обетката во левото уво е знак за припадност кон трговската морнарица и потврда за преминувањето на Кејп Хорн. Му припишуваат и пријателство со Распучин, дезертерот од царската армија и верниот, иако непредвидлив другар, како и со Џек Лондон, дописникот на американските весници, кого го сретнал во 1904 година во Манџурија, за време на Руско-јапонската војна. Забележано е, исто така, дека на почетокот на Првата светска војна криумчарел стока за Германците, дека во 1917 година е учесник во поморската битка на Јадранот, а во 1918 – сведок на конечниот пад на големиот Црвен барон.
Наклонетоста кон револуционерната кауза, која тие години го тресеше светот, ја има докажано повеќе пати. Кога веќе мора да се избира, револуцијата му е секогаш поблиска, а тоа е особено јасно во епизодите од Азија. Токму Кортовиот излет во Сибир во 1919 година, Паскал Морели го избира за тема на својот анимиран филм, кој на јунакот од стрипот му дава нешто мошне необично, дури и непријатно за љубителите на Пратовата умешност, имено – движење и глас. Во тоа време, додека беснее граѓанската војна во Русија, еден блиндиран воз полн со царското злато патува низ Сибир. Тајното кинеско комунистичко здружение Црвени светилки го пронаоѓа Корто во Хонг Конг и го моли да им помогне да се доберат до тоа злато, секако, во име на повисоките цели. Корто ја прифаќа понудата и ја одлага расправата за наградата. Како и обично, со парите не му оди баш најдобро. Така се вплеткува во азискиот хаос, со кого доминираат убавите грофици, споулавените барони, азиските господари на војната и револуционерните сили пред кои допрва стои иднината. Најпосле, Корто успева да им помогне на своите црвени пријатели и да се извлече од сето тоа жив и без скршена пара, но неговата сентиментална природа не може да ги раздвои работата и чувствата. Така Корто сепак страда од наклоноста кон Чангај Ли, младата и опасна комесарка, идната соработничка на Мао Це Тунг. Револуцијата и љубовта не одат заедно, мораше да сфати Корто, уште еднаш да го стегне својот морнарски капут и да ја остави Чангај Ли на патот кон поубавото и посветло утре, излегувајќи од таа возбудлива епизода со уште една рана на срцето.
И тука, ох, се открива Кортовата болест, имено, неговите сериозни проблеми со женте. И додека Хуго Прат одеше од една до друга како некаква немирна лаѓа и освен тоа тврдеше дека има дете со амазонска Индијанка, на својот лик никогаш му нема припишано слични својства. Корто беше и остана човек на една жена, наспроти повремените вљубувања кои можат да ѝ се припишат на наговата меланхолична нарав. Нејзиното име е Банши О’Денен. Таа Ирка ја запознал за време на Ирската револуција и само неа, од сите жени, ја повикал да појде со него на несигурните и егзотични патувања. Банши – ах! – одбила, уверена дека им донесува несреќа на оние кои ги сака. По оваа изјава засекогаш препукнува срцето на романтичниот морнар. Останатите жени му донесувале само неволји. Или се обидувале да го убијат, како Венексијана Стивенсон, или сериозно му стоеле на патот во служба на непријателот, или пак тој убивал заради нив, како во случајот на Луиза Бруксович, настрадана во ланецот на проституцијата, која ја одмаздил наполнувајќи го со олово телото на аргентинскиот шеф на полицијата, проклетиот Естевез.
