На 24 октомври во славниот париски Лувр беше отворена изложбата по повод 500-годишнината од смртта на италијанскиот ренесансен сликар Леонардо да Винчи (1452-1519). По еднодецениски преговори и подготовки, на најсеопфатата изложба досега се претставени околу 160 дела на славниот уметник, и освен оние кои веќе се во каталогот на Лувр, вклучувајќи ја и „Мона Лиза“, можат да се видат и дела позајмени од колекциите на други институции од целиот свет. На 26 ноември и нашиот Музеј на град Скопје, во соработка со Асоцијацијата за култура ИКОН, се приклучи кон иницијативата за славење на ликот и делото на да Винчи со изложбата насловена „Во слава на леонардо“, на која се претставени дела од 12 македонски уметници инспирирани токму од сликарското творештво на италијанскиот ренесансен гениј.

