Синоќа во неофицијалниот главен град на прекрасната Далмација започна 12-то издание на „Фестивалот на медитерански филм Сплит“ (во продолжение: ФМФС). Сплиќаните, но и туристите со кои градот веќе изобилува (посетителите од азискиот континент со своите фотоапарати во Далмација се најбројни и највпечатливи), на свој начин, опуштено и со девизата „полако“ го наполнија прекрасниот простор во летното кино „Бачвице“ седејќи на тревата, на клупите, на „ѕидчето“ и каде уште не, и создадоа атмосфера типична за овие медитерански простори, овој пат славејќи ја Седмата уметност. Директорот на фестивалот Ален Мунитиќ и останатите гости, според протоколот, ни посакаа добредојде на новото издание на фестивалот, кој нуди богата програма од 70 филмови од 32 медитерански земји, со посебен програмски фокус врз земјите од Јужна Америка и Шведска.