После опишаната сибирска епизода се впушта во потрага по ризницата на Александар Македонски и на тој пат за малку ќе се простеше од животот. За разлика од Ј.Б. Тито, Корто на Сталин ќе му каже „благодарам“, а не навредливото „не“, бидејќи, имено, самиот товариш Сталин му ја спаси главата. Во Азербејџан, Корто паѓа во стапицата на Црвената армија. Локалните офицери, по разработената метода, веднаш го водат на стрелање, бидејќи тие не можат да знаат дека тогашниот советски секретар за национални прашања и Корто се запознале во Анкона уште во 1907 година, кога Џугашвили бил само скромен рецепционер на крајбрежниот хотел. „Се сеќаваш ли на Анкона?“, ќе рече Корто, кога Сталин ќе му одговори од другата страна на жицата. Брзата интервенција на државниот раководител ќе го врати во живот и ќе му овозможи да ја продолжи започнатата авантура, на крајот на која пак ќе остане со празни џебови. Сепак, „благодарам, другар Сталин!“
Покрај повремените гусарења, патувањата по Африка и Јужна Америка, како и воведувањето во кабалистичките учења, таа лична авантура лишена од поголем историски контекст, Корто Малтезе за последен пат ќе се врати на сцената на светските случувања на почетокот на Шпанската граѓанска војна. На почетокот на таа „последна романтична војна“, во која сè уште вредеше да се учествува, го наоѓаме, секако, во републиканските редови како член на интернационалните бригади. Така, поразот на републиканците во 1939 година ќе го следи и еден ретко споменуван, дури и премолчуван настан: Кортовото дефинитивно исчезнување. Толкувањата ќе се сменуваат едно по друго. Познавањето на Тората и на Талмудот, како и средбите со големите учени, ќе ја поддржуваат теоријата на неговите пријатели и обожаватели, според која тој намерно исчезнал од окото на јавноста и според која и ден-денес, упатен во тајните на бесмртноста, незабележано скита по светот. Зар не го потврдува тоа и епизодата од Швајцарија од дамнешната 1924 година, кога Корто во сон ја испил Парацелзусовата напивка која го направила бесмртен? Самиот Прат, под притисок, ќе ги демантира вознемирувачките вести за Кортовата смрт, а едно писмо датирано од 1956 би требало да посведочи за повлекувањето и мирниот живот на кој наводно му се предал, далеку од светскиот хаос. Можеби на некој карипски остров конечно успеал да ја прочита Моровата Утопија, книгата која за време на животот меѓу луѓето не успеал да ја разбере наспроти повеќекратните обиди. Или можеби навистина дошол до крајот на онаа линија којашто татковиот брич ја всекол во неговата дланка она дамнешно попладне во Кордоба, исчезнувајќи на тој начин во вителот на една војна која засекогаш уништила некои прекрасни илузии? Целосното повлекување од тој надоаѓачки свет, заминувањето без траги, би бил, всушност, најверодостојниот Кортов одговор.
Како и да било, убавиот морнар така за последен пат на својот начин ја крена јаката и му го сврте грбот на современиот свет, лишен од предизвици и од вистински авантури. Светот во кој старомодниот костум на британската морнарица, разговорите со галебите, тенките бели цигари, несмасностите со жените и лошото ракување со парите, би биле смешни како што обично се смешни хероите од минатите времиња. Имено, „во светот во кој сè е електронизирано“, како што подоцна заклучува Прат, „во кој сè е пресметано и индустријализирано, нема место за типови како Корто“. Малтежанецот тоа добро го знаеше. Самиот Прат, пак, не се предаваше лесно. Уживаше во светската слава престојувајќи во вилата во Швајцарија, меѓу своите триесет илјади книги, и му годеше да го нарекуваат со Кортовото име. Како сопствениот лик, сопственото другода го надминало, па беше потребно внимателно да го раскажува својот живот, за барем донекаде да му се приближи на оној за кој мечтаеше, а кој наместо него го искуси Корто. И навистина, тој волшебен порив Корто го ширеше и на своите читатели. Како елегантниот морнар, во „електронизираниот и пресметан свет“, да е токму она коешто секој жител на планетава која ја вртат профитот и нееднаквоста, би посакал да биде барем за кратко. Со дупнати џебови и склоност кон галебите, со својот отпор кон секој авторитет, со непочитувањето на државните закони, граници и општествени правила, но не и без сопствен морал кој им го претпоставува, Корто е целосен аутсајдер. Неговиот циничен поглед врз непроменливоста на човечките работи, негрижливиот однос спрема драматичните историски настани во кои е вплеткан, и изразитата чувствителност за несреќата на другите, прават од оваа мешавина на невешт крадец и духовен аристократ, вистински антијунак на нашето време. Тој е оној капетан кој вешто управува со лаѓата на која се качуваме сонувајќи дека сме нешто друго, бродот кој барем за миг нè води далеку од светот без Корто.