Пред некој ден во Сули ан домашните филмофили имаа можност на големото платно да го гледаат убедливо најдобриот европски филм за минатата 2016 година, „Тони Ердман“, во рамките на Кафе киното како дел од традиционалното Скопско лето, кое патем, годинава има навистина интересна програма. Филмот кој во декември на доделувањето на Европските филмски награди во Вроцлав (Полска) освои сè што можеше да се освои во главните категории (најдобар филм, режисер, сценарио, актерка, актер) со право може да се каже дека претставува полн погодок, бидејќи ја репрезентира токму европската кинематографија во целина, и сето она што таа со години се обидува да го наметне како начин на размислување при реализацијата на едно филмско дело. Снимен речиси во целост со ‘камера од рака’, германскиот филм иако трае 155 минути, во ниту еден момент не е здодевен. Напротив. Секоја сцена има свое зошто и свое затоа при плетењето на приказната за карактерите, чии односи се крајно сложени, меѓутоа, како тече филмот, истите се обидуваат да дојдат до своја кристализација, до самопрочистување. А како да се стигне до тој момент, ако не со глумење на „нормално лудило“!? Затоа што во овој свет кој нема да полуди , тој навистина е луд 🙂