Кога ќе се спомене жанрот „научна фантастика“ во книжевноста, првите асоцијации се имињата на Артур Кларк, Исак Асимов и Френк Херберт, меѓу другото, и поради успешната екранизација на дел од нивните романи, потоа, Вилијам Гибсон и Брус Стерлинг заради „киберпанкот“ и освежувањето на жанрот во последните две децении од минатиот век, и, ако одиме подалеку во минатото, неодминливите Жил Верн и Херберт Џорџ Велс. Листата секако е многу подолга, но ете, ги споменавме можеби најважните и најпопуларните носители на научната фантастика во литературата. Но кој е првиот автор со зачуван ракопис кој ја пуштил својата фантазија до неограничени пространства, успевајќи да создаде привлечна приказна која и по толку многу време е релевантна и денес, во новиот милениум? Одговорот е Лукијан од Самосата, кој во вториот век од нашата ера ја напишал „Вистинска приказна“, праќајќи ги читателите дури на Месечината.
